30 Април, 2024
0.0273

Луна парк и рингишпил, вртете сè и радувајте сè!

Објавено во: Колумни 01 Декември, 2015

Добивај вести на Viber

Легендата Балашевиќ, на својот концерт во кој доминираше сатира и метафора на нашата општествена ситуација, меѓу песните кои имаа силна порака, мене посебно ме разигра Рингишпил. Не знам зошто но од моето тинејџерство, кога за прв пат ја чув, оваа песна има посебно место во мојот музички дискурс, едноставна, со певлив мелос и  со стихови својствени на Балашевиќ. Слушајќи ја и потпевнувајќи ја никогаш и нешто посебно не сум ја анализирала, барајќи во неа некоја симболика за некој општествен феномен или ситуација, но потпевнувајќи ги деновиве стиховите од истата, ми светна одеднаш пораката што може од неа да се изнедри. Алелуја-новиот предлог на градските татковци и дебатата околу него, баснословна сума за нов луна парк и нов рингишпил...јес.... Воскликнав прво од радост и на глас запеав... „О дај окрени, тај рингишпил у мојој глави...бар једну  жељу испуни и додај свету мало боје-чудо моје“ ( Дај заврти го рингишпилов во мојата глава...и барем една желба исполни и додај му на светот малку боја-чудо мое)...Ми текна, ама не свртив  никому со радост да му речам ми текна, туку сама си размислував, па да тоа е она што толку  во овие мигови нам ни треба, таа е таа насушна потреба која ќе ги восдигне граѓаните, тоа е суштественото нешто што толку ќе не направи посреќни.  Рингишпилот кој ќе се врти во градскиот луна парк ќе ни ја врати надежта во подобро утре, бидејќи така вртејќи се, ќе подзаборавиме, барем за миг, на суровото секојдневие. Вртејќи се, ќе се радуваме и светки ќе ни се прикажуваат, а во тие моменти можеби и ќе сонуваме и фантазираме, ќе замислуваме како живееме живот од соништата, како живееме во изобилие, а хедонизмот ни е само страс за задоволување на нашата суета. Уф што убаво и навистина се замислив себе си како се вртам на шареното коњче, радосна, насмеана, воскликната, но тогаш ме врати во реалноста силната кашлица и сама себе си се прекорив-мораше ли сега да се закашлам, мораше ли сега да отворам прозор за малку воздух(каков и да е) да влезе во мојата соба. Секако голем аплауз и големо браво за градските татковци што како приоритет за финансирање го одбрале луна паркот и рингишпилот во него. Па нормално кога и нема други проблеми, а и многу е поубаво луѓето да се вртат и да сонуваат. Ама како ќе сонуваат ако повеќето од нив кашлаат и тоа како резултат на енормната загаденост. Истите тие луѓе кои треба своите внуци и деца да ги однесат во новиот луна парк не ќе можат тоа да го сторат бидејќи нема да можат да излезат од своите домови, некои од нив ги нападнале алергиите, некои асмата, некои бактерии, но сето тоа како резултат на загаденоста и нечистиот воздух. А колку само аларми се кренаа од самите граѓани за загаденоста и последиците по неа врз човековото здравје, колку само граѓански иницијативи се покренаа, колку молби од лица кои се гушат во смогот стигнаа до надлежните, но од таму само молк и понекоја реакција, секако млака, со омиленото им зборче-ќе се преземе нешто, ама што конкретно се уште не знаеме.  Да не говорам за нехигиената, да не говорам за непостоење на канализациона мрежа близу централното градско јадро, да не говорам за други проблеми, не не се тие битни, битен е луна паркот. Ах Марија Антоанета и те како си сега актуелна во нашето ни општество. Секој добронамерник и совесен граѓанин може да оцени и процени приоритети и посебно во време кога му е нарушено неговото здравје, кога се гуши во смогот и гнасотијата, во време кога не може да излезе од својот дом за да си ги набави основните намирници бидејќи се плаши дека излегувањето може да биде болно по него. Розевите очила одамна не се во мода, сивилото продре и низ нив и со индигнација можам да кажам дека без оглед на сарказмот кој го користев сепак треба рациото да почне да доминира и да се сфатат и разберат приоритетите, бидејќи ако не се постапи така, ќе остане само рингишпилот да не врти и да ни го мати умот. П.с. Некогаш пишувам често, некогаш апстинирам, не дека нема теми, ова е лабораторија за нас социолозите, но има мигови кога нечии зборови допираат до вас, но и тогаш интелектуалното се изнедрува и критиката ја сфаќате во интелектуален контекст, токму онака како Фукујама и Хантингтон, учителот и ученикот, Судирот на цивилизации и Крајот на историјата и последниот човек.... Д-р Татјана Стојаноска Иванова Институт за социологија Филозофски факултет-Скопје

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД