МОНЕТАРНАТА ПОЛИТИКА НА ЕУ ЌЕ БИДЕ РЕСТРИКТИВНА: Што им сугерира ЕЦБ на Владите?
Објавено во: Колумни 26 Јануари, 2024
Како што обележав и претходно, за малиот раст на германската економија во 2023 година, причинител беше рестриктивната монетарна политика предизвикана од високата стапка на инфлација, која пак, беше предизвикана од кризите со ковид пандемијата и зголемените геополитички тензии (воените конфликти). Од ова, некои германски аналитичари, за 2024 година имаат предвидувања дека граѓаните треба да очекуваат постепено, но сигурно забавување на економскиот раст во 2024 година, а умерено во 2025 година. За германските компании (стопанство), каде македонската економија треба да го насочуваи зголемува извозот, ова треба да подразбира дека ќе опстојува задржување на високите каматни стапки подолг период, баш така како што вели ЕЦБ излезе со соопштение, вчера од Франкфурт.
Во контекст на ова, на почетокот на јануари, главниот економист на ЕЦБ, Филип Лејн, во интервју, отворено ја спомена можноста за повеќекратно намалување на каматните стапки, но од друга страна истовремено предупреди дека пребрзото намалување на каматните стапки може да предизвика нов бран на инфлација и да ја принуди ЕЦБ да ги зголеми уште повеќе. Официјално, од седиштето на ЕЦБ во Франкфурт, претседателката Лагард, вчера, некаде чинам на пладне ја објави одлуката. Поточно, како што и беа нашите анализи, така Европската централна банка на трет последователен состанок, а прв годинава, ги задржа каматните стапки непроменети. Исто така, како што ние бевме на мислење во анализите од декември и на почетокот на јануари, така, денес, може да се слушне од Франкфурт, преку прес-конференцијата на Лагард, вокабулар во кој доминира анализа дека намалувањата можеби сè уште се далеку.
Како што беше кажано на прес-конференцијата, трите каматни стапки остануваат непроменети.Стапката на депозитите е 4 отсто, маргиналното кредитирање на 4,75 отсто и операции за главно рефинансирање на 4,5 отсто. Ова, од една страна значи дека ЕЦБ цврсто останува на среднорочната стратегија за борба со инфлацијата, со цел, таа да се сведе на 2 отсто. Од друга страна, ова значи дека минатите значајни зголемувања на каматните стапки имаат силно влијание врз условите на финансирање кај европските комерцијални банки и воопшто кон условите на финансирање кај компаниите и граѓаните. На еден начин, би додал, ваквите тесни услови за финансирање, во 2024 година ќе ја намалуваат побарувачката, а со тоа ќе се помага и за намалување на инфлацијата.
„Ние сме решени да обезбедиме навремено враќање на инфлацијата на нашата среднорочна цел од два проценти“, рече Кристин Лагард. Ова, таа го поткрепи со тезата дека само со доволно долго одржување на каматните стапки на вакво ниво, како сега, ќе има значаен придонес кон целта на ЕЦБ - враќање на инфлацијата на 2 отсто. Исто така, сега и официјално сме убедени, како стручна јавност дека ЕЦБ ќе носи идни одлуки за каматните стапки кои ќе имплицираат доволно одржлива рестриктивна политика, и тоа онолку долго колку што е потребно за исполнување на целта.
Развојот на економијата и инфлацијата - погледи на ЕЦБ
Најнапред, економсиот раст на земјите од еврозоната стагнира во последниот квартал од 2023 година. Ова треба да значи дека во тековната 2024 година, ваквата стагнација ќе биде одржлива, ако се имаат во предвид одлуките на ЕЦБ, погоре. Сепак, некои други показатели покажуваат можеби и изгледи за мал раст на економијата на земјите од еврозоната за оваа година. Понатаму, пазарот на трудот во ЕУ останува робустен, а тоа значи силен, цврст. Ваквата теза го имплицира податокот дека стапка на невработеност кај земјите од еврозоната изнесува 6,4 отсто, лани во ноември, што покажува најниско ниво од денот кога е воведено еврото. Значи, денес многу повеќе жители на земјите од еврозоната се влезени во групата на вработени. Од друга страна, пак, побарувачката за работна сила забавува и се огласуваат помал број на слободни и нови работни места за европските граѓани.
