19 Март, 2024
0.0243

Мајтапчиите, Заев и Зеленски

Објавено во: Колумни 12 Јули, 2019

Добивај вести на Viber

Мајтапот на пранкерите Вован и Лексус со премиерот Зоран Заев го одзеде вниманието на јавноста  во државава деновиве. Се чини се’ заврши добро, откако Заев вчера се сретна со рускиот амбасадор во земјава, Сергеј Баздникин. Во соопштението од средбата стои дека: „Во врска со измамата со телефонски разговори од страна на двајцата руски граѓани, заемно беше изразено жалење за случајот и потврда дека тоа нема да влијае врз билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Руската Федерација“.

А така не беше во ноември 2017 година кога руското Министерство за надворешни работи реагираше на едно интервју на Заев за црногорска „АнтенаМ“. Заев тогаш беше во посета на Црна Гора и беше поканет на интервју. Меѓу другите прашања тој одговараше и за тогашните сомнежи за руско мешање во црногорските настани, па и ликвидација на Мило Ѓукановиќ. Заев тогаш изјави:„Знам дека имаше и обиди за ликвидација, добро е што на време се реагираше, се е спречено, фала Богу. И сега некои аналитичари велат – сега ти си на ред. Ако треба нешто да се случи, нека се случи. Јас се нафатив да бидам премиер, на мојата земја и треба лидер, подготвен сум да носам одлуки какви што очекуваат нашите граѓани, по секоја цена, па што сака нека биде“, истакна Заев.

Реакцијата од Москва не изостана. „Ги читавме изјавите на премиерот на Република Македонија Зоран Заев во однос на некои планови за негова ликвидација „според црногорско сценарио“, дадени во интервју на црногорското радио „Антена М“ на 5 ноември годинава. Сметаме дека таквите искажувања не само што се инсинуации без основа и манијакални конструкции, туку во принцип личат на обид за жртвувачкисамопиар. Но, главно е дека таквите изјави нанесуваат штета врз руско-македонските односи и јавно се во спротивност со декларираната готовност на Скопје за изградба на конструктивна заемна соработка со нашата земја“, рече тогаш,меѓу другото, официјалниот портпарол на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова. Впрочем, тогаш на страниците на Фактор се појави текстот „Кој го „убива“ Зоран Заев“, во кој поентата беше ставена на „вината“ на соработниците на Заев во подготовките на неговите искажувања. Во смисла колку и да е вистина тоа што го знае Заев, има работи кои треба да се премолчат во отсуство на цврсти докази.

Но, се чини Заев си остана Заев и никој не може да го разубедува за начинот на комуникацијата која ја води, почнувајќи од онаа со обичните смртници, па се до високи политичари, а еве и со мајтапчиите од Москва. Сведок сум на негови комуникации со луѓе кои му го знаат неговиот број на телефон. Почнувајќи од негови приврзаници, поддржувачи, па се до негови „смртни непријатели“. Одговара речиси на сите повици, а да не речам пораки. Па така веројатно се имаат случено и „интервјуата“ со Владимир Кузњецов, алиасВован и Алексеј Стољаров, алиасЛексус.

За овие двајца нема што многу да се пишува. За луѓе што ја следат Русија тие се личности кои си прават мајтап со кого сакаат, доколку успеат да стапат во контакт со него. Со години, најнапред во Русија, тие се мајтапеа со луѓе од власта, најчесто регионална или пак со одделни моќници. Со странци интензивно се занимаваат по 2014 година. Во случајот со Заев интересно е што тие го обработувале, со обострана согласност, уште од август 2018 година. Ова е месец пред референдумот за Преспанскиот договор.

