07 Ноември, 2024
0.1629

БРИКС решени да го менуваат светот

Објавено во: Колумни 21 Октомври, 2024

Добивај вести на Viber

Во Русија со нетрпение го очекуваат самитот на БРИКС во Казањ, главниот град на Татарстан. Во прв ред да се покаже дека, еве, домаќинот, рускиот претседател, Владимир Путин не е во изолација од светот и ќе угости дваесетина лидери од речиси сите континенти, а не помалку и да се види што се’ Русија има подготвила на гостите за продолжување на растот на БРИКС и решеноста за менување на светот.

Самитот ќе се одржи од утре до четврток.. Ако се има предвид кој се ќе учествува на него, светската јавност тие денови со голем интерес ќе го следи самитот. Според официјалните најави во Казањ ќе допатуваат претставници на триесетина држави, од кои 24 ќе бидат претставени од своите лидери. Ќе има и претставници на меѓународни организации, а најавен е и генералниот секретар на ОН, Анотнио Гутјереш. Во последен момент бразилскиот претседател, Лула да Силва, кој требаше денес да дојде во Русија, го откажа патувањето. Причина – повредата при пад во бањата, па лекарите му препорачале на 79 годишниот да Силва да не се изложува на долготрајни патувања. Како и да е духот на бразилскиот претседател ќе провејува на самитот, преку планот на Бразил и Кина за мир во Украина, за кој сигурно ќе стане збор и на билатерални, но и на пленарни заседанија.

БРИКС не е група на истомисленици, односно група која по секоја цена сака да наметне некакво единство,  како што се Г-7 или ЕУ. Членките на БРИКС многу се разликуваат според степенот на својата економска моќ, по своите општествени уредувања или политички системи, а секако и според своите геополитички интереси. Таму на пример членуваат Кина и Индија кои имаат нерешени територијални прашања. Таму се Иран и Саудиска Арабија, кои до неодамна немаа ниту дипломатски односи. Таму се и Етиопија и Египет, кои можат да имаат несогласувања околу водите на Нил. Тие, поаѓајќи од своите интереси, интересите на Глобалниот Исток и Глобалниот југ, сакаат да ја оттргнат хегемонијата на САД, во прв ред, и Западот и да создадат механизми со кои хегемонот не ќе може да ги казнува според негово видување. Било со санкции, било со притисокот од доларот. Оттука во Казањ најмногу и ќе се разговара за начинот на кој ќе се ослободат членките на БРИКС од зависноста од доларот преку некој нов начин на финансирање. Но и потребата од реформи на ММФ, Светската банка, Светската трговска организација и Обединетите нации. И создавање на свои пандани на некои од овие организации. 

ЕДИНСТВЕНА ВАЛУТА

Денес во светот и покрај паѓањето на уделот на доларот во меѓународната трговија, тој сепак е доминантен. И најголем број земји морат да го користат за трговските трансакции. Таа зависност го ограничува економскиот суверенитет на земјите и ја зголемува ранливоста од американски санкции. За да се одбегне тоа БРИКС поодамна расправа за создавање на единствено платежно средство, кое ќе биде покриено со националните валути. На тој начин членките на БРИКС би тргувале меѓу себе без користење н доларот. Кина и Русија најголем дел од својата трговска размена ја плаќаат со рубљи и јуани. Но тоа создава проблеми и за Русија. 

Таа, според претседателот Владимир Путин, ќе им предложи на своите колеги користење на дигитални валути во инвестиционите процеси. И не само за членките на БРИКС, туку и од нив кон други земји во развој. Се’ со цел да се одбегне користењето на доларот, а и да се намали тоа. Во поглед на прашањето на единствена валута на БРИКС, се чини тоа засега е симнато од дневен ред. Според Путин тоа прашање не е созреано. Тука треба да се биде внимателен и да не се брза. Зашто, за да почне да се зборува за создавање на единствена валута, потребно е да се има висок степен на економска интеграција. И не само ова, неопходно е не само да се има висок степен на интеграција на економиите, туку и да се постигне споредлив квалитет и обем. Покрај економската соработка, членките на БРИКС ја зацврстуваат и соработката во областа на науката и технологиите. Што подразбира стимулирање на иновации и размена на технологии. Ќе се понуди и создавање на берза на житарки, а понатаму и на фосилна горива и злато. Земјите од БРИКС се посветени и на културна соработка, образование, спорт. 

Не еднаш досега е кажано дека кратенката БРИК за прв пат беше спомната во 2001 година од британскиот економист Џим О’Нил, кој ги споил првите букви од англојазичните имиња на Бразил, Индија, Кина и Русија, а и претскажал дека  овие четири држави во 2050 година ќе влезат во бројот на најголемите економии. Некои сметаат дека првите чекори кон создавањето на БРИКС ги има направено Русија, после интервенциите на САД и НАТО во Југославија и Ирак, без согласност на СБ на ОН. Па така најнапред се создаден БРИК, а потоа кон него е придодадена и Јужна Африка па кратенката доби уште една буква и стана БРИКС. На почетокот на годинава кон БРИКС се придружија Египет, Етиопија, Иран, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати. Па сега имаме БРИКС+. 

НЕМА ПРОШИРУВАЊЕ

Ако на почетокот во БРИКС доминираше влијанието на Русија, сега за такво нешто не може да се зборува. Сликите кога Путин посредуваше меѓу Кина и Индија во пограничните конфликти се избледени. Војната во Украина, и санкциите од Западот си го направија своето. Па Русија го отстапува „водството“ на Кина, пред се’, но и на Индија. Земји кои и помагаат да се справи со трошоците за војната. Секако Кина е број еден, и не случајно САД и Западот неа ја сметаат за најголем економски и политички противник.  БРИКС со години растеше, па според податоците за 2023 година 35 проценти од светското производство отпаѓа на тие земји. Додека обемот на производството на најбогатите од Г-7. Кој во 1980 година беше 50, сега е 30 проценти.   Паралелно со ова земјите од БРИКС имаат 46 проценти од светското население, над 40 проценти од добивкана на нафта и 38 од светската добивка на природен гас. Тие сочинуваат и 30 проценти од копното на земјата. Овој потенцијал на БРИКС може значајно да ја смени рамнотежата на силите во светската економија, но и светскиот поредок. 

Во Казањ ќе нема проширување на БРИКС. Нема да се примаат нови членови, иако има пријави за членство. Во Русија велат дека над 30 држави од разни региони веќе пријавиле интерес или за членување во БРИКС или за соработка со организацијата со различни цели. Оттука во Казањ ќе се зборува и ќе се донесат јасни правила – критериуми за прием на нови членови и соработка со земји-партнери. Медиумите го цитираат министерот за надворешни работи на Јужна Африка, Роналд Ламола, кој вели дека неговата земја е за прием на нови партнери во БРИКС, но тие да немаат ист статус како државите кои беа примени на почетокот од годинава, како полноправни членови. На тој начин, според него, ќе се сочува јадрото на БРКС во случај на идни проширувања, но истовремено ќе се создаде и група партнери на БРИКС. Ова може да биде и неприфатливо за оние кои сакаат да влезат во БРИКС. Ќе се сметаат како членови од „втор ред“. Но се’ ќе зависи како до детали ќе  биде разработено ова прашање. Русија сака меѓу земјите партнери на БРИКС, пред се’, да бидат земјите од Евроазискиот економски сојуз, но и од Заедницата на независни држави.  Но нема да ги отфрлаат и другите земји кои ќе сакаат да станат партнери. Владимир Путин за партнерството вели дека е потребен консензус во БРИКС, па затоа ќе се работи внимателно и врз два принципа. Првиот е поголемо членство, а вториот е со тоа да не се сведе на минимум ефикасноста во работата на БРИКС. 

На самитот сигурно ќе стане збор и за конфликтот во Украина. Штета што Лула да Силва нема да биде во Казањ. Но како претставник на кинеско-бразилскиот план ќе биде кинескиот претседател Шји Џинпинг. Украинскиот претседател, Владимир Зеленски за овој план изјави дека е„некаква алтернатива на целосниот и праведен мир“ што го бара Украина.  Додека Путин, на средба со новинари од земјите на БРИКС изјави дека планот е урамнотежен предлог за барање на мирно решение. „Доколку некому тоа не му се допаѓа, тоа е негова позиција“, рече Путин. И додаде дека го разгледале предлогот на Бразил и Кина и му се чини дека е „добра основа за да се преземат обиди во потрага по мир“. Украински дипломати сметаат дека на самитот Џинпинг ќе го претстави планот. Планот беше критикуван и од Западот. Инаку во Казањ е најавен и турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган. И Турција сака да стане членка на БРИКС. Но можеби за него поважна ќе биде средбата со Путин. Велат дека има за што да разговараат. Секако и за евентуално турско посредување меѓу Украина и Русија. Што се однесува, пак до членството на Турција во БРИКС, експерти велат дека таа земја не може да седи на две столици. НАТО и БРИКС.  И дека потегот на Турција е повеќе знак за Западот и за ЕУ за менување на игнорантскиот однос кон неа. Ердоган во Њујорк зборувајќи за БРИКС изјави дека „припаѓањето кон таква организација не означува и отказ од НАТО“.

Во очекување на резултатите од самитот дали БРИКС ќе успее да создаде економска структура недопирлива за глобалните ембарга и санкции, како што е единствена централна банка, отказ од доларот во трговијата и создавање на сопствена платежна и осигурителна структура, како што е ЕУ, не е јасно со оглед на различните интереси на членките. И природата на здружувањето досега. Путин кажа дека  „нема висок степен на економска интеграција“, што е неопходност за посериозни чекори. Ова значи работите на тој план се оставаат за во иднина. Не е исклучено постигнување билатерални договори за економска соработка. Што би значело создавање на подгрупи во БРИКС. Но во таков случај останува ранливоста од страна на мерките на Западот. Оттука нема да изненади Кина и Русија, сами, да ја преземат водечката улога на патот кон мултиполарниот свет. А по нив да тргнат и другите. Зашто губењето  време или одлагањето на решенијата, работат против  таа цел. 

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

ПРЕМИЕРОТ, БАНКИТЕ И БИЗНИСОТ

ПРЕМИЕРОТ, БАНКИТЕ И БИЗНИСОТ

Киев и Москва чекаат – Харис или Трамп

Киев и Москва чекаат – Харис или Трамп