Што им сугерира ЕЦБ на Владите на земјите членки на еврозоната?
ЕЦБ им сугерира на Владите во земјите членки на еврозоната, да продолжат со повлекувањето на мерките за субвенција на електричната енергија, со цел - да ги избегнат зголемувањата на инфлаторните притисоци на среден рок;
Понатаму, државите да дизајнираат фискални политики за зголемување на продуктивноста и конкурентноста на европската економија, како и постепено да си ги намалуваат стапките на јавниот долг;
Наредната сугестија е структурни реформи и инвестиции за подобрување на капацитетот за снабдување на еврозоната, кои ќе ги поддржи ЕУ со нивните програмски активности;
На среден рок, да се намалат ценовните притисоци преку поддршка на зелената и дигиталната транзиција;
Побрз напредок на ЕУ кон пазарите на капитал и комплетирањето на Банкарската унија.
Очекувањата се дека инфлацијата дополнително да се намали во текот на оваа година бидејќи ефектите од минатите енергетски шокови, тесните грла во понудата и пост-пандемискиот период избледуваат. Дополнително, монетарната политика продолжува да влијае на побарувачката, а со тоа да ја турка инфлацијата надолу. Како што велат од ЕЦБ, во декември, инфлацијата на земјите членки на еврозоната бележи стапка од 2,9 отсто. Од ова, може да се каже дека продолжува севкупниот тренд на опаѓање на инфлацијата. Инфлацијата на цените на храната во декември се намали на 6,1 отсто. Инфлацијата без енергија и храна, исто така, повторно се намали, на 3,4 отсто, а како резултат на падот на инфлацијата на стоките на 2,5 отсто. Додека, пак, инфлацијата на услугите е стабилна на 4,0 отсто.
Анализите за економскиот раст остануваат со надолна тенденција. Имено, растот на ЕУ би можел да биде помал доколку ефектите од монетарната политика се покажат посилни од очекуваното. Послабата светска економија или дополнителното забавување на глобалната трговија, исто така, би влијаело врз растот на еврозоната. „Неоправданата руска војна против Украина и трагичниот конфликт на Блискиот Исток се клучни извори на геополитички ризик. Ова може да доведе до тоа фирмите и домаќинствата да станат помалку сигурни во иднината и да се наруши глобалната трговија.“, велат од ЕЦБ.
Развојот на економијата и инфлацијата - погледи на Хајделберг Институт
За проекциите на низок економски раст на Германија во 2024 година (околу 1 отсто), а со тоа и на останатите земји членки на еврозоната (во 2024 од 0,8 и 2025 од 1,5 отсто), несомнено е дека има влијание војната во Украина и Израел. Поткрепа за ваквата теза се официјалните извештаи, погоре напишани во колумната, од страна на водечките лица на ЕЦБ. Како што велат тие, просечнатаинфлацијаво 2024 годинавоземјите од еврозоната ќе биде 2,7 отсто додека во наредната 2025 година ќе може да се предвиди дека таа да се симне до 2 отсто. Но, од друга страна за таа цел да се постигне, треба да се очекува, јас би рекол, можна рецесија на економијата на земјите од еврозоната. Имено, акоземјите од еврозоната ја симнат просечнатаинфлацијазаклучно со 31.12.2025 година на стапка од 2 отсто, а притоа по патот до таму, низ цела 2024 и 2025 година, не влезат во рецесија, според мене, тоа ќе биде равно на голем успех на ЕЦБ и ЕУ. Но, за ваквата позитивна прогноза на земјите од еврозоната, геополитичките тензии (воените конфликти) мора, значајно да се намалат. „Јас се плашам дека ваквите состојби ќе се одразат на позитивниот развој на економијата, како во Германија, така и во останатите земји од ЕУ“, неодамна во декември, истакна проф. д-р Улрих Цајтел, од Хајделберг (С.Р. Германија), од позиција на долгогодишен успешен стопанственик.
проф. д-р Синиша Наумоски, претставник на управата на германската високообразовна установа ХАЈДЕЛБЕРГ Институт во Скопје и контролинг професор во АБИТ