02 Мај, 2024
0.0391

Можат ли САД и Русија да ја спасат Сирија?

Објавено во: Колумни 27 Февруари, 2016

Добивај вести на Viber

Додека го читате овој текст во Сирија треба да е на сила примирје. Советот за безбедност на ОН синоќа пред полноќ едногласно ја донесе резолуцијата за прекин на огнот во земјата, број 2268. Во неа стои дека владините сили и военизираните групи од опозицијата ги известиле САД и Русија дека ги прифаќаат условите од нивниот договор за прекин на воените дејства. Советот за безбедност, истовремено, ја потврди „целосната приврзаност кон суверенитетот, независноста и територијалната целосност“ на Сирија, а исто така изрази поддршка на решавањето на конфликтот со посредство на ОН, врз основа на претходно усвоените документи во Женева и во Виена. Оттука и повикот до ОН за побрзо обновување на преговорите меѓу сириската влада и опозицијата. Во Резолуцијата има и повик до Меѓународната група за поддршка на Сирија(„Пријатели на Сирија“) да влијае да се озбезбеди прекинот на огнот и да се создадат услови за „трајно и долгорочно примирје“. Во понеделникот што измина САД и Русија излегоа со заедничко соопштение, обнародено од претседателите Барак Обама и Владимир Путин, во кое се вели дека на 26 февруари, на полноќ, во Сирија се воведува режим на прекинување на огнот. Тој нема да се однесува на Исламската држава и „Фронтот ал Нусра“ и други терористрички организации и групи признати како такви од страна на СБ на ОН. Освен тоа, ова би можело да не се однесува и на групи кои не еднаш ги пренебрегнувале договорите за прекин на огнот. Засега не е познато кои други терористички организации  и групи се на овој список. САД не сакаа тоа да се обнароди. Но, постои договор за воена координација на САД Русија, со кој двете страни ќе разменуваат податоци за таквите групи. Така што Русија ќе знае однапред кои групи се под „чадорот“ на САД и не ќе може да ги атакува. Женевските документи кои се споменуваат во Резолуцијата, се донесени во 2012 година се начела кои го ставаат темелот на идното регулирање на сирискиот конфликт. Многу поконкретен е документот од Виена, усвоен лани. Токму во него се зборува за потребата од резолуција на ОН за решавање на сирискиот конфликт со што се дава меѓународно-правна тежина на Виенскиот договор. Во ноември во Виена беше договорено во текот на шест месеци власта и опозицијата да се договорат за формирање на влада на национално единство, а во текот на 18 месеци да се одржат избори според нов устав. Роковите за вакво нешто се одолговлечија, бидејќи преговорите меѓу двете спротивставени страни требаше да почнат до 1 јануари. Но сега, доколку се почитува премирјето, следниот термин за преговори е планиран за 7 март. Наредниве денови сите очи ќе бидат вперени кон теренот во Сирија. Сигурно е дека ни САД, ни Русија не ќе сакаат да паднат во вода нивните неколкумесечни дипломатски напори. Да докажат дека е можно дипломатско решение на кризата. На криза, која во одредени моменти од некои аналитичари беше окарактеризирана и како потенцијален повод за „трета светска војна“. Или како „нов Авганистан за Русија“. Или пак како „крај на американското влијание на Блискиот исток“. Како што стојат сега работите јасно е дека САД и Русија остануваат на теренот. Од него е исфрлена Франција, која беше со традиционално влијание во тој дел на светот и која до последен момент од петни жили се обидуваше да влијае врз развојот на настаните, но очигледно е дека засега ќе вози по втор колосек. И Турција со нејзиниот „неоосманизам“ заглави во калта. Таа во догледно време ќе треба да се замисли за сопствената судбина. Во право е што се плаши од ширењето на просторите под контрола на сириските Курди. Но, прашањето со Курдите прво треба да го реши дома, а не надвор од нејзините граници. Зашто Курдите се најбројни токму во Турција. Во Сирија Русите и Американците ќе ја водат играта. Во предвечерието на објавувањето на примирјето, на неколку часа пред заседанието на СБ на ОН, од двете страни, САД и Русија дојдоа јавни предупредувања. И едните и другите бараа да се почитува прекинот на огнот со закани дека ако тој не се почитува виновна ќе биде спротивната страна. Можеби тоа беше повеќе за публика, отколку вистинско заканување, но не си останаа должни едни на други. Па така, Барак Обама предупреди дека примирјето треба да го почитуваат сите. Пред се режимот на Башар ал Асад и неговиот сојузник Русија. Според него „наредните денови ќе бидат критични за судбината на Сирија, и тоа ќе го следи целиот свет. Погледно пошироко, тоа ќе биде тест кој ќе покаже дали сите страни навистина се подготвени за преговори“. Тој додаде дека граѓанската војна во Сирија нема да се заврши се додека на власт во Дамаск е Асад, при што призна дека околу тоа прашае има битни разијдувања со Русија, Иран и некои регионални играчи. Очигледно е, според него, дека „после многу години варварски однос на режимот со сопствениот народ многумина во Сирија нема да го остават оружјето се додека Асад не замине“. Одговорот од Москва не се чекаше долго. Сергеј Лавров, рускиот министер за надворешни работи за овие зборови на Обама рече дека „противречат на сите решенија под кои САД се потпишале во Советот за безбедност. А тие зборуваат дека нема оправдување за тероризмот“. Лавров, исто така, изјави дека никој не може да даде апсолутни гаранции за прекин на огнот, но после постигнатиот договор меѓу САД и Русија за примирје во Сирија „ противниците на политичкото решавање на процесот остануваат без аргументи“. Еден ден претходно од САД дојдоа најави за некаков план-Б. Во случај работите да не одат како што е предвидено со примирјето. Официјална содржина на таков план не е објавена. Можеби во Вашингтон размислуваат за нешто. Во Русија пак велат дека нема никаков алтернативен план на заедничката изјава на САД и Русија за решавање на кризата во Сирија и таков не се планира. Се чини дека САД блефираат со план-Б. Да го имаа тие секако досега ќе го промовираа во план-А. Зашто, факт е дека во поглед на инцијативите тие каскаат зад Русите. Но и покрај ова Американците и Русите остануваат главни актери во геополитичката игра на Блискиот исток. Од нејзиниот исход ќе зависи кој ќе биде победникот. Тие и натаму ќе се натпреваруваат за доминација таму.Русија по распадот на Советскиот Сојуз ги изгуби своите арапски сојузници, освен Сирија. Американскиот хегемонизам насекаде во светот слабее. А некои тоа умешни го користат. Па и Русија. Таа во Сирија дојде не да го поддржи Асад, туку да ја стабилизира својата позиција, преку стабилизирање на неговиот режим. Да биде релевантен партнер во идните преговори. Да го остават Асад, тој би водел борба до последни сили, секако со руски грб зад себе. А Русија со примирјето сака да го одбегне заглавувањето во долга војна. Од друга страна и да покаже дека ја бива и за миротворец. Во САД најде најдобар партнер за тоа. Американците не сакаат да влегуваат во нова војна во светот. За нив најдобро би било некој со нивно оружје да ја води таа војна. Но ситуацијата на теренот не е таква да им гарантира дека ќе успеат во тоа. Илјадници припадници на Слободната сириска армија и на други вооружени групи беа вооружувани и обучувани, за на крај да се признае дека во ветер се фрлени стотици милиони долари. Тие омекнаа и кон Асад и покрај изјавите дека тој мора да си оди. Во ниту еден документ потпишан од САД не стои дека Асад мора да замине, како услов, за почеток на преговори за иднината на Сирија. А тој ги провоцира сите со најави дека во април би требало да се распишат претседателски избори! Што значи примирјето за САД и Русија? Во прв ред дека треба да ги земат уздите во свои раце и да ги водат своите сојузници по патот кон мир. Русија да го притегне Асад, тој да не им кажува каде и колку да војуваат. Се разбира доколку таа сака да биде гарант на мирот. Исто и САД со нивните поддржувачи. Само на тој начин може да се направи нешто во Сирија. Дали има подводни карпи во склученото примирје. Секако. Допрва претстојат тешки битки против ИД и други терористички групи. Ако опозицијата и сириската армија навистина го почитуваат примирјето и не војуваат меѓу себе, тогаш и едните и другите со подршка од САД и Русија ќе се насочат кон освојувањето, поточно ослободувањето на териториите под контрола на ИД и други терористички групи. Дали тие нема да се судрат меѓу себе на линиите на новите фронтови?  Не е исклучено. А тоа ќе биде и ново ривалство САД и Русија. Приказната со војната во Сирија ќе трае уште долго. Примирјето, ако го има, не значи и мир. Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина