Добивај вести на Viber
Останува отворено прашањето кој ќе ја претставува Европската банка за обнова и развој во новиот состав на Надзорниот одбор по престанокот на мандатот на нивниот досегашен преставник Александру Танасе
Зоранчо Митровски, сопственик во штипската групација „Езимит“ – најголем поединечен акционер во „Бетон Штип“ (преку „Езимит Инвест ДООЕЛ“) е предложен за нов член на Надзорниот одбор на „Комерцијална банка“, пишува во предлог одлуката на претстојното собрание на акционери на една од најголемите македонски деловни банки што треба да се одржи на 23 март годинава.
Комисијата за избори и именувања на банката доставила предлог до акционерското собрание во кој предлага седум членови на кои акционерите треба да им дадат доверба и четиригодишен мандат. Четворица од нив се и досегашни членови на Надзорниот одбор и тоа: професорот
Таки Фити, Сава Димитрова, долгогодишната директорка на скопската кондиторска индустрија „Европа“,
Звоне Таљат, претставник на словенечкиот партнер на банката „Публикум Холдинг“,
Маргот Џејкобс советник во „Ист капитал приват еквити“ (најголемиот поединечен акционер во КБ), сите досегашни членови на надзорното тело. Нови предлози на комисијата се:
Зоранчо Митровски, Горан Антевски претставник на „МЗТ“ и
Александра Максимовска доцент на научната област: финансии и финансиско право на државниот Правен факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.
Доколку акционерите на 23 март дадат поддршка за новите предлози тие ќе ги заменат досегашните членови на Надзорниот одбор:
Симон Наумоски, најголемиот акционер во прилепската прехранбена индустрија „Витаминка“,
Алеко Ангеловски од скопската градежна компанија „Карпош“ и
Александру Танасе виш банкар во Европската банка за обнова и развој. Според наведеното во предлог одуката до акционерското собрание останува нејасно дали Европската банка за обнова и развој ќе има член во новиот состав на Надзорниот одбор на банката.
Друга значајна предлог одлука важна за инвеститорската јавност е таа што акционерите на банката ќе гласаат за предлог за дивиденда на износ од 125 денари за акција во бруто износ што, според многумина, е солидна дивиденда во споредба на она што се нуди на пазарот на капитал барем досега, а особено во споредба со големиот ривал „Алкалоид“ кој пак има друга предност – предвидивоста дека секоја година исплаќа дивиденда и тоа во износ што е поголем од доделеното во претходната година.
Другите предлог одлуки во најголема мерка се однесуваат на одобрувањето на ланското работење на банката.
Р.Ф.