ЛУЃЕТО СИ НАРАЧУВААТ ЗА ГОЛЕМИОТ ПРАЗНИК ВЕЛИГДЕН: Колку чинат селските јајца?
Објавено во: Економија 03 Април, 2025 07:52
На социјалните мрежи многу луѓе нудат селски јајца, бидејќи се ближи големиот христијански празник Велигден, а цените се 12, 14 или 15 денари за јајце. За Велигден, домаќинките вапцаат јајца и тоа е симболот на празникот.
Оние кои продаваат селски јајца, велат дека веќе имаат нарачки. Според нив, постојат редовни муштерии кои се спремни да платат поскапо, но сакаат селски јајца и го ценат квалитетот.
„Луѓето купуваат јајца за Велигден, но не верувам дека цената ќе се зголеми, барем кај мене тоа нема да се случи. Ќе остане 12 денари по јајце. Горе -долу цела година е таа цена. Почнаа да нарачуваат за Велигден. Купуваат по 1,2,3 табли јајца, секој според потреба. Не додаваме адитиви, ниту витамини на живината, чисто природно е и луѓето тоа го ценат“, вели Славица Спирковска од Прилеп.
Но, како и за многу други намирници, дел од производителите и цената на јајцата ја зголемуваат во пресрет на празникот.
„Јас ги продавам по 10 денари за јајце и цената не ја зголемувам, оти си имам редовни муштерии. Веќе нарачуваат за празникот. По 30 до 60 јајца обично земаат. Редовни муштерии ми се тие, од Скопје. Со време си резервираат јајца. Не се случило некој на два -три дена пред празникот да бара да купи јајца, однапред си планираат. Си има побарувачка преку цела година. Има повеќе луѓе што продаваат селски јајца во овој крај“, вели жител на Чучер-Сандево.
Некаде има и огласи за продажба на селски јајца по цена од 20 денари.
„Јас за 12 денари ги продавам, а реалната цена е 15 денари. Пченица, пченка, јачмен, трудот, ветеринарни трошоци мора да покриеме. Некои продаваат и поскапо, си го ценат трудот, но мислам дека треба да си се поддржуваме затоа што само така овој сектор може да опстане“, вели млада скопјанка.
Инаку, бројот на живината во 2024 година, во споредба со претходната година, е намален за 9.9 отсто според податоците на Државниот завод за статистика(ДЗС). Живина има 1.573.294 грла од кои 268.673 се во деловните субјекти, а 1.304.621 се во индивидуалните земјоделски стопанства. Производството на јајца во 2024 година во однос на 2023 година е намалено. Но, претходно било обратно, односно во 2023 година имало поголемо производство на јајца во однос на 2022 година. И во 2022 година во однос на една година претходно, производството на јајца било поголемо во земјава.
Минатиот месец медиумите пишуваа дека во Европа има одредена криза за јајца. Ширењето на птичјиот грип во Европа и во САД, предизвика нарушувања во производството во живинарскиот сектор.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com/KamranAydinov
Можеби ќе ве интересира
ВАЛУТАТА ПОТОНА: Се тргуваат 1,3 милиони риали за еден американски долар
Најскапиот град во светот за излегување е во Азија
Сијарто: Унгарија потпиша договор со САД за снабдување со течен природен гас
Каде во Србија пензионерите најчесто купуваат недвижнини?
Објавен e план за решавање на кризата со домувањето во Европа: Ќе бидат потребни два милиони станови годишно
Од 2027 година, ќе биде потребен дигитален пасош за облека за пазарот во ЕУ
Божиновска во Прага: македонскиот електроенергетски систем се усогласува со европските оперативни стандарди
Дурмиши: Јајцата поскапеа поради цените на светските берзи




