26 Април, 2024
0.0268

Макрон и Путин браќа по оружје!

Објавено во: Колумни 30 Август, 2019

Добивај вести на Viber

Многу интересни работи се случија изминативе десетина дена на меѓународната сцена. Најнапред тоа беше средбата на претседателите на Франција и на Русија Емануел Макрон и Владимир Путин, а потоа Самитот на Г7 во Бијариц. Како и што се предвидуваше Русија беше една од темите на Самитот. Но разговорот за неа само ги потврди сознанијата дека Западот е поделен во однос на таа држава. И не само во поглед на нејзиното присоединување кон Г7.

Јасно е дека засега нема враќање на Русија кон Г7, но и дека не е можно да се бараат решенија за важни светски проблеми без неа. Доналд Трамп, американскиот претседател, во Бијариц ги спомна Сирија, Иран и Северна Кореја, а Канцеларката на Германија Ангела Меркел и Макрон „Минските договори“ и Украина. Од Бијариц изостана и традиционалното Коминике, но и да лебди одговорот на прашањето, ќе биде ли Русија или не, рамноправен член на новиот собир на Г7 на Флорида во САД. За тоа е задолжен домаќинот Трамп, а со оглед на фактот дека идната година во САД е изборна, сигурно е дека Трамп, околу поканата на Русија,  ќе се води од тогашните моментални предизборни интереси.

Не поминаа ни два дена, а Макрон на традиционалната средба со француските амбасадори проговори за „крајот на западната хегемонија во светот“. Западната доминација е пред крај поради геополитичките промени. А тоа најмногу е последица на зацврстувањето на нови држави. „Кина излезе во првиот ред, а Русија постигнува уусшеси со својата стратегија“, нагласи Макрон.  Притоа тој нагласи дека Франција треба длабоко да ги преосмисли и да изгради нови односи со Русија.  „Ние се наоѓаме во Европа и ако не изградиме нови односи со Русија ќе останеме со напнатостите, со замрзнатите конфликти и последиците од студената војна...“, истакна Макрон.

Веднаш по средбата со Путин во предвечеритето на Самито на Г7 Макрон имал обраќање и до француски бизнисмени. На него тој проговорил за „иницијатива за преразгледување на  меѓународниот систем“, што подразбира ново уредување на современиот свет, се разбира без укинување на пазарната економија. „Меѓутоа не треба да не се призна дека тој модел за’рѓа како резултат од деградацијата на самиот демократски систем. А исто така и поради тоа  што и капитализмот деградираше и спобудале – а со оглед на тоа ние ги создаваме појавите на нееднаквост, кои што подоцна не сме во состојба да ги решиме“, нагласил Макрон.

За ова на своевиден начин зборуваше пред извесно време и Владимир Путин во интервјуто за „Фајненшел тајмс“. Патем, кое крена голем врева на Запад. Предупредувајќи за залезот на либерализмот Путин не кажа што ќе следи на негова замена. Каков ќе биде новиот светски „постлиберален“ поредок.  Но тој очигледно поаѓаше од ставот дека секоја земја и народ имаат право самостојно да го определат својот развоен пат, потоа дека светот треба да е повеќе поларен и за потребата од вистинска демократија во меѓународните односи. Тој и не се огласи против либералната идеја, туку едноставно е против нејзино „агресивно наметнување“ врз оние кои што не ја прифаќаат.

Емануел Макрон после ваквите искажувања на Путин реагираше, искажувајќи дека либерализмот не е мртов. Но сега се јавува како реформатор не само на либералната идеја, туку и светскиот поредок. Во Русија се коментираат неговите искажувања дека таа е дел од речиси сите конфликти во светот, затоа што САД, Британија и Франција биле слаби. Не реагирале соодветно кога Русија ја поминувала „црвената линија“. Па таа ги максимизирала сите свои интереси. Се вратила во Сирија, Во Либија. Се вратила во Африка. „Таа е присутна во сите кризни ситуации поради нашите слабости и грешки“ истакнал Макрон.

