28 Март, 2024
0.0250

Мобинг? Каков мобинг?!

Објавено во: Колумни 12 Јуни, 2013

Добивај вести на Viber

Од неодамна правата на работниците во нашата земја значително се зголемија. Парламентот го донесе Законот за заштита од вознемирување на работното место. Или да преведеме на наш јазик, сега сме заштитени од исклучително штетната појава наречена мобинг. Оние заостанати земји во Европа коишто сеуште немаат ваков закон, а каде што стапката на невработеност е помала од 10%, а просечната плата изнесува неколку илјади евра, сега имаат на што да ни завидуваат.

          Според текстот на Законот, мобингот претставува психичко или сексуално вознемирување на работното место.  Кога човек ќе погледне кои видови на вознемирување се опфатени со Законот, ќе добие впечаток дека се наоѓа во Германија или Данска. Овие земји се малку позаостанати од нас, па таму сеуште не е присутен политичкиот мобинг или мобингот на национална основа. Ние сме имале среќа да отидеме чекор понапред, па успеавме во пракса да ги развиеме сите можни видови и подвидови на мобинг. А тоа што Законот се ограничува само на психичко и сексуално вознемирување, а не и на другите видови на мобинг, чудо големо! Битно е од некаде да се почне. Е сега, од каде да се почне? Според статистичките показатели (официјални или неофицијални, како сакате), една третина од работно способното население во Република Македонија е „на улица“. Значи, луѓето зеле некое парче хартија наречено диплома (или можеби свидетелство за завршено основно или средно образование) и сега ги нудат своите услуги на берзата на трудот. Бидејќи побарувачката за работна сила е многу помала од понудата, тие луѓе се принудени или да вадат парче леб на црниот пазар или да си ги спакуваат куферите и да заминат во горе наведените земји кои немаат Закон за мобинг, ама имаат пристојни услови на работното место. Кога некој од нашинците ќе се вработи на Запад, таму нема да го прашаат дали има „вујко владика“ или дали „лепел плакати“, туку ќе ги ценат резултатите од неговиот вложен труд на работното место. Можеби тој нашинец и таму ќе стане жртва на мобинг, ама барем финансиски добро ќе си помине. Значи, една третина од нашето работно способно население, и да сака, не може да биде жртва на мобинг. Нели, мобингот е вознемирување на работното место, а горе наведената третина нема работно место. По дефиниција, отпаѓа од „списокот“ на потенцијални жртви на мобинг. Остануваат уште две третини. Што мислите, ако односот помеѓу вработените и невработените е 2:1, некој ќе смее да се пожали дека е малтретиран? Психички или сексуално? Дека за тоа ќе обезбеди потребна медицинска документација? Дека ќе најде сведоци кои во евентуалната судска постапка ќе застанат на негова страна? Да бидеме сериозни... Од друга страна, не е мал бројот на луѓе на кои водата им е дојдена до грлото. Или ножот до коска. Луѓе кои секојдневно одат на своите работни места, а нозете им се враќаат назад. Луѓе кои мораат да трпат сериозно понижувања, само за да однесат парче леб дома и да ги нахранат своите семејства. Нашиот народ рекол: „Наведната глава сабја не ја сече“. Од страв да не го изгубат работното место, тие луѓе се спремни да поднесат буквално се, само за да ја зачуваат голата егзистенција. И сега им се нуди сламка на спас. Закон за заштита од мобингот. Им се нуди правна заштита на обесправените, на понижените, на оние кои се принудени да се однесуваат кон својот претпоставен на работното место како кон Господ. Или можеби, едно ниво погоре. Зашто Господ простува, а претпоставениот - кој знае? Дали овој Закон ќе ја постигне целта поради која што е донесен? Или ќе остане само „мртва буква на хартија“ која служи само како декорација на нашите заложби за поголеми работнички права? Зависи од кој агол ги гледаме работите. Дали искрено веруваме во намерите на социјалните партнери (Владата, Комората и Синдикатот) овој Закон да профункционира или пак ќе надвладее скептицизмот и сето тоа ќе добие третман на евтин популистички потег.  Првиот добиен судски спор на вработен - жртва на мобинг ќе биде сигнал дека работите мрднале од мртвата точка. Се дотогаш можеме да се фалиме дека заштитуваме нечии права, а праксата упорно да не демантира. д-р Гоце Трајковски

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?