Македонија ќе стане земја на пензионери без пензии
Објавено во: Економија 02 Март, 2016 18:36
Алармантни предупредувања доаѓаат од Светска банка, која прогнозира дека пензискиот систем на Македонија е фискално неодржлив на среден рок.
Трошоците за пензии уште повеќе ќе растат, како што ќе се зголемува бројот на нови пензионери и векот на живеење, така ќе расте и дупката во пензиската каса.
Во извештајот на Светска банка се појаснува дека според основното конзервативно сценарио, пензискиот дефицит би достигнал 10,5% од БДП до 2030 година. Дури и во ситуација на високи стапки на раст тој ќе се искачи до 7% во периодот до 2030 година. Имплицитниот пензиски долг се проектира да остане над 400% од бруто домашниот производ, што е висока стапка споредено со меѓународните стандарди и ќе претставува големо оптоварување за идните генерации.
Светска банка анализира и дека придонесот кон вториот столб е премал за да даде принос кој ќе овозможи компензирање на намалените бенефити од столбот на генерациска солидарност за учесниците во повеќе столбови.
„Дефицитите во столбот на генерациска солидарност на краток и среден рок ќе ги „исцрпуваат“ јавните средства и ќе го пролонгираат зголемувањето на стапката на придонес за вториот столб. Како последица од тоа, великодушните пензии само кај столбот на генерациска солидарност можат да доведат до социјално неодржливи пензии кај повеќе столбови во иднина, се вели во извештајот на Светска банка.
Во анализата на пензискиот систем, Светска банка посочува дека трошоците на Македонија за пензии, од аспект на БДП во 2014 година изнесуваа 9,6%, што е малку над просекот од 9,2% карактеристичен за државите од централна и југоисточна Европа.
Светска Банка потенцира дека иако во изминативе години направени се здрави реформи во пензискиот систем, особено со зголемувањето на возраста за пензионирање кај старосната и кај инвалидската пензија, сепак ефектите од успехот на овие реформи за заздравување на пензискиот фонд се неутрализирани со мерките на властите кои требаше да поттикнат вработување и да го подигнат животниот стандард на наслението, а го засегаат пензискиот систем.
Можеби ќе ве интересира
Побарувачката за сребро ќе расте - кои земји имаат најголеми резерви?
ЕУ ОДОБРИ ПОМОШ ЗА УКРАИНА: Што се случува со цените на златото и пченицата?
Како вештачката интелигенција навистина влијае на пазарот на трудот?
Најголемото наоѓалиште на злато досега – илјадници тони скриени на 1.900 метри
НА ЕУ И НЕДОСТАСУВААТ МЕНАЏЕРИ ЗА ПРОДАЖБА, МАРКЕТИНГ И РАЗВОЈ: Оваа професија има незадоволена побарувачка
Запленетите акции на Сашо Мијалков во Алта банка ставени на продажба