А токму во тој период во Фактор во текстот „Како наближува референдумот – руските пропагатори зовриваат“, беше напишано дека на пропагаторите од Русија не им се допаѓа референдумското прашање. Тврдеа дека народот е против преименувањето на државата па пишуваа: „Тоа што интеграцијата во застареното НАТО и накривената ЕУ – е пустота, Македонците, ако биде можно така да се нарекуваат, ќе дознаат подоцна“, се велеше во еден коментар на Спутњик-можеби главен пропаганден медиуми на Русија. Па авторот додава: „А референдумот, очигледно тоа ќе биде нивното последно „пукање по македонски“. За да се погоди(влезе) и таму и ваму, во смисла во два зајака. Јас дури би рекол – Заев“.Пукање по македонски во Русија е израз од литературата, но најверојатно е дојден од нашиве простори. Тоа значи пукање со две раце, од два револвера. Патем да кажам дека освен „пукање по македонски“, во Русија има уште еден израз во кој се споменува македонско. А тоа е „бомба македонка“, изложена во Музејот на револуцијата во Москва. Добро е што коментаторот не ја користи „бомбата македонка“ за остварување на неговата цел-погодувањето во Заев. Односно пораз на референдумот и заминување на премиерот Зоран Заев од политиката. Очигледно сега на удар на пропагандата е токму Заев. Во еден друг текст истиот автор за Заев вели: „Тој би се откажал и од сопствените иницијали, ако некој е заинтересиран за нив“. Ова го напишавме во август 2018 година.

Сега, откако тогаш не им успеа да го „погодат“ Заев, како да се работи за нов обид за негово „убивање“.Нема случајности во политиката. Не е случајно објавено интервјуто во низа токму деновиве, кога во Македонија опозицијата крева глава и гаи нескриена надеж за враќање на власт. Објавата на овие разговори е само поддршка или поточно храна за опозицијата.. Да не заборавиме Заев со Вован и Лексус рзговарал не само три пати. Се воспоставила „доверба“, небаре Заев имал работа со вистинскиот Порошенко, а не со мајтапчии од светски калибар-мора да се признае.

Многу битно е, а кај нас помина бегло,  сознанието дека мајтапичиите го најавија објавувањето на интервјуто уште на 27 јуни. Јас не се сеќавам дека досега е направено такво нешто. Најавата беше прифатена од сите руски медиуми кои се многу блиски до власта. Од РИА „Новости“, преку РТ, „Комсомолљскаја правда“, државни телевизии, па се доеден куп он лајн медиуми. Во најавата тие се потсмеваат на „лидерот на малата европска“ држава кој се допишувал со „Порошенко“.  Во најаватанаправена за подкастот на РИА „Новости“„Како го правите вие тоа“, (https://ria.ru/20190627/1555957803.html), Кузњецов кажува дека имаат многу материјал, дека се доѕвонувале со Заев преку WhatsApp четири до пет пати, дека им биле праќани разни фотографии, меѓу кои и на неговите ПР луѓе, кои се покажало дека биле истите како на Порошенко. Дека би можеле со него да разговараат секоја недела. Реакциите на читателите на објавите во медиумите беа дека се работи за некоја држава од Балтикот или пак за Молдавија. 

Од она што може да се слушне од објавеното интервју со Заев, може да се заклучи дека таму нема ништо ново или нешто што не е кажано кај нас во една или друга форма.  Се тоа се општопознати факти. Прво,дека Македонија протера руски дипломат во знак на солидарност со Британија околу случајот „Скрипаљ“ и покрај тоа што тоа притоа не беше почитуван законот и меѓународното право. Второ дека Хашим Тачи и Александар Вучиќ водат преговори за размени на територии. И дека Македонија кон тоа се однесува крајно негативно. Потоа дека позициите на Заев и претседатело Ѓорге Иванов околу Преспанскиот договор се разидуваат. И дека позициите на Заев ги поддржуваат САД, ЕУ и Германија. Дека Македонијаво моментот кога ќе стане членка на ЕУ ќе ги поддржи санкциите кон Русија. Па, проблемите со руските агенти во Македонија, кои предизвикуваат проблеми во земјата, но сепак Македонија излегла на крај со нив и издржала. Заев го поздрави „порошенко“ со добиениот томос за автокефалност. При што додава „ние исто ака работиме со Истанбул, со Константинополскиот патријархат за прашањето на нашата црква“. И ќе направи се' МПЦ-ОА да стане автокефална.

