28 Ноември, 2024
0.0253

ММФ ги признава грешките, но зошто не зборува за причините­?!

Објавено во: Колумни 24 Јуни, 2013

Добивај вести на Viber

Признавањето на ММФ дека дозволил „значителни грешки“ во спасувачкиот план за Грција, поради што земјата поднесла многу потешка рецесија отколку што било предвидено, предизвикува бројни недоумици. Институцијата која во изминатите шест децении настојуваше по секоја цена, без исклучоци, да ги наплати обврските од земјите членки на Фондот оддеднаш покажа разбирање за проблемите на еден должник, па дури призна и грешки во своето ангажирање во соработка со европските институции. Тука само не се разбра, дали таквиот став произлегува од трајна промена на концептот на работење на Фондот со должниците или е тоа  моментална „грижа на совест“ поради тоа што Грција и покрај огромната финансиска поддршка од Европската централна банка и од ММФ веќе шеста година е во рецесија, а невработеноста достигна 27%. Дилемите ги разби комесарот за економски прашања во Европската комисија Оли Рен кога изјави дека ММФ се обидува да покаже дека не е крив за кризата во таа земја и сета одговорност да ја префрли врз Европската унија. За него е неспорно дека ММФ, ЕЦБ и Европската комисија со заеднички напори се обидувале да и‘ помогнат на Грција во решавањето на економската криза и не е фер што ММФ се обидува да докаже дека само ЕУ е виновна за кризата во Грција. Од ваквите спротивставени ставови произлегува дека некаква „грешка“ постои, со тоа што за Фондот „виновници“ се европските институции, а за Европската комисија, ако има грешка, таа е резултат на заедничките напори на Фондот, ЕЦБ и Европската комисија. Но, проблемот не е во тоа кој е виновен за евентуалната грешка. Може да се расправа до недоглед за тоа кој што направил погрешно или не направил нешто потребно и благовремено за конкретната ситуација. Во таквата аргументација можат да се видат само различните гледишта за патот како да се надминат должничките кризи во одделни земји, а се запоставуваат причините поради кои тие западнале во должничка криза и не се води сметка за членките кои доследно се придржуваа на правилата на однесување утврдени од страна на ММФ во односите со земјите членки. Некои од нив жртвуваа материјални и човечки сили (вклучувајќи ја и Македонија) да ги избегнат економски неодговорните однесувања кои водеа кон претерано задолжување и запаѓање во должничка криза. Токму затоа сегашното изразување на грижа за состојбите во Грција во најмала рака е непринципиелно од страна на Фондот. Тоа не значи дека не треба да се бараат решенија за грчката ситуација, но решенијата не треба да бидат од таков калибар кои ќе го доведат во прашање принципот според кој долговите мора да се вратат. Само така може да се очекува благовремено и ефикасно разрешување на натрупаните меѓународни економски проблеми. Селективната „грижа“ со која се толерира неодговорно однесување е политика на двојни аршини. Вака се доведуваме во ситуација , да за тие што претераа во трошењето се бараат решенија (вклучувајќи и огромни отписи), а за другите кои  се однесуваа одговорно, и заради тоа, губеа во темпото на развој, не станува ни збор. Во овој контекст не треба да се испушти од вид и фактот дека во заднината на ваквата  расправа е и интересот на Фондот за изнудување на поголемо ангажирање на ЕЦБ во надминувањето на должничката криза во еврозоната, слично на ангажирањето на ФЕД (американската централна банка) во надминувањето на рецесијата во САД. Со неконвенционалните мерки на монетарната политика (читај: со печатењето на долари) Американците го заздравија сопственото стопанство (иако не и на преткризно ниво), но и отворија процес на слабеење на доларот во однос на еврото. Во меѓувреме во Европа , се појави  страв од можноста, порастот на социјалните тензии поради мерките за штедење да излезе од контрола и да прерасне во несакани судири кои би ја довеле во прашање стабилноста во одделни земји (во конкретниот случај,на Грција). Неприфатливоста на таква разврска секако влијаеше ММФ да инсистира, а ЕЦБ да не одложува и да примени соодветни неконвенционални мерки. Со таквата политика се очекуваше намалување на социјалните тензии во задолжените земји и намалување на  атрактивноста на еврото во однос на доларот. Но она што е суштествено, е што во „ривалската“ расправа кој е „повиновен“  за состојбите во Грција се заобиколуваат неопходните расправи за вистинските причини на финансиската и должничката криза и за начинот на нивно надминување. Се избегнува да се види дека на кризата и‘ „кумуваше“ и ММФ со неконсеквентните „промени во од“  на основите на повоениот меѓународен монетарен систем и со политиката на форсирано либерализирање на економските односи на земјите членки во процесот на глобализација. Затоа, дури е и несоодветна грижата за состојбите во презадолжените земји во еврозоната (тие се проблем на еврозоната). ММФ  треба да предложи реформа на меѓународниот монетарен систем  со која секоја земја ја сноси одговорноста за состојбата во националната економија, а тоа значи дека ги сноси и последиците од неодговорното однесување. Во повеќе наврати сум рекол дека ваква разврска не е можна без создавање на глобална валута, а се додека тоа не се случи,  до недоглед ќе се расправа, кој е виновен за состојбите во одделни земји или кој  ги предизвикува  глобалните нерамнотежи кои ги оптоваруваат меѓународните економски односи. Д-р Крсте Шајноски

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.