Добивај вести на Viber
Шест бодигарди од МВР, возач и службен автомобил. Овие привилегии и натаму остануваат на сила за секој иден премиер кому му престанала функцијата. Не помина обидот на опозицијата со Предлог-закон да го измени Законот за влада и да го укине правото на лично обезбедување на
Никола Груевски. Според Законот кој е на сила, правото на лично обезбедување поранешен премиер може да го остварува во период колку што бил на функција претседател на Владата. А, тоа значи дека Груевски во наредните 10 години на товар на државата ќе има деноноќно обезбедување.
„Прецизирањето на тоа колку обезбедувачи ќе има, кои сам ќе ги одбере го оценуваме како израз на слабост и страв на човекот кој наводно ужива најголема доверба и углед меѓу граѓаните. Ваквото решение претставува луксузирање и самоволно поставување во повластена состојба на позицијата поранешен премиер во однос на сите други функционери кои извршувале јавни избрани и именувани функции.“, е образложението на опозицијата зошто побара измени на Законот за влада кој беше донесен во 2013 година.
Пратениците на власта пак сметаат дека со оглед на тоа со какви безбедносните предизвици се соочува Македонија, произлегувала потребата од заштита на безбедноста на претседателот на Владата и по престанувањето на неговиот мандат, кој во својот мандат како прв Премиер носел клучни одлуки за безбедноста на Република Македонија. А, шесте лица од обезбедувањето на премиерот, како што наведуваат, ќе работеле по двајца во три смени.
Поранешниот полициски началник
Зоран Доревски вели дека државата односно нејзините институции секако дека треба да ги заштитат поранешните функционери. Но, тоа треба да се уредува според проценка за безбедносниот ризик.
„ Како ќе биде димензионирано обезбедувањето, во кој обем, со кој интензитет и за колкав период треба надлежната служба да се води од реална-аналитичка загрозеност. Стандардите во светот генерално ги поставува САД и нивните искуства ги следат најчесто европските држави, а недоразбирањата се решаваат со прецизна регулатива во која не доминира бројот на гавази, туку степенот на ризик потребното ниво на заштита.“, вели Доревски за Фактор.
Коштуница светол пример
Ретки се примерите на бивши премиери или претседатели кои одбиле да ги користат овие привилегии, но сепак има и такви. Еден од нив е поранешниот Претседател на Србија
Воислав Коштуница, кој веднаш по престанувањето на функцијата одби да ги користи сите привилегии кои по закон му припаѓаат.
Во Македонија поранешниот Претседател има доживотно право на пензија во висина на платата на актуелниот претседател, на канцеларија со тројца вработени, на лично обезбедување и службено возило.
Според законодавството на Србија, по заминувањето од власт, поранешниот шеф на државата ужива многу поширок круг на привилегии од премиерот, бидејќи според законот, премиерот и министрите кои веднаш по истекот на мандатот не пронајдат постојано вработување, имаат право на истата плата во наредните шест месеци. Исплатата престанува штом работничката книшка ја префрлат на друго работно место или стекнат услов за пензија. Поранешниот претседател пак има право да го обезбедува војската и полицијата една година по престанок на мандатот, а подолго од тоа ако има оправдани причини. Исто така, право на канцеларија, советници, секретар и службен автомобил со возач може да користи толку долго колку што му траел мандатот.
Бившиот претседател на
Хрватска според законот има телохранители, канцеларија, секретарка и службен автомобил со возач кога ќе замине во пензија. Шефот на држвата добива 80 проценти од последната плата.
Во
Црна Гора екс шефот на државата има временски неограничени право на обезбедување и тоа се укинува ако и кога Агенцијата за национална безбедност процени дека не е потребно. Нема право на службен автомобил, канцеларија или соработници.
Во
БиХ нема посебен закон, туку привилегиите и заштитата на поранешниот член на Претседателството се регулирани со интерни акти. Тие по истекот на мандатот примаат една година цела плата ако не се вработат, имаат право да користат службено возило и да побараат возач. Обезбедување не е посебно предвидено.
Словенија слично како и поголем број од земјите на ЕУ, Словенија на бившиот шеф му овозможува да има телохранители, канцеларија и секретарка и службено возило со возач.
Во
Америка претседателот има доживотно право на звањето претседател, на канцеларија, автомобил, па дури и како актуелниот претседател, секое утро да ги добива на бирото извештаите на ЦИА, а сосема добри шанси да ужива поголема пензија од плата. Надоместувањето на трошоците за канцеларија, почна во 1958 година, кога екс претседателот
Хари Труман, ја известил тогашната администрација дека само плаќањето на поштарина, за да им одговорел на сите писма кои ги прима, ќе го довеле до банкрот.
Во Русија законот му овозможува на екс претседателот пензија во висина на министарска плата, користење на канцеларија, службен автомобил со возач, лично обезбедување, користење на службени вили за престој и статус еднаков на член на Горниот дом на парламентот. Премиерот на Русија има право една година по заминувањето од функцијата да ја прима премиерската плата и да користи службена вила.
Во поголем дел од земјите од ЕУ, претседателите имаат право на доживотно обезбедување и автомобил, некаде и канцеларија.
Премиер на точак
Најоригинален предлог има европскиот олеснувач кој со помош на своите мачки на Твитер испраќа пораки со својот став за политичките случувања во земјава. Негов предлог за привилегиите на поранешен премиер на Македонија е - „Дајте им на премиерите велосипеди на крајот на нивниот манадат: евтино и без загадување!“
М.Ј.