01 Ноември, 2024
0.0257

На полноќ започнува големиот христијански празник БАДНИК-Кое е значењето на зборот Бадник?

Објавено во: Стил 05 Јануари, 2016

Добивај вести на Viber

Православните верници утре го прославуваат Бадник, со кој официјално почнува Божиќната слава, односно прославувањето на раѓањето на синот Божји, Исус Христос.

Бадник го слават сите православни верници, кои времето го сметаат по стариот Јулијански календар.

Бадник името го добил по тоа што на отј ден во домот се внесува Бадниково гранче, кое потоа на Божиќ ќе се запали. Бадниковото гранче е важен симбол во христијанството затоа што се смета дека Јосиф го запалил во пештерата во која е роден Исус како би ја загреал за да му биде топло на роденото бебе на Марија (Богородица).

Зборот Бадник веројадно доаѓа од старословенски - да бидеш буден. Таа ноќ, како што запишал Шапкарев, „сите домашни луѓе не заспиваат туку преноќеваат будни, та од тоа се гледа дека таа ноќ е наречена: бадник - будник“. И многумина други истражувачи на овие обичаи сметаат дека името на овој ден доаѓа од бдеењето, будноста покрај обредниот оган.

Истражувачите сметаат дека во праисторијата овој ден бил празник поврзан со враќањето на Сонцето од јужните напоредници, по зимската краткоденица. Раѓањето на новото Сонце значело и раѓање или обнова на животот. Подоцна, Христијанската црква го презела овој празник и симболично го поврзала со Христовото раѓање. На прекорот дека Христијаните започнале да го празнуваат денот на Сонцето исто како и паганите, Свети Августин одговорил: „Ние го празнуваме не како неверниците поради Сонцето, туку поради оној што го создал Сонцето“.

Традиционално, во Македонија семејството се собира на вечера на Бадник. Се подготвува богата трпеза исклучително со посна храна: питулици, сарма, грав, компир, зелник, овошје и друго, што треба да обезбеди богат род на земјоделските култури во следната година. Обичај е по вечерата софрата да не се крева, туку така заедно со храната да остане цела ноќ. Ова е поврзано со верувањето дека ноќта ќе дојде дедо Боже и ќе се нахрани, или во некои места, духовите на мртвите.

На Бадник во секоја куќа се меси кравјаче, пита или погача во која се става пара. Вечерта кога сите ќе седнат на вечера, домаќинот, откако ќе се прекрсти и ќе ја благослови трпезата, го крши кравјачето на толку делови колку што има членови семејството, оставајќи уште дел за Бога и за куќата. Сите присутни во својот дел од кравјачето ја бараат парата, и оној што ќе ја најде се смета за најсреќниот во годината што претстои.

Богати обичаи и верувања на Бадник се поврзани со обредниот оган како и со горењето на дрвото наречено Бадник или Бадникојца. Во врска со обредните коледарски огнови е и обичајот коледица. И денес како и во минатото и во селата и во градовите во сите краишта на Македонија помали или поголеми групи деца палат оган и го прескокаат.

Рано изутрината на Бадник, децата пеат и одат по куќите каде што добиваат подароци како што се: пари, ореви, костени, јаболка, портокали и др.

Една од најпеаните песни што и сега се пее во овие случаи „Коледе леде“ ја среќаваме и во запис на Г. Бојаџиев, обjaвена во 1893:

Коледе, леде! паднало греде, утепало деде. Дедо се мачи, баба го квачи, со четири јајца гускини, паткини, шаткини! О, о, коледе!

Од друга страна, МПЦ гозбите и пиењето околу коледарските огнови ги смета за пагански обичаи кои се во целосна несогласност со црковното предание и со божикниот пост.