29 Март, 2024
0.0262

Мали конкурентни лиги со ограничен број на странци, за концентрација на квалитетот и подобра искористеност на финансиите во спортот

Објавено во: Колумни 05 Мај, 2020

Добивај вести на Viber

Веќе два месеца во фокусот на сите нас се здравствените и економските проблеми предизвикани од пандемијата со Корона вирусот COVID 19 и незапеметените мерки за дистанцирање, самоизолација и карантини. Спортот како и многу други области од нашето живеење беше ставен настрана и далеку од приоритетите. Со привршувањето на епидемијата барем на првиот нејзин бран природно се наметнуваат прашањата како понатаму?

Додека сите во блиското и подалечното наше опкружување цело време се подготвуваа за крајот на епидемијата и враќање на спортот на спортските терени, нашите институции сеуште немаат никаква идеа што и како во блиска и подалечна иднина.

Министерството за здравство и Агенцијата за млади и спорт немаат подготвено никакви  протоколи за начинот и условите под кои ќе се одвива тренажниот процес или натпреварувањата, нити идеа за датумот од кога тоа ќе биде можно. Како и за се друго, доцниме во сите области и гледајќи што другите прават, се обидуваме задоцнето да ги копираме туѓите мерки, кои се прилагодени за некои други услови и карактеристики, на некои други спортски системи од кои ние сме многу далеку.

Освен овој дел на прашање за рестартирањето на спортот и условите под кои ќе се изведе истиот, многу поголем проблем претставува начинот како ќе заврши оваа натпреварувачка сезона и перспективите за организацијата на националните натпреваарувања идната сезона, од аспект на бројот на клубовите во лигите и финансирањето на истите, а имајќи ја предвид економската криза и рецесијата која е неминовна во идниот период.

Јасно е дека фирмите кои го поддржуваат спортот ќе немаат можност да издвојат средства и во 2020 година ретко која ќе прикаже добивка, а и ако тоа се случи тоа ќе бидат мали добивки.

Со тоа основот за финансирање на клубовите и федерациите со средства од данокот на добивка преку ваучерите, во оваа и идната година е речиси невозможен и тешко изводлив. Радува фактот дека најголемите федерации од колективните спортови се свесни за тоа што не очекува во индите година и половина, но најавите за форматот на лигите за сезоната 2020/21 не кореспондираат со тоа што го  зборуваат и јавно кажуваат.

Федерациите мораат многу по храбро да пресечат за некои прашања кои ги поставуваат клубовите и да се водат од интересот на македонскиот спорт и реалните можности и квалитет во моментот , а не од желбата на некои клубови или лични амбиции на поединци. Со оглед на слабиот квалитет на нашите лиги и намалените финансии, проширувањето на лигите само ќе го разводни и така малиот квалитет и основа за финансирање на спортот.

Зари тоа потребно е намалување на бројот на екипите во Првите лиги секаде каде тоа е можно или задржување на постојниот број, намалување и ограничување на бројот, а во некои лиги посебно во женскиот спорт забрана на странците во првенствата со можност за странци само на европска сцена. Со тоа вторите лиги ќе бидат многу покомпетитивни и ќе дадат шанса на младите играчи да созреат и да бидат основа на развој на начиот спорт во блиска иднина.

Доколку ова не се случи тоа ќе значат уште две изгубени години, залудно потрошени средства и изгубени таленти за нашиот спорт. Само на овој начин по оваа криза, нашите слабости во спортот, можеме да ги направиме наши позитивн и силни страни. 

МАКЕДОНСКИ ДЕЦА ЗА СИЛЕН МАКЕДОНСКИ СПОРТ 

Доц. Д-р Влатко Неделковски

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?