Министерот за здравство ја откри неговата новогодишна желба: Интервју со д-р. Венко Филипче
Објавено во: Интервјуа 25 Декември, 2020
Ретко кој политичар успеал во период од нецела
година да ги искуси сите спротивставени
крајности на судот на граѓаните. Периодите во кои министерот за здравство,
Венко Филипче беше доживуван како единствена успешна приказна во здравствениот
колапс, наизменично се менуваа со нови, во кои улогите набрзина се менуваа, а главниот
негативен лик беше резервиран за него. Во месеците кога утрата почнуваа со
исчитување на бројот на новозаразени и починати од коронавирусот, јавноста внимателно
го следеше секој негов чекор, а под лупа се ставаа сите одлуки. Истрајноста со
која Филипче ги бранеше своите здравствени политики беше еквивалентна со
жестината на нападите на опозицијата која недвосмислено го посочи како
одговорен за големата смртност од овој вирус. Последните неколку денови министерот
Филипче може да здивне. Намалениот број новозаразени и починати му даваат
причина за оптимизам дека најлошото е зад нас. Успехот на науката, на повеќе светски
фармацевтски гиганти кои го развија „лекот“ против Ковид-19 уште повеќе го
надополнува неговиот позитивистички став во целогодишната Ковид-приказна, па со
огромна доза на смиреност очекува во годината што е пред нас, вакцината да ги
промени правилата на игра. Верува дека науката конечно ќе даде одговори на една
од најголемите мистерии со кој се соочува современиот свет и дека во одреден
датум, во одреден месец ќе кажеме збогум на корона вирусот. Инаку, препознатлив
во својата сталоженост и резервираност во јавните настапи, министерот Филипче
сепак во интервјуто за Фактор ја открива и неговата приватна новогодишна желба.
Дали со прифаќањето на функцијата министер за здравство некогаш помисливте дека ќе се соочите со еден од најголемите предизвици (пандемијата на корона вирусот) со кој речиси цела година човештвото буквално се бори?
Филипче: Мислам дека никој во светот не можеше да го предвиди ова, дека ќе се соочиме со нешто сосема непознато за науката, за човештвото воопшто. Оттаму, лично сметам дека пандемијата истовремено истовремено е огромен предизвик, предизвик кој што бара неверојатна енергија, посветеност и истрајност. Ваков предизвик, како што е Ковид-19 бара реорганизација на целокупниот здравствен систем во сите сегменти. Во делот на работата, односно во делот на поставеноста на функционирањето на јавните здравствени институции. Станува збор за реорганизација посебно во делот на практичната, апликативната работа на кадарот, пренамена на сериозно голем број болнички кревети и одделенија целосно за ковид. Конкретно, за Ковид-19 како болест, би рекол, сè уште е непозната, посебно на почетокот. Во таа смисла, се користеа алгоритмите за болести кои што беа во сличната група на предизвикувчи како и овој вирус SARS-CoV 2, a тоа беа протоколи и алгоритми правени за грипот, за ебола и така натаму. Па со тек на време се увиде дека се потребни одредени модификации и во делот на клиничката манифестација и секако во пристапот во однос на лекувањето. Така што, оваа епидемија во Македонија и воопшто, пандемијата во светот е предизвик кој што бараше и се уште бара прво честа и интензивна координација и комуникација со сите чинители во рамките на здравствениот систем, со сите чинители и надвор од здравствениот систем, посебно во делот на имплементирање на различни мерки за време на вонредната состојба, но и сега во кризнава состојба меѓу различни институции, што секогаш и само по себе е предизвик, дури и во ситуации кога нема ваква пандемија. Во оваа насока сметам дека нашиот здравствен систем за прилично брзо време се прилагоди, но и сите останати институции добро одговорија. Пред сè зошто беа добро координирани, зошто имаше чести координации и комуникација во рамките на Кризниот штаб кој што сè уште функционира, а тоа е нешто што направи да можеме да излеземе навистина со многу брзи решенија за проблеми кој што се јавуваа секојдневно.
Како во моментов го оценувате нашиот здравствен систем, успева ли да одговори на актуелната ситуација, или како секој човек со повисоки амбиции би рекле, „па може и подобро“ ?
Филипче: Не би рекол дека во овој момент нешто недостасува или не е како што треба. Напротив, сметам дека сите кои што се вклучија од почетокот во процесот, понатаму, сите останати луѓе кои што се вклучија подоцна во процесот заради тоа што се наметна потребата од проширување на капацитетите, тие го даваат својот максимум. И ние многу добро знаеме што значеше секојдневната работа. Како се пренаменуваа одделенијата за да бидат ковид болници, за колку брзо време се инсталираше кислород таму каде што беше потребно, колку пожртвувано здравствените работници, пред сè директорите на одредени клиники кои што се вклучени во овој процес и директорите на сите општи клинички болници во кои се лекуваат пациентите болни од ковид, без да се штедат, посветено работат секојдневно. Сметам дека и покрај тоа што сериозно долго трае оваа криза ентузијазмот не е намален. Напротив, и на секојдневните консултации и координативни состаноци кои ги одржуваме еднаш неделно, навистина тој степен на ентузијазам кај здравствените работници е многу голем. Иако сега имаме податоци, односно бројки кои покажуваат дека кризата полека спласнува, а ние тоа го чувствуваме и по бројот на приеми во болниците, сепак таа координација интензивно трае и понатаму. Се спремаме за предновогодишниот период, периодот на празниците кога и традиционално наназад се правеле распореди за дежурства, за сменска работа во текот на целиот овој период, така да мислам дека навистина одлично одговорија здравствените работници. Владата го цени тоа, ја цени нивната пожртвуваност, нивната енергија да го издржат притисокот, да ја издржат борбата докрај, задари што и се одреди една сума за околу 7.600 здравствени и нездравствени работници и тие заслужено ќе бидат наградени сега пред Нова година.
Во почетокот на епидемијата во Македонија бевте омилен меѓу граѓаните иако постоеја дури и оние непопуларни карантински мерки, но подоцна, со зголемување на бројот на заразени, посебно со големиот број починати лица на дневна основа, сликата се смени и често сте подложен на критики? Дали грешиме во некои чекори како држава во справување со кризнава ситуација?
Филипче: Критики имаше и од почетокот на кризата, посебно од страна на опизицијата која што секогаш имаше критика за кој било наш предлог или препорака или сугестија. И смртноста е нешто што е често предмет за критики. Меѓутоа, реалноста воопшто не е таква дека ние имаме огромнна смртност која не може да се спореди со некои други земји. Напротив, многу сличен степен на леталитет имаат и многу други поразвиени европски земји со многу поразвиени здравствени системи. Од соседството Бугарија, Грција, Босна, Словенија. Имаме и многу специфичен начин на пресметување на леталитетот. Никогаш не ги исклучивме постмортем брисевите со цел да ги заштитиме семејствата на починатите. Во таа смисла сметам дека сè што се аплицира во нашите здравствени установи како методологија на лекување на пациенти е секогаш врз основа на медицината базирана на докази, внимавајте, станува збор за болест за која што нема специфичен лек и за која што дури и еден лек кај двајца исти пациенти не се дава со иста доза секогаш. Значи има доста разлики, модификации кои што исклучиво зависат од клиничката слика, односно состојба на пациентот и затоа секогаш инсистиравме на тоа да е докторот тој кој што мора да направи проценка, прегледи за да се препише соодветна терапија.
Светската здравствена организација постојано излегува со песимистички најави, прво велеа дека есенскиот бран ќе биде многу посилен, што и навистина се случи, сега пак велат дека ќе има и трет бран на Ковид-19 кој всушност ќе биде со најжесток импакт. Дали според вас јануари ќе биде исклучително критичен месец?
Филипче: Дел од прогнозите, мора да бидеме искрени, не само кај нас, туку насекаде во светот, па и тие кои беа дел на Светската здравствена организација не се остварија. Тоа е доказ дека се уште имаме работа со предизвикувач за кој што има сè уште многу непознати. Една од претпоставките беше дека пандемијата ќе трае толку колку што вообичаено траеле претходните пандемии, а тоа е 8 до 10 недели за горнореспираторните епидемии. Понатаму, се прогнозираше дека корона вирусот ќе го снема во текот на летните месеци, но и тоа се покажа дека не е точно. Меѓутоа, како што гледавме како се одвиваат работите, сите предвидовме есенски бран. Е тоа се оствари. Сега е навистина многу тешко да се предвиди дали ќе има и уште еден. Но, најбитно од сè е здравствените системи да се спремни да издржат уште еден таков силен налет каков што имавме на почетокот на ноември. И јас верувам дека сме ние подготвени со планот кој што го имавме го активиравме за кратко време, а сведоци сме и знаеме од комуникацијата со останатите земји од регионот дека и тие го прават истото. Така да во таа смисла е многу тешко да се даде прогноза, битно е да се подготвени здравствените системи ова да го пречекаат. Со модуларните ковид-центри сме уште поспремни. Жалам заради претходните блокади заради што досега не се целосно поставени и во функција, но ќе бидат. Еве се завршува и тој проект кој ќе биде значајно олеснување на работата на многу болници, одделенија, посебно болници каде што никогаш немало инфективни одделенија. Тоа се болници кои сега се целосно опремени со медицинска и немедицинска опрема да третираат пациенти болни од Ковид-19. Осве тоа, сметам дека граѓаните со нивната свест и совест имаат една од клучните улоги, би рекол во менаџирањето на целата криза. Тоа е нешто што цело време го потенцираме и нешто што е навистина така насекаде во светот. Гледаме дека токму од непочитување на превентивните мерки и препораки, произлегоа многу мини кластери, со што практично започна претходниот бран. Јас сум свесен дека навистина е човечки и дека е во човековите навики и психологија и секако култура на живеење, да има собирања, да има социјализација и да се дружат. Но, тоа е и еден од најголемите проблеми од овие сите превентивни мерки. Свесни сме дека имаше дури и посериозни последици по менталното здравје заради тие аспекти за избегнување на таквите групирања. Меѓутоа мора да се издржи, заради тоа што мора секој да сфати дека носи исклучително голема одговорност, дека токму прекршувањето на превентивните мерки се нешто што сакаме да го избенеме, сè со цел да се помогне на втората карика, а тоа е здравствениот систем, да се помогне и на здравствените работници. Верувам дека, еве кога сега спласнува бројот на новодијагностицирани, се ослободуваат сè повеќе термини за тестирање, се намалува бројот на новохоспитализирани пациенти, дека нема да дозволиме да се соочиме со уште една таква мини криза во рамките на оваа.
Во овој период посебно актуелна тема е пристигнувањето на вакцините, а неколку пати кажавте дека станува збор за една голема логистичка операција која бара сериозна организација. Но, досега не е кажано која вакцина конкретно ќе пристигне во Македонија, или можно е да имаме вакцини од повеќе производители?
Филипче: Ние како апликанти во Ковакс-ситемот ги очекуваме вакцините по распоред по кој што ќе ги одреди самиот систем. И во таа смисла моравме да бидеме и сме спремни за да стигне која било од вакцините, при тоа сме спремни да бидат соодветно складирани и понатаму соодветно дистрибуирани и секако аплицирани. Од системот на УНИЦЕФ сме оценети како едни од најподготвените земји во регионот, а тоа е токму поради тоа што сите економски оператори кои што имаат работа со вакцини и имаат лиценци да работат со вакцини, односно имаат соодветни складишта и систем на транспорт се согласија тоа да го прават без никаков надоместок. Значи да се складира вакцината кај нив, да се транспортира во здравствените домови и потоа да се аплицира согласно распоредот кој што го разви работната група во консултација со Комитетот за имунизација. Во таа смисла, го користиме практично истиот систем и истата инфраструктура која што со години постои за чување и транспорт на вакцините и сметаме дека е тоа најдобриот систем. Единствено нешто што очекуваме на почетокот на јануари се фрижидерите за -70 степени, односно за вакцината на Фајзер. Има големи шанси да стигне, и ние сме спремни и за таа вакцина. Всушност сме спремни за која било вакцина која што е во системот на Ковакс. Подготвени се и фрижидерите кои одржуваат температура на -20 степени, веќе ги видовме ладните соби каде температирата се одржува на 2 до 8 степени. Сето тоа е целосно спремно.
Според последните анкети најголемиот број граѓани од Западен Балкан не веруваат во вакцините против корона вирусот, и би се вакцинирале само 39 отсто. Едно од истражувањата покажувува дека тоа е така бидејќи граѓаните всушност не веруваат во институциите. Каков е вашиот впечаток, дали кај нас повеќе се верува во теориите на заговор, отколку на здравствените власти?
Филипче: Ние се соочивме со епидемија на морбили минатата година. И тогаш бевме сведоци дека имаше една силно изразена антивакцинална кампања, но вакцината која ја имаме беше една од сериозните и битни инструменти во нашите раце да се справиме со епидемијата. Епидемијата спласна за 6 месеци. За многу кратко време се вакцинираа невакцинираните деца и процентот кој беше под 70 отсто, по имунизацијата во Скопје порасна на 99,5 % и над 95 % на територијата на целата држава. Со тоа се изгуби болеста. Сега сме сведоци што значи да имаме работа со болест за која што немаме вакцина. Затоа сите очекуваме што поскоро вакцината да дојде бидејќи таа ќе биде најважниот механизам за да спласне пандемијата. Да потсетам и на тоа колку случаи во минатото имаше на церебрална парализа до вакцината со Полио, на туберкулоза до вакцината БСЖ. Па во нашата земја веќе нема случаи, односно има толку малку, спорадично што не претставува никаков проблем на здравствениот систем. Така што јас верувам дека граѓаните, еве ако ништо друго, тоа што се сведоци, како изгледа во државата да имаме болест за која што нема вакцина, ќе бидат свесни колку е битна и вакцинацијата. Нема простор за сомнеж во вакцините. Сите се развиени на сигурни и вообичаени платформи на кој што се развиваат вакцините. Еве не видовме ниту еден од досегашните публикации на некаква сериозна несакана реакција. Вообичаен е патот на клиничките студии, вообичаен е патот на добивање административна дозвола од страна на Европската агенција за лекови. Така што, ние сме спремни и на кампања и на уверување на сите во каква било форма на комуникација дека ова е сигурна вакцина и дека ова е практично единствениот инструмент кој што сега го немаме да се справиме со пандемијата.
Дали Вие ќе се вакцинирате и која вакцина ја преферирате?
Филипче: Да, апсолутно. Ќе бидам меѓу првите, особено што сакам да покажам и со сопствен пример да укажам на тоа дека вакцината е безбедна, дека нема потреба од страв или од сомнеж и дека само така ќе ставиме крај на пандемијата. Сите развиени вакцини се ефикасни.
Се ближат празничните денови, пред нас се Нова Година и Божик, очекувате ли мерките да дадат добри резултати во намалувањето на факторот на преносливост?
Филипче: И во ова интервју ќе ја искористам можноста да апелирам до граѓаните да се придржуваат до мерките. Само така, со негрупирање, со носењето маски ќе успееме овој период кога спаснува епидемијата, да не го влошиме. И можемеме да го направиме тоа. Ќе направиме пауза од вообичаените навики и собири и сето она што го носи со себе предновогодишната и празничната атмосфера. Има време за празнување, верувам дека со вакцината ќе се смени сликата со пандемијата и во светот и да можат да се вратат луѓето на своите вообичаени навики.
Секој има новогодишна желба, која е Вашата?
Филипче: На приватен план, навистина сакам откако ќе заврши сето ова да поминувам повеќе време со мојот син. Но, пред сè посакувам да и кажеме збогум на пандемијата. Сето ова е навистина е тешко и комплексно, иако влеговме во еден систем на целосна реорганизација, сепак сакам да се вратиме на другите реформски процеси кои ги правевме во здравствениот систем.
Што очекувате во 2021, ќе можеме ли да прогласиме крај на пандемијата?
Филипче: Вакцината ќе ја промени играта и мислам дека ќе имаме се повеќе и научни сознанија и лабораториски сознанија во однос на вирусот, во однос на клиничката слика кај пациентите. Очекувам да имаме многу повеќе одговори на тоа зошто кај еден пациент се манифестира болеста на еден начин, а кај друг, трет пациент, на сосема поинаков начин. Во светот на медицинската науката за да се одговори на сето ова е потребно време, клинички студии, лабораториски испитувања, но уверен сум дека во 2021 ќе ја постигнеме целта.
Анита Буховски* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.