04 Мај, 2024
0.0268

Магистратури, докторати и кариери

Објавено во: Колумни 22 Декември, 2015

Добивај вести на Viber

Деновиве се дигна прилична галама за докторатот на госпоѓата Јанкуловска. Разбравме дека докторирала на безбедност на тема за некаков си криминал. Простете ми на неинформираноста каде и на што точно докторирала Горде, но кога станува за дневно-политички настани сум вистински аутист. А згора, откако видов во која област отприлика е темата на докторатот не се заинтересирав посебно, оти е далеку од областа и темите што професионално мене ме засегаат.

Во оваа прилика нека ми биде дозволено овој настан, наспроти јавните дискусии, јас да го пуштам повторно низ мојата философска диоптрија и да фрлам светло на еден аспект од тој настан кој не беше тематизиран во јавниот простор. При тоа, секако, по кој знае кој пат, ризикувајќи да бидам обвинет за старомоден и конзервативен. Зошто? Затоа што некако јас поинаку го разбирам и магистрирањето и докторирањето. Некако прилично старомодно и идеалистички.

Прво, морам да кажам дека навистина ù се восхитувам на г-ѓа Јанкуловска за една карактеристика на личноста што еве јас, јавно признавам, ја немам – timemanagement. Како ли успеа? Успешен министер, посветен работник, партиски активист, сопруга,... Мене ова навистина ми е туѓо, навистина. Кога јас докторирав, јас само докторирав. Не можев умот ни за миг во тие пет години да го фокусирам на ништо друго посериозно. Можеби, иако сум од помладата генерација, но јас сум од оние кои мислеа и сеуште мислат дека вистинска, автентична работа е онаа на која сте посветени до крај, со страст и љубов. Во која се давате сто проценти, не во името на резултатот, ами во името на самото задоволство од патот што го одите. Оти, драги мои, во ниту една работа што ја работиме, резултатот не зависи сто проценти од нас, она што од нас зависи е нашата посветеност и љубов, а ако при тоа дојде и успех и резултат, тогаш е добредојден.

Мене од секогаш ми биле туѓи овие модерниве идеи на опседнатост со успехот. Денеска на (с)цена е т.н. „етика на успехот“, во која се промовира успехот како единствена мера на човекот. А што е успехот драги мои? Тоа е една празна форма во која можете да ставите сè и сешто. Успехот е една таква не-онтолошка категорија која е испразнета од секава смисла. Токму заради ваквата „етика на успехот“, денеска имате разно-разни „realityshow“– програми, „големи и мали браќа“, во кои е битно е да се „успее“! А во што!? Што прават тие луѓе, во што треба да успеат? Не е важно; и ништо да не се прави, важно е да се успее. Ако си успешен, правејќи ништо, како онаа Кардашијан, до толку подобро. Дополнително, што оваа категорија „успех“ е испразнета и од секаква морална содржина, од секаков морален императив – важно е да се успее, не е важно како, макар и наспроти моралот. Впрочем, особено наспроти моралот.

Чуму ви го пишував ова за успехот и каква има врска тоа со докторирањето на министерката...бивша? Па мислам дека има некаква. Нека ми дозволена следнава интерпретација. Имено, верувам дека и магистрирањето на премиерот за време на мандатот и докторирањето на министерката (која се надевала дека ќе биде за време на мандатот), имало, меѓу другото, за цел да ни ја демонстрира на дело таа „етика на успехот“.  Да ни прати порака – „и покрај тоа што сме министри, премиери, претседатели... и деноноќно работиме за државата и граѓаните, најдовме еве време и да магистрираме и да докторираме“. И особено, со тоа да ни пратат една порака дека образованието, науката се важни и секако на крај – и дека нè водат учени луѓе. Ова некако целосно ми се вклопува во нивната 24/7 - приказна и желбата да се успее.

Несомнено дека образованието и науката се важни, драги мои. Јас мислам дека се најважни, но баш заради тоа што се најважни, не треба да се третираат така. Како? – па само како некаков „успех“. Ете, пак наречете ме старомоден, но магистирањето, докторирањето, за мене не преставуваат никаков успех во погоре-наведената смисла. Тоа е само логичен след на еден истражувачки и творечки порив и нужен услов за влез во академија или продолжување со научно истражување и макотрпно занимавање со нешто од кое нема ниту финансиска, ниту социјална бенефит. Да се разбереме – да се работи на академија или да се занимавате со наука воопшто не е престиж, никаде во светот. Тоа е тешка аргатска работа во која надежите се огромни, а резултатите и „успехот“ неизвесни. Но, најважна е страста и посветеноста. Љубовта и чувството дека тоа што го работите е единственото нешто со смисла на овој свет. Да се чита, пишува и твори не го купуваат ниту едни пари на овој свет.

Навистина не им ги знам мотивите на дотичните да магистрираат или докторираат и не се сомневам дека тезите и резултатите што ги добиле имаат валидност и научна тежина, јас само ги интерпретирам тие чинови како мене ми се чинат и од аспект на моето разбирање на тоа што значи да се магистира или докторира. За мене, тоа не се работи во паузата, помеѓу две наредби за акција или потпишување на налози за исплата на плати во МВР; или после ноќен состанок во штабот; или после враќање од службен пат; или во авион... Не се работи како нешто ефемерно, како нешто попадно, не се докторира, само за да се биде „успешен“. Добро, еве да се корегирам – јас не би можел да го работам како ефемерно, попатно, додека истовремено сум посветен на десет тековни работи во денот и тоа –како во нивниот случај – од државно значење. Не би можел збор да напишам, книга да прочитам, литература да пронајдам, теза да поставам, анализа да направам, резултати да интерпретирам...макар ако само во екот на таа моја опседнатост и внесеност во пишувањето, сопругата ме замоли и леб да купам, а камо ли да треба да организарам акција на ЕБР.

Затоа, еве, јас јавно признавам и им честитам на организацијата на времето, посветеноста и успехот. Јас јавно се прогласувам за неуспешен, но барем нека ми биде дозволено да уживам во својата старомодност. Во моето старомодно разбирање дека творештвото е занос, опиеност на душата и оптегнатост на духот кој трепери како опна пред фактите и појавите што се истражуваат. Знаете, таа оптегнатост на духот - тоа е таа знаменита „инспирација“ за која говорат творците, поетите, научниците. Мора духот постојано да ви е оптегнат, како нежна ципа за да воопшто може ги регистрира сите тие суптилни бранувања на стварноста за да забележувате нешта што „обичните“ луѓе не ги забележуваат. А таа состојба на духот не се постигнува во паузите помеѓу две апсења на криминалци. Таа состојба затоа е и токму тоа – состојба, а не миг. Токму затоа на многумина им мувлосувал лебот, но никој од тоа не направил лек. Токму затоа на многумина можеби им паднало јаболко на глава, но само Њутн тоа паѓање го инспирирало за теоријата за универзална гравитација. Ако не сте опседнати со тоа, ако не сте посветени, ако не ја живеете науката и творештвото, сто јаболки да ви паднат на глава можат само џумки да ви направат и ништо повеќе.

Д-р Трајче Стојанов

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина