Добивај вести на Viber
„Македонијатурист“, како инвестициски фонд, во хартии од вредност чува 1,77 милиони евра!
„Македонијатурист“ е трезор компанија што чува 109,5 милиони денари (1,77 милиони евра) во хартии од вредност, покажуваат податоците од неривидираните финансиски извештаи за лани на најголемата македонска хотелиерска компанија. Нивото на вложувања во хартии од вредност оваа компанија на крајот на минатата година го зголемила за 29,5 милиони денари (речиси половина милион евра) во споредба со нивото на крајот на 2014 година.
Импозантни се бројките од билансот на успех за лани. Кај ставката финансиски приходи на „Македонијатурист“ пишува дека од камати, заеми, курсни разлики и вложувања компанијата остварила финансиски приходи од 35,96 милиони денари. Во 2014 година таа ставка била уште поголема. Изнесувала 45 милиони денари.
Добивката во 2015 година 135,8 милиони денари, паднала 10 отсто
Добивката на „Македонијатурист“ лани изнесува 135,8 милиони денари (2,2 милиони евра) односно 5 евра по акција. Во споредба со 2014 година, лани добивката на најголемата хотелиерска компанија е помала за 10 отсто. Во 2014 година изнесувала 151, 1 милиони денари. Оперативната добивка на компанијата изнесува 115,9 милиони денари и бележи пад од 8,5 милиони денари во споредба со 2014 година. Приходите од продажба лани во и 2014 година биле на речиси идентично ниво. Лани изнесувале 367,65 милиони денари. Оперативните расходи се на ниво од 262,4 милиони денари и во спроедба со 2014 година се повисоки за 8 милиони денари. Најголема расходна ставка на компанијата и лани биле трошоците на вработените кои се на ниво од 95,7 милиони денари.
„Македонијатурист“ во свој состав ги има хотелите: „Холидеј Ин“, „Бествестерн“, „Бристол“, „Турист“, „Карпош“, „Белви“, „Јадран“ кој не работи, и „Водно“ како и ресторанот„Пивница“. Компанијата ја водат Доне Таневски претседател на УО, генерален директор и најголем поединечен акционер, Мирјана Таневска и Соња Бибовска – втор по големина акционер.
Р.Ф.