Молдавија се спрема за можни песимистички сценарија, ЕУ ќе ја зголеми воената помош
Објавено во: Свет 04 Мај, 2022
Молдавија се подготвува за можни итни случаи.
„И покрај провокациите на проруските сепаратисти во последните денови, Молдавија не гледа непосредна закана од немири од Украина, но прави планови за вонредни ситуации и песимистички сценарија“, изјави денеска претседателката на Молдавија, Маја Санду.
Таа го осуди и коментарот на руски генерал кој изјави дека една од воените цели на Москва е да ја окупира украинската територија и да се поврзе со сепаратистите во Молдавија.
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел вети дека ќе ја зголеми воената помош за Молдавија.
„Треба да ја одржиме стабилноста. Наша европска должност е да помогнеме и да ја поддржиме вашата земја“, рече Мишел.
Киев претходно ја обвини Москва дека се обидува да ја вовлече Молдавија во војна, а Кремљ изрази загриженост поради ситуацијата во сепаратистичкиот регион во Молдавија, каде Русија има стационирани стотици свои војници по распадот на Советскиот Сојуз, пренесува „Ројтерс“.
Проруските сепаратисти од самопрогласената Придњестровска Молдавска Република, минатата недела тврдеа дека украинските сили се одговорни за бројни напади и експлозии, пренесува „Ројтерс“. Со ова се јави стравот дека и Молдавија може да биде вовлечена во конфликтот.Прорускиот регион од 420.000 луѓе е отцепен од Молдавија и е доста сиромашен.
Регионот, во кој главно се зборува руски, се отцепи од тогашната советска Молдавија во 1990 година. По распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година, проруските сепаратисти водеа крвава војна со молдавските владини сили.
foto freepik.com