МАЛИТЕ АКЦИОНЕРИ НЕ МУ ГИ ПРОДАДОА АКЦИИТЕ НА „ГОЛЕМИОТ“ - Селаудин Арифи останува газда на 74 отсто од „Жито Караорман“
Објавено во: Економија 29 Септември, 2023 08:30
Селаудин Арифи останува со 74 отсто од капиталот на кичевската млинско-пекарска компанија „Жито Караорман“.
Иако тој даде понуда до сите преостанати акционери во ова друштво, нудејќи им да ги купи нивните акции, а на што беше и законски обврзан, тие решиле да останат сопственици на акции во компанијата во која управувачки и доминантен газда е Селаудин Арифи.
И покрај тоа што никој од акционерите на кои тоа им се нудеше не му ги продал своите акции на Арифи, неговата понуда за преземање на друштвото се смета за успешна, бидејќи биле испочитувани сите законски правила и прописи.
Имено, во неговата понуда за преземање тој не ставил праг на успешност на понудата, што значи дека таа се смета за успешна дури и доколку не се јавил ниту еден акционер кој посакал да му ги продаде своите акции. Во случај, пак, да бил поставен таков праг на успешност, на пример, да се продадат најмалку 60 отсто од акциите, тогаш доколку тој не се реализирал, понудата не би се сметала за успешна.
Значи бидејќи таков праг немало, Комисијата за хартии од вредност донела решение дека понудата за преземање е успешна.
„Комисијата за хартии од вредност на седница што се одржа на 20 септември, 2023 година, а со која претседаваше претседателкaта Нора Алити, донесе Решение со кое се утврдува за успешна понудата за преземање акции издадени од ‘Жито Караорман’ АД Кичево дадена од лицето Селаудин Арифи“, се вели во соопштението кое го опбјаила Комисијата за хартии од вредност.
Ова значи дека Селаудин Арифи, з, продолжува да газдува со 74,19 отсто од акциите, а не со цела компанија.
Таму останува уште еден помал акционер кој поседува над 5 отсто од капиталот, а тоа е Сашо Крстески, чии пакет е 5,09 проценти, како и 54 други физичлки лица, кои заедно располагаат со уште не така мал процент од акциите, односно 20,72 проценти од капиталот.
Инаку, Селаудин Арифи, како и секој друг акционер кој стекнал над 25 проценти од капиталот, бил обврзан да им понуди на сите акционери преземање на компанијта, односно да ги откупи и нивните акции, но тоа не значи и дека тие мора да прифатат да му ги продадат акциите.
Арифи немаше јавно наведено по која сума нудеше да ги докупи преостанатите акции, но би можело да се претпостави дека цената исто така би била 10 евра по акција, односно по 615 денари, колку што изнесуваше и цената која му ја даде на Миладиноски во блок трансакцијата во која го откупи неговиот доминантен пакет.
Инаку, како што пишувавме, „Жито Караорман“во првото полугодие од годинава прикажа прилично тешка загуба од над 318 илјади евра, откако во истиот период ланската година, истата оваа фирма работела со добивка, иако не толку висока, односно била на сума од 41 илјади евра. Како причина за високите расходи компанијата ги наведе високите цени на енергијата потребна во процесот на работа и сеуште намалената функција на мелницата поради тоа, односно производство на брашно од сите типови.
А, откако Арифи го презеде доминантниот дел од компанијата, беше избрано и ново раководство.
Тој, пак, стана доминантен газда купувајќи близу 51 отсто од капиталот од претходниот акционер Сретен Миладиноски.
За Арифи медиумите објавија дека е сват на лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Тој е познат како газда на „АС Сењак“, фирма за која се пишуваше дека добива бројни државни јавни набавки.
Н.Н.Ф.
Можеби ќе ве интересира
Словенија ќе го зголеми минималецот - колку ќе изнесува?
Хрватска ги заострува условите за вработување странци
Култура со голем потенцијал - заработката е до 20.000 евра по хектар
Еве како изгледаат владини станови за млади луѓе од 21 квадратен метар во Холандија: Чинат 45.000 евра
„Нашата цел е да привлечеме компании кои носат знаење, современи технологии и квалитетни работни места“: Димовски од ТИРЗ до менаџментот на Philips
ДЗР: Застарени предмети и неуплатени средства во буџетот на државата, ИТ напади и повеќе неправилности во работењето на Министерството за економија и труд
Хрватска повлекува храна за бебиња: Аптамилот има поголемо присуство на бактерии




