19 Април, 2024
0.0722

На Запад нови приказни, од Истокот ништо ново!

Објавено во: Колумни 24 Април, 2020

Добивај вести на Viber

Веројатно, кој што прави, соседна Бугарија ги отвора старите добрососедски,  незараснати историски рани. Просто е неверојатно, како во екот на светската пандемија на Корона вирусот, кога буквално секоја земја  ги брои новозаразените и жртвите од овој смртоопасен вирус, соседите да  го поставуваат  пак  „ прашањето за јазикот“. После тридеценискиот ирационален и апсурден спор околу нашето уставно име, со јужниот сосед, соседите од исток, како да чекаа шанса да се позиционираат во однос на нас, и нивните државни и национални ставови да ги актуелизираат во даден момент, за да можат да извлечат максималистички концесии. Да немаме илузии, Преспанскиот договор, не значи историско помирување на грчкиот и македонскиот народ, ниту пак беше со овации дочекан од  двата народи од  двете страни на границата. Не, тој беше донесен под жесток притисок на меѓународната заедница ( читај Американците), и претставуваше своевремено нужно зло, за да се деблокираат нашите евроатлански интеграции. Зарем сега, после децениска блокада од Грците,  ние ќе се соочиме со нови блокади во нашето европристапување, овој пат од страна на бугарските власти и бугарската држава?

Културно натпреварување меѓу нас, како што сакаше Гоце или балкански примитивизам?!

 Доколку сакаме имплементација на Договорот за добрососедство и пријателство, и доколку сакаме да го спроведеме согласно неговата терминолошка номинација ( добри соседи и пријатели), нели е прво нужно и во духот на европските и цивилизациски норми и поведение да се потрудиме да извлечеме финансии од претпристапните ЕУ фондови ( со помош на Бугарија), и да го изградиме што побрзо толку потребниот и толку јавноекспонираниот во овие три децении меѓународен пат кој ќе ги поврзува Скопје и Софија , односно да се изради во модерно автопатско решение катастрофалниот друм полн со дупки и нерамнини пат од Куманово до Деве Баир? Понатаму, тие еврофондови, може да финансираат и изградба на железница помеѓу Скопје и Софија, бидејќи како што сум запознаен, Македонија и Бугарија се едни од ретките две европски земји кои немаат железничко поврзување. Бугарскиот крими трилер, серијата „ Под Прикритие“, освен  епохалниот успех во матичната земја, во земјите од Балканскиот полуостров, и земјите од  Источна Европа, Латинска Америка и Југоисточна Азија, постигна огромен успех и во Македонија. Многу млади  Македонци го гледаа овој крими-трилер и се запознаа на тој начин со бугарските актери, бугарската кинематографија, па ако сакате и со бугарскиот јазик ( колку тој да е „ ист“ со нашиот, ако ги прашате соседите). Нели тоа е правилната посока на изградба на мост на добрососедство и пријателство, на поподробно запознавање на двете нации и култури од  двете страни на Осоговието? Колку пати сум пишувал и потенцирал, дека односот се гради и негува и дека вие не може од самото раѓање да бидете со предрасуди према еден народ или луѓе, доколку тоа не е целенасочена намера  на некоја државна или националистичка пропаганда?! Не можам да поверувам, како тоа Софија, цел еден век ја промашува во корен стратегијата на „ решавање на македонското прашање“, и како не може да се сообрази со новото време?

Нека учат од Србите, колку и да ги мразат!

Северните соседи, Србите кои го изгубија својот плен од Балканските војни ( Вардарска Македонија, на чија територија сме денес ние меѓународно признати како македонска држава), од 1945 година, имаат сосема поразлична , но според мене многу успешна стратегија во однос на нас: тие културолошки и духовно продолжуваат да го владеат, или ако сакате да го доминираат македонскиот простор, преку музичка и филмографска експанзија, додека Бугарите упорно како слеп за стап, се фатиле да го наметнуваат нивниот светоглед околу интерпретација на историските факти и настани. Што постигнаа со тоа во изминатите сто години? Ништо, освен  всадување на омраза, анимозитет и одбивност, да во македонскиот мемориски код  останат одвратните и пропагандистичко создадени термини : „ Бугари Татари, Бугари –Цигани, за две червени“, а во бугарскиот мемориски код  да останат подбивнувачките термини „ развален бугарски език, Македонци- неизбањати Бугари “ и слично. Како тоа , со Србите со кои немаме никаква општа историја, освен таа од 1945-1991, никаква граматичка и лексичка сличност во јазикот, денес се перцепираме како најблиски соседи и „ браќа“, а со тие со кои се тврди дека имаме најслични јазици ( нив ако ги прашате исти), со тие со кои славиме исти национални херои ( Гоце Делчев, Јане Сандански,  Дамјан Груев), со кои имаме исти просветителски дејци ( Кирил и Методиј, Климент и Наум), Шапкарев, браќата Миладинови, денес  се гледаме преку нишан, да не речам се мразиме?

Бугарската дипломатија  150 години реди порази во однос на македонското прашање!

 Одговоорот на ова прашање е многу јасен. Никогаш не сум настапувал од субјективна национална претензија, напротив, како политиколог со специјалност историја на односот на балканските земји кон македонското прашање, сум тежнеел да бидам објективен, рационален и секогаш да робувам на вистината, колку и да е таа спроти денешните македонски позиции, но не можам да останам рамнодушен кога првата дама на бугарската дипломатија Екатерина Захариева, ќе истакне и нагласи дека македонскиот јазик не постои, и дека за Македонија да стане полноправна членка на ЕУ, ќе мора да се согласи на „ тие отстапки“. Во ред, македонскиот јазик не постоел во кодифицирана и нормирана норма пред  1945 година, и тоа е многу нормално, бидејќи Македонија не суштествувала како посебен државен субјект, тој бил „ дијалектолошки инкорпориран“ со бугарскиот бидејќи, на просторите на етногеографска Македонија била бугарската егзархија, но историските околности создадоа нова реалност и денес македонскиот јазик е непобитен факт, со кој драгите Бугари, сакале или не, ќе  мора да се помират. Колку порано, толку подобро за создавање на тие толку барани добрососедски односи. Со уцени, наметнување на реакционерна асимилаторска политика, ќе го продолжиме патот, по кој врвевме овие стотина години, и ништо добро нема да изградиме. Најголемата победа за Бугарија во однос на Македонија во 21-виот век е ние нив да ги сакаме и сметаме како наши историски браќа, а не да „ прифатиме дека Гоце Делчев бил Бугарин, и дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот“. Само така, и само тогаш ќе се разбудат од национал-романтичарските соништа на 20 тите години на 20-тиот век, кога сонуваа за ревизиција на Букурешкиот и Нејскиот договор во нивна полза. Денес сме  20-тите години на 21-виот век. Тоа на секому треба како бел ден, да му е јасно!

Благојче Атанасовски - политиколог

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок