25 Април, 2024
0.0289

МРТВО МОРЕ

Објавено во: Колумни 09 Февруари, 2013

Добивај вести на Viber

          На мирната површина на застоената, смрдлива водена маса на која се нафатило зеленило, се појавија неколку малечки бранови, сакајќи да се оттргнат, да полетаат некаде високо, но брзо се вратија кон масата. Зеленилото повторно покри се, а мирната водена површина повеќе ништо не ја вознемири, никаков бран веќе не се подигна.

          Ух, како се чувствува мирисот на застоена вода која не се бранува! Дави, загушува. Дајте ветар да ја раздвижи неподвижната гнила маса!

          Никаде ветрец...

          Верувам дека сите се сеќаваме на одличната сатира на Радоје Домановиќ. Во „Мртво море“ тој опишува една малограѓанска средина која не ги поднесува луѓето што мислат различно и која не бира средства да им се спротивстави на оние што се осмелиле да ја разбрануваат застоената водена маса. Малограѓаните живеат мирен живот без амбиции, стремежи, идеали. Тие едноставно не сакаат промени. Сите оние кои на еден или друг начин ќе се обидат да ја нарушат таа удобност се ставаат на столбот на срамот. Оние кои ништо не направиле во својот живот не можат да се помират со успехот на другите и настојуваат да ги повлечат кон дното. Она исто дно на кое се наоѓаат сите малограѓани и каде што треба засекогаш да останат за да не се наруши удобноста на нивните празни животи.

          Актуелната ситуација во Република Македонија претставува ретко успешна копија на настаните опишани во сатирата „Мртво море“. Талентот на поединецот не е доблест, тоа е недостаток поради кој истиот тој поединец може да доживее низа непријатности. Дома, на работа, во кругот на пријателите. Имаме една парадоксална ситуација кога многу работи можат да ти простат, но успехот никогаш!

          Успешните поединци во било која област можат да се избојат на прстите на една рака. Најчесто имаме ситуација на една волја против илјада пречки. Дури и кога поединецот ќе успее да ги совлада тие илјада пречки, ќе остане осамен, зашто средината нема време или разбирање за неговите идеи. Ако сака да ги реализира тие идеи, ќе мора да се приклони кон групата. Нели, заедно сме посилни. А тоа што приклонувањето кон одредена група по дефиниција значи сведување на талентот во рамките на просечноста, никому ништо. Успешни индивидуалци виреат само на запад, зашто таму таква е климата. Кај нас мора да си дел од стадото, во спротивно ќе те изеде волкот.

          Во општествени размери, кога станува збор за одредени стратешки прашања, се соочуваме со молк. Молчи МАНУ, молчат интелектуалците, молчат институциите на системот. Прагматично е да се молчи. Ако нешто кажат, веднаш ќе добијат етикета дека припаѓаат на едните или на другите. Во најмала рака, ќе мора неколку пати да објаснуваат што сакале да кажат со ставот изнесен во јавноста. Не залудно се рекло дека молчењето е злато. Што ако проблемите се ставаат под тепих на тој начин? Нив ќе ги решава некој друг, во некое идно време кога удобноста на оние кои сега треба да бидат присутни во јавноста нема да биде загрозена.

          Во таква ситуација не треба да зачудува што транзицијата ни трае повеќе од 20 години, што за нашата судбина одлучуваат другите, што некои самонаречени новинари го креираат јавното мислење во државата. Така било, така и ќе биде. А зошто? Едноставно затоа што за сите лоши работи што ни се случувале во периодот од осамостојувањето до денес вината треба да се бара кај добрите граѓани кои биле дел од масата и кои не сакале да мрднат со прст!

          Мртво море... никаде ветрец...

   д-р Гоце Трајковски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД