21 Ноември, 2019
0.0132

Малчески: 70 илјади гласачи на ВМРО-ДПМНЕ бојкотираа, изборите ќе ги забрзаат реформите

Објавено во: Интервјуа 23 Април, 2019

Во македонската десница постои голема еуфорија по првиот изборен круг на претседателските избори за тесниот резултат остварен на контото на Силјановска Давкова наспроти гласовите кои ги доби Пендаровски поддржан од голема коалиција на гласови. Сепак, и ова е еден од досега најниската изборна поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, па според професор Самоил Малчески околу 70 илјади поддржувачи ги бојкотирале изборите. Партијата мора да се реформира и да усвои нов Статут, а можноста за предвремени парламентарни избори може само да го забрза овој процес. Сега, секако во фокусот ќе биде најпрво вториот круг на претседателски избори и со Малчески анализираме дали е можно опозицијата да победи и како ќе постапат Алијанса за Албанците и БЕСА кои сакаат да му нанесат пораз на ДУИ.

Резултатите покажуваат тесна разлика меѓу Силјановска и Пендаровски кои силите ќе ги одмерат во вториот круг. Сепак, се бележи и ниска излезност па постои неизвесност дали ќе се исполни цензусот во вториот круг. Очекувате ли да има тивок бојкот од партиите за да пропаднат изборите за претседател доколку сметаат дека немаат шанси да остварат сигурна победа?

Малчески:Во суштина резултатите покажуваат победа на концептот за правна држава кој го промовираа Силјановска-Давкова и Река. Народот сурово го казни поигрувањето со позитивните законски прописи, селективното применување на правото, непотизмот, корупцијата, пазарењето со националните интереси итн. Мое мнение е дека и во вториот круг ќе се случи истото и доколку граѓаните и сакаат добро на својата земја изборите мора да успеат и да победи концептот за правната држава, наспроти  криминогеното владеење  кои ни го нуди оваа власт.

Со вакви резултати видливо е дека се намалила поддршката за владејачката коалиција СДСМ-ДУИ и дека и со здружени сили направија само мала разлика во однос на Силјановска Давкова. На што се должи тоа, има ли незадоволство кај неопределените непартиски граѓани, како и на досегашните поддржувачи на власта?

Малчески: Резултатите може да се протолкуваат на најмалку два различни начини. Првиот, овие резултати го потврдуваат мојот сомнеж и сомнежот на опозицијата за гласачкиот инженеринг кој ни се случи на референдумот. Имено, нелогично е во толку кратко време да се загубат толку многу гласови. Вториот, зачудува малата излезеност во општините каде што имаме мнозинско албанско и ромско население. Тука сакам да напоменам дека оваа негативна тенденција се повторува години наназад скоро на сите избори. Оттука, според мене е неопходно без одложување да се спроведе попис на населението и домаќинствата, кој ќе биде ослободен од политиканството кое го протажира власта. По пописот е неопходно да се пристапи кон ревидирање на избирачкиот список, бидејќи со ваква отсутност на гласачкото тело за неколку години можеме да се доведеме да не сме во состојба да организираме валидни парламентарни избори.

ВМРО-ДПМНЕ не ги зголеми значително гласовите од локалните избори. Дали со досегашната кампања, ставови и заложби постои шанса Силјановска Давкова да победи и да освои поширок контигент на гласови?

Малчески: Бројките покажуваа дека околу 70000 членови, симпатизери и поддржувачи на ВМРО ДПМНЕ го бојкотираа првиот круг. Која е причината мене стварно не ми е јасна, но ВМРО ДПМНЕ треба веднаш да направи анализа и да изнајде начин да допре до тие гласачи. Имено, на овие граѓани треба да им се укаже дека залогот е Република Македонија, а не нечии лични интреси, кариери или неостварени амбиции.

Што очекувате сега во поглед на договарања со албанските партии Алијанса и БЕСА, кој ќе тргне да ги лови гласовите кои ги доби Блерим Река, а од друга страна дали ДУИ пак ќе ја крене својата „цена“ во однос на коалициониот партнер СДСМ за да обезбеди поддршка за Пендаровски?

Малчески: Што се однесува до ДУИ и СДСМ мислам дека во овој момент тоа е максимумот кој што можат да го постигнат и не очекувам изненадување од нивна страна. Можно е по не знам кој пат СДСМ да се обиде да ја продава истата приказна, а тоа да му биде алиби за натамошното разнебитување на правната држава сè со цел да ја зачува кревката коалиција со ДУИ. Во однос на Алијанса и БЕСА, тие како политички партии се на крстопат. Од една страна можат да ја продолжат борбата за правна држава и да прераснат во сериозен фактор кој на следните избори ќе го порази ДУИ, а од друга страна да го промашат моментот и да му овозможат на ДУИ да опстане на политичката сцена. Во овој момент според мене најбитно за Република Македонија е концептот за правна држава да успее и да биде поддржан од мнозинството граѓани. Се надевам дека Алијанса и БЕСА ќе опстојат на своите досегашни заложби и нема да се пазарат со СДСМ и ДУИ.

Без оглед на конечниот исход сосема сигурно е дека ВМРО-ДПМНЕ ќе побара предвремени парламентарни избори, а истото се очекува да го направи и коалицијата на Алијансата и БЕСА. Дали на овој начин се засилува позицијата на Мицкоски во партијата, а со тоа и се затвора прозорецот за поголеми внатрешни реформи?

Малчески: Барањето на предвремени парламентарни избори е сосема легитимно. Бројките покажуваат дека гласањето на 21-ви април целосно ја делегитимира оваа власт и никој, па дури и самите тие, повеќе не веруваат во лагите кои упорно ги поовторуваат. После вакво делегитимирање нас ни треба Влада која вистински ќе биде посветена на реформите и на евро-атланскио пат на Република Македонија. По однос на вториот дел од прашањето, не сметам дека Мицковски треба да го затвори процесот на реформи кој треба да кулминира со усвојување на новиот партиски Статут и избор на сите тела и органи според истиот. Имено, предвремените парламентарни избори само може да го забрзаат процесот, бидејќи како што веќе споменав околу 70000 членови и подржувачи на ВМРО ДПМНЕ практично го бојкотираа првиот круг на претседателските избори и лично сметам дека голем дел од нив се во исчекување на вистинските реформи во самата ВМРО ДПМНЕ. 


Х.С.

Можеби ќе ве интересира

Полковник Јанковиќ: Како членка на НАТО никогаш повеќе нема да се донесе одлука без вас

Полковник Јанковиќ: Како членка на НАТО никогаш повеќе нема да се донесе одлука без вас