Левица: Скандалозните и неделовнички изјави на Гаши, ја ставаат партијата на Мицкоски со 58 пратеници во потчинета положба
Објавено во: Македонија 15 Јануари, 2025
Изјавите во однос на интерпелацијата на пратеничката Даути, кои деновиве доаѓаат од т.н албански политички блок и од претседателот на Собранието, Африм Гаши, само ја покажуваат нивната неуставна политичка култура на дејствување, при што дури и уставно предвидениот институт „интерпелација” се обидуваат да го толкуваат низ етничка димензија. Ова го посочуваат денеска од опозициската „Левица“ од каде остро реагираат на изјавите на Гаши.
- Скандалозните и неделовнички изјави на Гаши дека нема да го достави усвоениот Заклучок од интерпелацијата е флагрантен израз на неговото самоволие, кое ја става партијата на Мицкоски со 58 пратеници во потчинета положба. Насилничкото делување на Гаши, со кое се узурпира волјата на законодавниот дом, само ги потврди тезите на Левица дека спикерското место не смее да припадне на необалистичка партија со два пратеници - нагласуваат од „Левица“.
Укажуваат дека изјавите дека интерпелацијата нема правно обврзувачко дејство е елементарно непочитување на Уставот и на законодавниот дом, како највисок орган кој врши контрола над работата над избраните и именуваните функционери.
- Интерпелацијата за пратеничката од Алијанса за Албанците беше изгласана со апсолутно мнозинство од страна на пратениците, односно со 61 пратеник, што директно ја имплицира тежината на политичката одлука. Доколку апсолутно мнозинство од 61 пратеник е доволно дури и за изгласување на недоверба на влада, нејасно е како одредени политички чинители свесно го деградираат Уставот и изјавуваат дека ова мнозинство не е доволно за разрешување на претседател на собраниска комисија?! - нагласуваат од „Левица“.
Од партијата велата дека очекуваат пратеничката Даути да ја демонстрира својата политичка одговорност и да го сочува својот интегритет како пратеник во Собранието, со тоа што ќе го испочитува усвоениот Заклучок во Собранието, каде јасно е прецизирано дека Даути, како претседател на собраниска комисија, го прекршила Деловникот на Собранието.
- Во спротивно, Левица е подготвена да иницира предлог за разрешување до собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, со која претседава пратеникот од редовите на ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски. Очекуваме владејачкото мнозинство да го предложи ваквиот издржан предлог на Левица, со цел заштита на законодавниот дом од самоволието на одредени политички чинители - се нагласува во соопштението испратено до медиумите.
Воедно, со цел да ги разјаснат неуставните толкувања во јавноста, од партијата потенцираат дека правните норми се јасни: владејачкото мнозинство преку собраниската комисија има правна можност и обврска да ја разреши Илире Даути, доколку таа продолжи да го крши Деловникот и не си поднесе оставка од функцијата претседател на комисијата.
За Левица, Илире Даути со изгласаната интерпелација е разрешена од претседател на Комисијата за социјална политика, демографија и млади.
- Засрамувачки е што спикерот Гаши и неговата партија се обидуваат да спечалат етнички поени врз кршење на законските и деловничките норми и продолжуваат со деструктивните политики каде што застана ДУИ - заклучуваат во нивното соопштение.