19 Април, 2024
0.0312

НА ПЕДАГОШКИОТ ФАКУЛТЕТ ВО ГЕРМАНИЈА СЕ ЗАПИШУВААТ НАЈТАЛЕНТИРАНИТЕ МАТУРАНТИ

Објавено во: Колумни 21 Април, 2022

Добивај вести на Viber

Несомнено, во македонската јавност, изминативе две седмици, многу актуелна станува тематиката поврзана со образованието. Во стручната јавност, има една убава реченица, која вели: „Училиштето мора да биде прилагодено на децата, а не децата прилагодени на училиштето“.

Имено, кога размислував како да го започнам денешново писание, во мислите имав два правци. Едниот, беше да започнам брутално искрено, со елаборации за важноста на професијата научно-истражувачки работник во високообразовните установи од една, и ефектот што го даваат кон градење на институциите и нивните аутпути, од друга страна. Во тој правец, бев на мисла да направам и паралела со наставниците во основните и средни училишта, исто така, а во насока на ефектот од нивната работа, поточно, да направам анализа од нивната вклученост во градењето на институциите каде работат и аутпутите (учениците) кои го креираат, на крајот од процесот. Но, размислив подлабоко и си велам - од 2017 година соработувам со колегите од Германија (од Хајделберг). Оттука, за цели на писаниево, многу подобро ќе биде, да се даде одговор на следново прашање:  

Како еден граѓанин на С.Р. Германија станува наставник или учител во примарното и секундарно образование?; или истото прашање може да се постави на следниов начин: Како еден граѓанин, може да се запише на „државниот создавач“ на квалитетни наставници во примарното и секундарно образование во С.Р. Германија (на државниот педагошки универзитет Хајделберг)?   

Најпрво, бројките за апликација се мали (квотите за прием), да не речам можностите да се запишете се 1:12 (читај: аплицираат 12 кандидати, а се запишува 1). Ова значи дека на педагошкиот факултет во Германија се запишуваат најквалитетните кандидати. Подвлекувам, на педагошките факултети се запишуваа најталентираните и најквалитетни среднисти, бидејќи уписите се многу тешки. Оттука, сега, ако направам една ретроспектива, од времето пред 90-тите (јас сум генерацијата на последниот пионер во 89-тата), со цел да се потсетиме, за тоа, како беше образовниот систем во поранешната СФРЈ?; тогаш треба да стопирам со пишување (ќе биде доволно) затоа што, знам, текстов ќе биде високо-емоционална и носталгична колумна, за едно време, кое, никогаш нема да се врати, за жал. Доказ за тогашниот систем се нашите родители. Во таа насока, потребно е само, да се направи споредба на матурант од времето на моите родители, со некој носител на матура, од денес. Не треба повеќе! Затоа, ние и генерациите кои се после нас т.н. „милениумци“, на кои останува иднината да ја водат оваа македонската држава, треба да се запрашаме, следново: нашите родители и тие пред нив, направија држава - што направивме ние?

Од денешно стојалиште, ако се погледне напред, можностите за подобрување на македонскиот образовен систем, со посебен осврт на примарно и секундарно ниво, се состојат во силното поврзување со германскиот модел (ова е субјективен став поради искуствата од Хајделберг). Зошто? 

Друга, за мене значајна карактеристика за германскиот систем на креирање единки чинители (наставници) на примарниот и секундарниот степен на образование се критериумите за избор на студент на педагошкиот универзитет Хајделберг.

Имено, првиот чекор е интервју за избор кое носи 0.21 валидација, понатаму се оценките од средно училиште со 0,30 валидација (и да се сите „петки“, како кај нас во пракса, тоа не е воопшто доволно за влез); трето е рејтингот од завршната диплома за средно училиште (кај нас, тоа е државната матура) со 0.52 валидација, и на крај, најважно комбинирана завршна диплома за средно училиште, плус, практично искуство со 0.68 валидација. Заклучок: ако не поседува пракса, шансите за упис на кандидатот (матурант) на студии за наставник се многу мали. 

Во насока на ова, процесот за избор - рангирање на кандидат за наставник, после завршување на студиите на државниот педагошки Хајделберг универзитет, на крај, се синтетизира во две полиња, и тоа: (1) Завршна оценка на универзитетска диплома за влез, тоа го нема кај нас (максимум 30); и (2) Практично едукативно искуство (максимум 30). Со тоа, се создава рангирање со поени (максимум 60). 

Од ова, може да се забележи дека Германците имаа поголемо внимание, во споредба со нас, кон практичното образовно искуство. Токму затоа, секој од апликантите, ако има за цел, после дипломирањето да постане наставник во примарно или секундарно (основни или средно) ниво на образование, уште при упис на државниот педагошки факултет во Германија, мора да покаже доказ за претходните активности на настава. На овој начин тие можат да ја зголемат својата оценка при рангирањето и да ги зголемат своите шанси за прием.

Оттука, секој кандидат за прием, добива поени во четири различни полиња, и тоа:

(Поле еден) - може да се стекнат највеќе 30 поени, ако кандидатот има завршено стручна обука (vocational training) во врска со образование. Пример: работник за грижа за деца, социјален работник, медицинска сестра и сл.; 

(Поле два) - овде може да се стекнат највеќе 20 поени, преку доказ за стекнато искуство во образование со полно работно време. Пример: доброволна активна година на кандидатот или т.н. доброволна социјална година – пракса во образовни институции училиште, или искуство како предучилишен воспитувач, дневна нега и други социјални активности. 

(Поле три) - семејни активности, каде се стекнуваа највеќе 20 поени. Пример: грижа за децата и грижа за баба и дедо;

Внимавајате на оваа општествено-социјална активност на германското субординирање на образовниот систем. Вели, во поле три, како критериум за бодирање на кандидат, истиот треба да има доказ за искуство во семејни активности. Од ова, потоа, нормално е да произлезе солиден наставник и педагог со морални вредности, на кој, со гордост би му ги испратиле нашите деца. И така, системот ќе созрева да тока на - добар.  

На крај, поле четири -  образовно искуство со скратено работно време (part time), преку кое, кандидатот ќе се стекне со највеќе 10 поени. Пример: туторство во училиште и тренирање на спортски тим.  

Од ова, се забележуваат неколку значајни факти, кои, во писаниево се интегрирани од претходно стекнатите искуства на стручните советувања во Германија, со дел од македонските директори на училиштата, а за цели да ги доближат до нас, карактеристиките на германскиот систем во примарното и секундарно ниво. Имено, ако се чита текстот погоре, морам да признаам дека ме воодушевува овој германски систем. Не велам дека е најдобар, но е најприменлив и многу потребен кај нас. Оттука, ако Германија е наш најголем трговски партнер, а така е, тогаш ајде да дозволиме една реформа во образованието согласно нивниот модел. На мисла сум, а искрено се надевам или сакам да верувам дека ова писание (со факти) ќе биде еден мал допринос кон можни идни реформи, за тоа, кој може, и што треба да се поседува, за да се биде добар учесник (наставник) во примарното и секундарно образование.

P.S. „Тој што отвора училиште, затвора зандана.“ Виктор Иго

P.S.2

На крај, сакам да споделам извадок од личната борба за подобар образовен систем, колку и да изгледа мала и незначиелна, сепак таа постои и се случува, преку напорите да започнат, уште оваа година, активностите на „Хајделберг Факултет во Скопје”. Ова, треба да биде еден мост за трансфер на државниот дуален универзитет од Баден-Виртемберг. За таа цел, на средината на мај, во официјална посета на Скопје ќе дојде десет-члена делегација предводена од проф. д-р Улрих Цајтел (претседател на управата на Институтот Хајделберг). Имено, се чини дека недостасува мала системска мотивација. Затоа, сум на мисла дека заедно со колегите од Германија, како тим (германско-македонски) можеме и мораме да соработуваме со државата во процесот на подобрување на македонскиот образовен систем, особено кога станува збор за пренос на знаења и практики од најдобрите универзитети/училишта во Хајделберг, Манхајм и Франкфурт.

проф. д-рСиниша Наумоски,

Претседател на Академски совет во АБИТ и професор за контролинг на германската високообразовна установа - Хајделберг Институтво Скопје  


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок