20 Април, 2024
0.0308

МАИКА претвора македонски текст во глас - Каде е иднината, интервју со Николовски од Еmit Knowlegde

Објавено во: Интервјуа 22 Јули, 2020

Добивај вести на Viber

За македонските корисници за прв пат е достапна алатката МАИКА која како веб апликација овозможува вашиот текст да се претвори го глас, односно да го прочита тоа што сте го напишеле. Зад оваа алатка стои компанијата Еmit Knowlegde, па токму со Марјан Николовски, сопственик и генерален извршен директор, разговаравме за растот на гласовните алатки и употребата на виртуелните асистенти кои стануваат неизбежен дел од нашите смартфони и уреди за домаќинство. Николовски вели дека технолошки македонскиот јазик мора да биде поставен рамо до рамо со светските јазици. МАИКА може да биде дел од смарт асистентите на технолошките гиганти како Google, Apple, Microsoft и Amazon, но смета дека Еmit Knowlegde иако започна како стартап не е главната цел да биде exit приказна.

Фактор: За прв пат на македонскиот пазар е достапна алатка која текстот го претвора во глас и тоа на македонски јазик. Како дојдовте до идеја за креирање на ваква алатка?

Николовски: Идејата првично доаѓа од потребата за креирање алатки кои ќе помогнат за збогатување на македонскиот јазик со цел технолошки да го ставиме македонскиот јазик рамо до рамо со останатите светски јазици како англиски, германски, шпански и други.

Друга инспирација ce лицата со попреченост, поконкретно лицата со оштетен вид коишто моментално немаат алатка за претворање на текст во говор на македонски јазик која е блиска на природниот говор. Недостатокот од ваква алатка им го отежнува нивното секојдневно функционирање во дигиталниот свет.

Фактор: Засега на веб верзијата на МАИКА е возможно само да се слушне напишаниот текст. Планирате ли да воведете и други функции како што е снимање на изговорениот текст, да изработите мобилна апликација и нови додатоци?

Николовски: Секако, планот на тимот на Emit Knowledge e да ја надгради МАИКА и да ја донесе на ниво на инфраструктурен проект како би била достапна за сите граѓани на Македонија. Тоа подразбира проширување на еко системот на страна од веб апликацијата која сега е досстапна како show-case.

Фактор: Кој стои зад женскиот глас на МАИКА и дали планирате да воведете и машки глас?

Николовски: На наша голема чест, гласот со кој МАИКА говори му припаѓа на еден од најпрепознатливите гласови на македонската телевизиска сцена, Лилјана Крстева. Воведување на машки глас не е во краткорочните приоритети, меѓутоа останува како опција за понатаму.

Фактор: Виртуелните гласовни асистенти забележаа огромен раст во изминатите години и нивната примена се повеќе се насочува во паметните домови како придружба на корисниците на смартфони. Може ли МAIKA да прерасне во таков вид на виртуелен гласовен асистент?

Николовски: Се согласувам, вредноста на виртуелните гласовни асистенти е во пораст, поготово кај помладите генерации кои успешно ги совладуваат и користат новите технологии. МАИКА има можност да прерасне во виртуелен гласовен асистент, меѓутоа низ дистрибуција на постоечките паметни уреди од големите компании како Google, Amazon и Microsoft.

Фактор: Македонските стартапи се трудат да се етаблираат како на домашно, така и на меѓународно ниво, но ако досега фокусот беше ставен на изградба на стартап еко-системот, големи exit приказни се уште немаме. Дали продажба на МАИКА на некој од големите технолошки брендови е дел од вашата стратегија, но и воопшто дали се создаваат услови за лансирање на таков вид на македонски стартап кој ќе вреди стотици, ако не и над една милијарда долари?

Николовски: Пред седум години, Emit Knowledge започна како стартап приказна. Целта беше/е да се создаде продукт орентирана компанија која ќе успее да биде оддржлилва од сопствените производи. Седум години подоцна, сеуште сме на истиот пат, со збогатено продуктно портфолио и успешни проекти зад себе.

Доколку имаме можност за соработка со технолошките гиганти ќе ја оствариме, меѓутоа не во духот на стартапите (EXIT).

Од аспект на вредноста на МАИКА, пазарот е релативно мал за да се постигне таков тип на монетизација.

Фактор: Што според вас е потребно за поддршка на македонските иновации, какво е вашето искуство?

Николовски: Потребно е да се работи на случајот. Низ годините имав можност да се запознаам со многу претприемачи во зародиш или wannapreneurs од нашата startup сцена. Секоја генерација е со свои изговори и оправдувања.

За да имаме од успешна приказна од типот на „стотици, ако не и над една милијарда долари“, треба упорност, многу работа и да се разбере дека водење на компанија е маратон а не спринт. Предизвици ќе има на секој чекор, како што има било која компанија насекаде ширум светот.

Фактор: Кризата со КОВИД-19 како на здравствен така и од економски аспект покажа дека дигитализацијата на општеството е неопходна и мора да биде побрза. ИКТ секторот покажа агилност и спремност да понуди голем број на бесплатни алатки за е-трговија, организација на работа од дома и бизнис дигитални услуги. Каков е придонесот на Emit Knowledge и што треба да се преземе во наредниот период?

Николовски: Одлично прашање.Emit Knowledge оствари кампања каде ја дадовме бесплатно на користење Envoice - алатка за фактурирање и наплата преку интернет.

Моето размислување е дека треба да им се помогне на бизнисите во поглед на генерирање на приходи користејќи ги достапните алатки кои ќе им помогнат да се дигитализираат. Наместо бесплатни лиценци, поголема вредност гледам во бесплатни консултантски услуги како би се овозможила соодветна едукација за оваа КОВИД/пост КОВИД ера.

Х.С.


Можеби ќе ве интересира

Со НЛБ „Рамката за помош“ заедно ќе го олесниме секојдневието на глувите лица: Анита Гаговска за Центарот за подобрување на квалитетот на живот на лицата со попреченост и нивните фамилии „Порака Нова“

Со НЛБ „Рамката за помош“ заедно ќе го олесниме секојдневието на глувите лица: Анита Гаговска за Центарот за подобрување на квалитетот на живот на лицата со попреченост и нивните фамилии „Порака Нова“