Добивај вести на Viber
Царинските службеници на граничните премини низ државата и мобилните царински тимови при Секторот за контрола и истраги во текот на изминатите денови спречија обиди за криумчарење семки и масло од канабис, ноќна облека „Викторија Сикрет“ и „Гучи“, значителна количина цигари, а спречен е и нелегален влез на мигранти.
Ова го објавија од Царинската управа утрово од каде споделија и фотографии од новите заплени.
- Мобилен царински тим спречи обид за криумчарење 14 семки од канабис и 0,5 грама масло од канабис, коишто американски патник се обидел да ги внесе во државата преку Меѓународен Аеродром Скопје.
Царински службеници на граничен премин Богородица спречија нелегален влез на тројца илегални мигранти, државјани на Египет. Мигрантите се откриени при контрола на товарно моторно возило каде биле скриени во просторот за палети.
Царински службеници на влез во државата на Меѓународен Аеродром Скопје спречија обид за шверц на 400 парчиња женска долна и ноќна облека со потписот на „Викторија Сикрет“ и „Гучи“ - потенцираат од управата.
Потоа додаваат дека царински службеници на Меѓународен Аеродром Скопје запленија 850 парчиња играчки поради основано сомнение за повреда на право од интелектуална сопственост.
- Мобилен царински тим откри три илјади парчиња цигари и еден килограм тутун во личниот багаж на патник, македонски државјанин, кој требало да патува за Лондон.
Во друг случај, на граничниот премин Богородица, во кабината на камион со цистерна, под тапацирот на една од фиоките, царински службеници открија 11 штеки цигари.
Музички инструменти, аудио опрема и друга електроника се запленети во три случаи на влез во државата на граничните премини Табановце и Меѓународен Аеродром Скопје, откако царински службеници и мобилен тим ги открија во возила со кои македонски и странски државјани се обиделе да ги криумчарат. Запленетата стока е со проценета вредност од 736 илјади денари - соопштуваат од Царинската управа.
Од управата потенцираат дека во првиот случај, откриен на граничниот премин Табановце, во багажникот биле откриени 5 музички инструменти (вклучувајќи синтисајзери, кларинет и саксофон), перална машина и компјутерски монитор со вредност од 588.833 денари.
Во вториот случај, откриен исто на Табановце, мобилен царински тим заплени употребувана аудио опрема скриена во автомобил.
Во третиот случај, на Меѓународен Аеродром Скопје, царинските службеници открија електрични тапани и аудио опрема Roland.
- Царински службеници на граничен премин Табановце во два случаи спречија обиди за нелегален внес на девизи во износ од 21 илјада евра. Во првиот случај при контрола на автобус, во личната торбичка на еден од патниците се пронајдени 19.600 евра. Во вториот случај, во возило со кое патувале двајца патници се пронајдени вкупно 31.400 евра.
Службата за мобилни скенери, во кабина на камион што бил пријавен како празен, на влез во државата на граничниот премин Табановце, откри вкупно 105 парчиња облека и обувки, како и друга разновидна стока со вкупна вредност од 170 илјади денари.
Автомобилска опрема со вкупна вредност од над 100 илјади денари е откриена при контрола на камион на влез во државата на граничен премин Табановце.
На граничниот премин Блаце царински службеници спречија обид за криумчарење на 20 парчиња автомобилски делови за возила од марката „Хјундаи“ - се потенцира на крајот од соопштението.