Мајтапот на Вован и Лексус, односно на „Порошенко“ со Заев завршува на начин кој покажува дека македонскиот премиер до последен момент појма немал дека е предмет на мајтап. Русиве излегуваат поголеми „итерпејовци“ од нас, кои мислиме дека сме цареви за мајтапи. „Порошенко“ му вели на Заев: Најверојатно, ако Зеленски утре го изберат, знаете ли кој ќе биде следниот претседател на земјата? Руските пранкериВован и Лексус, најверојатно, заклучил, „Порошенко“. Заев очигледно останал збунет од ова, не знаејќи ни за пранкери, ни за Вован, ниту за Лексус. А и што мора да знае.

Инаку објавеното интервју од погоре споменатите медиуми беше начекано како посластица, за потсмев кон Заев и негова дискредитација. Ова не е ништо ново. Медиумите блиски до Кремљ реагираат како по наредба речиси на сите интервјуа на Вован и Лексус. 

Мајтапот со Заев заврши. По средбата со рускиот амбасадор и соопштението од него паѓаат во вода неговите зборови дека  зад двајцата изманици стои „добро организирана структура која и во минатото има користено тактики за медиумска дискредитација“. Јас лично мислам дека не станува збор за добро организирана структура, бидејќи Вован и Лексус работат сами, понекогаш користат услуиг од преведувачи за јазици кои не ги знаат. Но, повеќе станува збор за ползата што ја имаат руските специјални служби од објавените разговори на пранкерите со меѓународни политичари. Во шегата секогаш има доза вистина. Во еден руски он лајн медиум има едноминутна видео најава за ползата на разузнавачите руски од пранкеритеВован и Лексус. Меѓу последните е сознанието дека САД немаат намера воено да интервенираат во Венецуела, добиено од интервјуто на пранкерите со човект во САД задолжен за Венезуела.

Би заклучил дека дека разговорите на пранкерите со Заев ќе се користат во градењето на руската политика кон нашата земја. И дека Русија не го заборава „поразот“ од малата Македонија. Најмногу по нејзина вина. И дека нема да се откаже од намерата да му се „освети“ на Заев. Па и на ваков начин со објавување на негови разговори, а за кои некои сметаат дека ќе и помогнат на опозицијата во државава. Ќе повторам дека нема ништо случајно, а најмалку во политиката.

Битна работа во овие разговори е дека, според Кузњецов, Заев многу го напаѓал Владимир  Зеленски, кој стана претседател на Украина. Заев му посакал успех на „Порошенко“, зборувајќи дека Зеленски е популист и дека такви луѓе не треба да водат држава.Што се однесува до „популистот“, Зеленски, какошто го нарекува Заев во разговорите, тој вчера се јави кај Владимир Путин. Очигледно неговите ветувања дека прва работа ќе биде враќање на мирот на Донбас почнува да ги остварува. Исто како и најавата дека подготвил промени во Законот за лустрација или „за чистење на службите“, како што го викаат популарно. Со него ќе се бара од политиката да заминат,без можност за враќање, сите кои што се занимавале со неа од 2014  па се до август годинава. Почнувајќи од претседателот Петар Порошенко, пријателот на Заев, па пратеници во Парламентот, државниот обвинител, лица од администрацијата, од царината итн, итн. Ќе бара проверка на реформата во судството, во антикорупциските тела и сл. Зеленски во меѓувреме направи чистка на локално ниво, смени над стотина реонски и регионални политичари од извршната власт. Откако виде дека странците од него бараат ефикасност тојсе зафати прво со чистење на домашните штали, за разлика од нашиот премиер. И Зеленски има страшен отпор од пратениците во парламентот кои се подигруваат со него и не му поддржуваат реформски закони или пак барања за смена на некои министри. За некој ден ќе има нови избори за парламентот, па постои можност новиот состав да биде покооперативен со претседателот.  Ако ја заврши домашната задача успешно, тогаш Зеленски со право ќе бара од западните партнери привилегии за Украина. Тие сега го оставаат да видат дали некогашниот добар комедијант ќе може да биде и добар претседател. Инаку кога Вован и Лексус се мајтапеле со Макрон, тогаш тие биле „Зеленски“. Макрон очигледно не сакал да зборува со Порошенко.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?