МЕРЦЕДЕС, БМВ И ФОЛКСВАГЕН СО ОСТРА РЕАКЦИЈА - ја критикуваа ЕУ за воведувањето царини за кинеските производители
Објавено во: Економија 13 Јуни, 2024 10:42
Германските производители на автомобили остро ги критикуваа новите царини на Европската унија за кинеските електрични возила увезени во Европа.
За потсетување, Европската комисија се закани дека од 4 јули има намера да воведе привремени царини за увоз на електрични автомобили од Кина кои ќе се движат од 17,4 до 38,1 отсто наместо сегашните 10 отсто, поради незаконските државни субвенции за кинеските производители.
Како дел од истрагата што започна во октомври минатата година и се уште е во тек, Комисијата привремено заклучи дека кинеските производители на електрични возила со батерии (BEV) имаат корист од неоправдани субвенции, што може да предизвика економска штета на производителите кои функционираат во самата унија.
Сепак, има негодување од германската автомобилска индустрија, пренесуваат медумите.
Мерцедес, БМВ и Фолксваген би можеле да се соочат со контрамерки од кинеската влада кои ќе влијаат на нивните операции во Кина, клучен профитен центар за тие компании.
BMW: Ова ќе им наштети на европските компании и интереси
Извршниот директор на БМВ, Оливер Зипсе, изјави дека царините на ЕУ ќе им наштетат на европските компании и европските интереси.
„Протекционизмот ризикува да западне во маѓепсан круг. Тарифите водат кон нови царини, а тоа води кон изолација наместо соработка“, рече тој.
„Од перспектива на БМВ Груп, протекционистичките мерки, како што е воведувањето царини за увоз, не придонесуваат за нашиот успех на меѓународните пазари“, се вели во соопштението.
Извршниот директор на Мерцедес, Ола Калениус, рече: „Не ни треба зголемување на бариерите за трговијата. Треба да работиме на отстранување на трговските бариери во духот на Светската трговска организација“.
Фолксваген: Негативните ефекти од оваа одлука ги надминуваат сите потенцијални придобивки
Фолксваген рече дека царините нема да ја постигнат целта на ЕУ за зајакнување на конкурентноста на европската автомобилска индустрија.
„Тајмингот на одлуката на Европската комисија е штетен за моменталната слаба побарувачка за електрични возила во Германија и Европа. Негативните ефекти од оваа одлука ги надминуваат сите потенцијални придобивки за европската, а особено германската автомобилска индустрија“, велат од Фолксваген.
Германското индустриско тело рече дека царините го зголемуваат ризикот од трговска војна и нема да ја зајакнат конкурентноста на европскиот автомобилски сектор.
„Потенцијалната штета што би можела да произлезе од царините може да биде поголема од потенцијалните придобивки за европската, а особено германската автомобилска индустрија“, рече во изјавата претседателката на ова тело, Хилдегард Милер.
Можеби ќе ве интересира
„Нашата цел е да привлечеме компании кои носат знаење, современи технологии и квалитетни работни места“: Димовски од ТИРЗ до менаџментот на Philips
ДЗР: Застарени предмети и неуплатени средства во буџетот на државата, ИТ напади и повеќе неправилности во работењето на Министерството за економија и труд
Хрватска повлекува храна за бебиња: Аптамилот има поголемо присуство на бактерии
ЕБОР: Рекордно ниско ниво на лоши кредити во Централна, Источна и Југоисточна Европа
На бензинските пумпи се појави нов вид гориво: Ќе се испорачуваат со „розови пиштоли“, а ќе може да се користи во сите автомобили
Планирате патување на одмор? Овие аеродроми во Европа ќе штрајкуваат до крајот на годината
Германија ги заострува условите за социјална помош
Руски министер кажа колкав процент од БДП потрошиле за војната во Украина
(ВИДЕО) АВСТРАЛИЈАНЕЦ СЕДУМ ГОДИНИ СОБИРАЛ АМБАЛАЖА: Заштедил за куќа