Изјавувајќи дека присуството на Русија во сите кризни жаришта е предизвикано од слабоста на Западот, Макрон нагласува дека работите не ќе можат да бидат такви уште долго време. Од причина што таа голема држава, која многу инвестира во оружје, а кое ги плаши Французите, има БДП еднаков на Шпанија, демографија која е на надолна линија, и е земја која што старее и со растечка политичка напнатост.

Коментарите во медиумите во Русија се дека слабоста на Запад не се јавила случајно, туку е директна последица на пропаѓањето на обидот на Западот да ја воспостават својата глобална хегемонија  високо ниво без преседан, по пат на воено и финансиско-економски диктат.  Западот не само што слабее, туку не признавајќи го тој факт, истовремено се обидуваше да ја изолира и блокира Русија. Со таквата политика на притисок врз Русија , велат коментаторите, Западот уште повеќе ги слабееше своите позиции и создавал нови можности за Русија, а во тие рамки и за враќање на позициите кои таа ги имаше во советско време.

За појаснување на зборовите на Макрон се потруди амбасадорката на Франција во Русија Силви Берман. Како што пренесе ТАСС Берман нагласила дека: „Многу е важно да се имаат добри односи со Русија во контекст на промените што се случуваат во светскиот систем и засилувањето на влијанието на Кина, а исто така поради се’ помалку повеќестраната  позиција на САД. Тие односи треба да се градат  како на ниво на Франција, така на ниво на ЕУ“. Според нејзините зборови претседателот Макрон предложил нова архитектура на доверба и безбедност во Европа.

Е, сега прашање е за кој Европа станува збор. Пред децении Во Советскиот Сојуз своевремено имаше една анегдота: „Од прегледот на вести во 2000 година: „Сè е мирно на кинеско-финската граница“. И во искажувањата на Макрон и на амбасадорката Берман се споменува Кина. При неодмнешната средба на Макрон со Путин , францускиот претседател зборуваше за Европа од Лисабон до Владивосток. Ваквиот приод и одговара на Русите. Тие не се задоволуваат со идејата на Шарл де Гол, за Европа од Урал до Атлантикот. Русија ќе сака да ја вовлече Европа во Евроазија. Па затоа многу е важно за која Европа зборуваат Французите, а за која Русите. Не само Франција, туку и многу други држави, а пред се САД, не би сакале Русија да ја препуштат на Кина која станува се поголем играч. Еден руски коментатор напиша деновиве: „Желбата да и се даде на Москва „морков“, а на Кина да и се покаже „стап“, е една од главните цели на политичката агенда на Доналд Трамп, кој води жестока трговска војна со Пекинг“.

Од друга страна развојот на настаните во Европа им одат од рака на Французите. Британија Макрон со задоволство би ја испратил надвор од ЕУ. А работите водат кон тоа. Меркел, кога и да е ќе мора да ја предаде власта на својот наследник или наследничка.  Макрон во меѓувреме може да стане највлијателниот европјанин. „Нова Европа“, нема таква сила да може да се спротивстави на Франција. Па така се' оди на вода на Макрон да се обиде да биде нов Де Гол. Но и да се обиде да ги реализира неговите визии.

 Макрон даде последниве денови неколку изјави кои се однесуваат на кризата на западниот политички и економски систем. Според него без градење на нови односи со Русија не ќе може да се изгради нова архитектура на безбедноста во Европа. А токму тоа го сака и Владимир Путин. Да биде еден од темелите врз кој ќе се гради новата безбедносна архитектура во Европа. Совпаѓањата, донекаде, на нивните погледи околу актуелната светска криза  ги прави браќа по оружје. Прашање е само како ќе го искористат, кога и колку? И секако кој ќе биде победникот во тој натпревар? До сега на светската дипломатска сцена поуспешен бил Путин, дали поради слабоста и грешките на Запад, сеедно. А Макрон допрва се јавува како негов директен „соборец“. Ќе биде интересно. Во Бијариц Макрон покажа дека умее да влечи изненадувачки дипломатски потези(појавувањето на иранскиот претседател на Самитит на Г7). Првиот мегдан ќе го имаат најверојатно кон крајот на септември или октомври. Најавена е средба на врвот на т.н. „Нормандиски формат“ во кој ќе учествуваат лидерите Путин, Меркел, Макрон и претседателот на Украина Владимир Зеленски.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД