25 Април, 2024
0.0277

Лицето и опачината за ангажирањето на бесплатни странски експерти

Објавено во: Колумни 25 Ноември, 2013

Добивај вести на Viber

Потегот на владата со кој се обезбедува стотина фирми во земјата да добијат бесплатни совети од странски експерти има лице и опачина. На страната на лицето се афирмира потребата од стручност во водењето на бизнисите, но, на страната на опачината се признава дека бројните институции во земјата не ги продуцираат потребните кадри ниту за малите и средните претпријатија, па затоа фирмите бараат бесплатна странска експертска помош.  Притоа јасно е дека нема „бесплатно“ ангажирање. Бесплатно е само за фирмите. Цехот ќе го плати владата, со сиот ризик „бесплатното“ да се покаже како најскапо. Но, она што во целата приказна посебно боди очи е фактот што при скоро неколку годишна експанзија на високобразовните институции во земјата и кадрите кои се профилираат, се  бараат странски експерти. И не само што  бараат туку се надеваат дека тие експерти ќе дојдат, ќе видат и ќе ги решат проблемите. Значи во случајов имаме ситуација, која за да ја разбереме најдобро треба да го видиме нејзиното лице, но и опачината. Од една страна се признава потребата од кадри кои се оспособени да се справуваат со проблемите на производството и услугите во современите услови на работење, а од друга страна, идиректно,  се укажува дека системот на едукација кај нас, и покрај реформите, не создава такви кадри. Симптоматично е што во илјадници високо образовани  и неколку стотини магистри од сите струки не можат да се пронајдат стотина или двесте кои можат да одговорат на потребите на фирмите,  па мораме и да ги увезуваме. А ако навистина ги нема, тогаш треба сериозно да се преиспита или начинот на едуцирање на кадрите или начинот на планирање на потребните кадри или, можеби, двата начини истовремено. Но, тука ќе мора со прст да се покаже кон институциите, со цел да се надминат неповолните резултати. Тргнувајќи од самата идеја да се бараат странски експерти, при голем број на невработени високообразовани и магистри, произлегува дека системот на образование не ги задоволува потребите на фирмите, односно претставува јавно признание на владата дека едукацијата не ги антиципира  потребите на бизнисот. Од друга страна, интересно ќе биде да се види за кои задачи се бараат странски извршители. Просто е неверојатно дека при постојниот број на високообразовни институции нема некоја која образува и такви кадри. А ако се неквалитетно едуцирани, тогаш институциите треба да се преиспитаат. Барателите, веројатно ќе треба да покажат дека барале, но не нашле соодветни експерти во земјата. Би било корисно, пред да се ангажираат странски експерти, да се напипа и интересот на домашните, се разбира и со понуда на примањата (плати и бонуси) приближна на тие кои ќе им се понудат на странските експерти. И бизнисмените кои барат „бесплатни експерти“ и владата треба да знаат дека квалитетот доаѓа со парите. Впрочем, треба  да се провери дали странските ексепрти не се поголеми експерти затоа што се наградуваат со неколку кратно  поголеми плати. А јас верувам дека не се само странците кои даваат повеќе ако им се плати соодветно на придонесот. Време е тоа да го сфатат и сопствениците на фирмите и врвните менаџери во акционерските друштва. Големиот интерес на фирмите за ваквиот тип на странска помош меѓу другото се должи и на фактот што на тој начин, тие ќе се „доберат“ до бесплатно  ангажирање на потребни експерти, бидејќи, според условите,  во најголем број случаи фирмите нема да имаат трошоци за овие експерти или би можело да се плаќа минимален надомест, а времетраењето на нивното ангажирање ќе зависи од потребите на компаниите. Очигледно е дека не е неважно, која е причината за барањата на странска експертска помош, бидејќи оправдување за ваков потег има само ако нема соодветни кадри во земјата. Би била чиста штета ако такви постојат во земјата, а се ангажираат странски. Не треба да се има илузии дека странските експерти како поединци можат многу побрзо  да придонесат за зголемување на економскиот потенцијал на компаниите, за отворање на нови работни места и за подигнување на стандардот на вработените, како што очекува владата. Тие не можат да ги менуваат условите за стопанисување.  А ако условите се поповолни, и домашните бизнисмени  и експертски кадри  ќе можат да придонесат за остварување на владините очекувања. Дискусијата за лицето и опачината на странската бесплатна експертска помош се оправдува и со информацијата за тоа кои се фирмите на кои им е потребна. Од неа, тешко е да се насети дека такви кадри не можат да се најдат во земјата. Пријавените „за помош“ се фирми од целата територија на земјата, од различни сектори на стопанисување и со различен број на вработени. Сепак, речиси половината се од скопскиот регион, а другите од десеттина општински центри. Гледано секторски, најголем дел се од преработувачката индустрија, од ИКТ секторот, од земјоделството, од градежништвото, од трговијата итн. Над половина од фирмите имаат од 5-50 вработени, 27 вработуваат од над 50 до 300 вработени, а 13 ангажираат над 300 вработени. Од овие податоци не може да се види кој вид кадри од калибар на странски експерти ќе може да се ангажира во претежно мали и средни фирми. Затоа ќе биде добро да се укаже и на тоа какви експертски знаења и умеења очекуваат таквите фирми и дали тие не можат да бидат пружени и од домашни високообразовани кадри, ако им се плати според вложениот труд и резултатите од трудот. Не верувам дека странските експерти ќе дадат повеќе ако им се плаќа како на домашните високообразовани експерти во определени области на стопанисувањето. Под такви услови тие нема ни да дојдат. А ако им се плаќа многу повеќе, вреди да се обидеме прво такви да најдеме во илјадниците дипломирани невработени од сите струки и од веќе вработените кои, недоволно мотивирани, не го даваат максимумот од своето знаење и вештини. Д-р Крсте Шајноски  

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД