Македонија низ очите на странските туристи: Искуства кои допираат до срцето
Објавено во: Колумни 11 Август, 2025 08:41
Ние кои тука живееме, за многу работи околу нас сме премногу рамнодушни – не ги посетуваме и не се грижиме доволно за нив. Еве, да го земеме на пример Скопје: во сразмер од помалку од еден километар го имаме Скопското Кале, тврдина од средниот век, иконостасот на црквата „Св. Спас“ – еден од најубавите на Балканот, турската чаршија, Камениот мост, мегаломанскиот споменик и фонтаната „Воин на коњ“, меморијалната спомен-куќа на Мајка Тереза... ќе се согласите, тоа е голем број објекти кои ја покажуваат богатата култура и историја на оваа земја.
За разлика од нас, странците кои доаѓаат во Македонија ги забележуваат овие работи и не се рамнодушни. Иако поголемиот дел од нив доаѓаат без големи очекувања (со малку информации) – некои случајно, други по препорака, трети од љубопитност да откријат нешто поразлично на Балканот – факт е дека си заминуваат со нешто што не можат да го опишат: со топлина, спокој, близина. Со длабоки чувства, бидејќи за нив Македонија не е само една обична дестинација, туку доживување.
„Овде се чувствував како гостин меѓу пријатели, а не само како клиент.“ Оваа реченица ја слушнав од еден турист од Франција, кој првпат ја посети Битола. Со една реченица го сумираше она што домашниот туристички работник честопати го заборава: дека луѓето не доаѓаат само по споменици, туку за нешто различно и автентично – по човечка топлина и недопрена природа. Во Македонија ги дочекува мозаик од култури, вери, архитектура и историја, што севкупно ги збунува, но и ги воодушевува бидејќи не очекувале толкава разновидност на едно место.
Антички урнатини до нови згради, модерно до традиционално, цркви и џамии, мешавина на источни и западни влијанија – и сето тоа во непосредна близина. За нас тоа е нормално, дел од нашето секојдневие, но за странците е фасцинантно. Кога некој пак ќе се најде на Галичица, на Матка или во скриено село во Малешевијата, нема шанси да не биде опиен од убавините на овие предели.
Во Македонија има многу дестинации кои остануваат длабоко во срцето. Брзо се стигнува од една до друга локација, а притоа имате чувство дека патувате низ историјата. Македонија е мала земја, но со богата историја! „Овде за три дена видов повеќе артефакти отколку за три месеци на друго место,“ ми кажа турист од Нов Зеланд. И можеби е во право – нашето секојдневие за некого е богатство. Покрај археолошките наоѓалишта, туристите можат да уживаат и на нашите езера, планини, скриените села кои сè уште се „диви“, ненаметливи и пленат со својата убавина; можат да уживаат во нашата храна – домашна храна, ракија што не е од продавница, зачинета со музика – што севкупно влијае времето да успори, да фати еден друг, опуштен ритам. Тука ручекот трае подолго, кафето уште повеќе, а разговорите – најдолго. Туристот кој ќе седне во едно радовишко или кумановско маало не се служи само со храна, туку и со внимание, со почит.
За мала група туристи организиравме посета на радовишката винарија „Кукутанов“, каде, покрај тоа што можеа да пробаат македонско вино, уживаа и во локалната храна, а им беше презентиран и целиот процес на добивање вино – од прва рака, од сопственикот на винаријата. Тоа за нив беше фантастично искуство, и по посетата велеа дека тука не се чувствувале како „уште еден клиент“, туку како вистински гости. Љубезноста, автентичноста и гостопримството со кои беа пречекани оставиле траен впечаток кај нив.
Во Македонија, за разлика од комерцијализираните дестинации, нема напорни туристички водичи, туку искрени средби и отворени разговори со локалците – и тоа е нешто што треба да го негуваме. Притоа, треба да се грижиме за тоа што го имаме и, секако, да создаваме помалку ѓубре. Ѓубрето околу нас не го оставаат странците, туку ние самите. И ако секој внимава, ќе биде многу почисто, а впечатокот од спомениците и уникатните културни обележја ќе биде уште подобар.
Туристи доаѓаат во земјава – тоа е забележливо. За многумина, ова е „земја што го допира срцето“. И не затоа што е совршена, туку затоа што е искрена. Можеби е време и ние да ја погледнеме Македонија со нивните очи – со свежи, љубопитни и благодарни очи.
* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:





