01 Декември, 2024
0.0250

Младите, перспективите и туѓината

Објавено во: Колумни 17 Мај, 2013

Добивај вести на Viber

Дали има место под сонцето за секој оној кој сака да живее, твори, се образува, надградува и создава на ова мало парче земја? Дали компетенциите и квалитетот на индивидуата се исклучиви и единствени репери за нејзино вработување и напредување? Дали наградувањето и вертикалната подвижност во секоја институција се добиваат и случуваат само врз основа на вредноста, трудољубивоста и знаењето што ги поседува една личност? Дали партиската книшка е фактор број еден за вработување и напредување? И уште колку дали и уште колку зашто може да се постават кога станува збор за младите луѓе, нивната перспективност кај нас и нивните погледи за сопствената држава. Илјадници прашања, а малку одговори, многу дилеми, а оскудни заклучоци, многу размисли, а идентични и елементарни објаснувања и едноставно овие прашања на површина ја изнедруваат потребата за суштинска и длабока анализа и дебата за местото, положбата, улогата, перспективноста и моќта што ја има младиот човек денес, во нашата ни мила држава. Дваесет години ја боледуваме транзицијата Повеќе од дваесет години ја боледуваме транзицијата и таа е вечниот и дежурен виновник за сите негативни дејанија и активности што ни се случуваат две децении наназад. Постојано имаме некое оправдување за поставување на одредени не доволно компетентни кадри на соодветни-одлучувачки позиции, на мошне лесен начин го објаснуваме неуспехот во значајни сегменти, не многу заинтересирано и без посебно придавање на соодветно значење се однесуваме кон постојаната миграција што во континуитет ни се случува, неми сведоци сме на одливот на млад и перспективен кадар надвор од земјата, и не многу посветуваме внимание на критиките упатени кон нас кога станува збор за примена и имплементација на одредени стандарди и реформи кои подразбират прогрес во одредени општествни сфери. Гледајќи и анализирајќи стручно се добива впечаток дека суштинските проблеми ги ставаме под чергиче, ги маргинализираме, а за сметка на нив потенцираме одредени активности кои не се содржајни и приоритетни, но затоа се мошне популистички и популарни. Меланхолија, апатија и безперспективност ги зароби порите и душата на младите Визионерството, прогресивниот дух, еланот, инвентивноста, желбата за нови постигнувања и нови предизвици не се веќе движечка сила и импулс кој ги придвижува младите луѓе кон остварување на нивните животни желби и цели. Апстрактните идеали кои се однесуваа на повеќе знаење, отворање на нови хоризонти, желба за успех кој почива исклучиво на знаење и компетенции, позитивен натпревар кој исклучиво стимулира, напредување врз основа на квалитет и трудољубивост не се веќе основа за остварување на животните апсирации на младиот човек кај нас. Меланхолија, апатија и безперспективност ги зароби порите и душата на младите кај нас. Наместо блескава и иднина во своите размисли и желби денес тие имат   замрачен и притаен поглед кон утрешнината, со двојба за сопственото место во сопствената држава или нов почеток,неизвесен некаде далеку, осамени, но во земји со поинакви вредности и перспективи од сопствената. И со право и без тронка приговор може да ги прифатите аргументите на младите кога ви соопштуваат дека избрале можеби потешко, но за нив поперспективно решение, појаснувајќи дека заминуваат далеку, но на места каде нивниот квалитет и нивните знаења ќе се вреднуваат соодветно,  нивниот труд ќе се цени и ќе имат можност да напредуваат пропорционално на сопствените вложувања. Се одлева ум, интелегенција кој и тоа како знае да придонесе за развој на државата Загрижувачки се податоците за иселувањето на младите од нашата држава и тоа од повеќе причини. Првенствено се одлева ум, интелегенција, образован кадар кој и те како знае, уме и може да придонесе и за сопствен напредок, но и за развој на државата. Ни заминуваат таленти кои се насушна потреба на нашата ни мила држава и кои се по дифолт носители на општествените промени, општествениот прогрес и општествениот развој. Истите млади се и репродуктивен наш потенцијал, бидејќи кај нив е клучот за продолжување на популацијата и зголемување на наталитетот. STOP BRAIN DRAIN треба да биде флоскула на секој добронамерник и родољуб, а посебно на оние кои се носители на општествени функции.  Да засукаме ракави сите, оние кои имаат моќ, оние кои имаат знаење и оние кои умеат за да се направи една квалитетна национална стратегија за развој на државата, населението и одржана популациона политика, бидејќи ако тоа не се стори во скоро време иднината не ни е перспективна. Вистински патриоти и родољуби на потег сте. Д-р Татјана Стојаноска Иванова Институт за социологија Филозофски факултет Скопје

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.