21 Ноември, 2024
0.3794

Мнозинството во Русија и во Украина се за преговори за мир

Објавено во: Колумни 15 Октомври, 2024

Добивај вести на Viber

Анкетите во Русија и во Украина покажуваат дека мнозинството испитаници во двете земји се за преговори меѓу нив, за да се стави крај на војната. Иако, програмите максимум за крај на војната, и на Москва и на Киев, зборуваат дека преговори тешко би имало. Слични се и ставовите на многу земји. Но во последно време западни медиуми тврдат дека работите одат во таа насока. А за такво нешто треба конкретни чекори да преземат и политичарите во двете држави. Но и покровителите на Украина и „Пријателите на мирот“ од Глобалниот југ.

Анкетата на „Левада центарот“, кој во Русија е прогласен за „странски агент“, беше објавена пред една недела. Анкетарите ги истражуваа вниманието, поддршката, и односот кон различните услови за мирен договор околу конфликтот во Украина.  Констатацијата на „Левада центарот е дека во последните месеци расте вниманието на населението-испитаниците кон настаните во Украина. Нивото на поддршка на дејствата на руската армија останува високо. После суштественото намалување на уделот на приврзаниците за преговори во август, во септември нивниот број порасна. Ако денес претседателот Владимир Путин донесе решение да го прекине воениот конфликт, неговото решение би го поддржало мнозинството Руси. Но доколку тоа решение е под услов да се враќаат  присоединетите територии, тогаш поддршка би дала само една третина од испитаниците.

Една половина од испитаниците сметаат дека специјалната воена операција донесла повеќе штета, објаснувајќи го тоа со гинењето на луѓе, воени загуби и големи трошоци за специјалната операција. Помалку од една третина сметат дека специјалната операција донела повеќе полза имајќи ги предвид, враќањето на територии, заштитата на руско јазичното население во Донбас и зацврстувањето на меѓународната положба на Русија. Два третини од испитаниците сметаат дека специјалната воена операција се одвива успешно, но тој број се намалува во текот на годината. Мнозинството Руси се против правење отстапки на Украина. Испитаниците претпочитаат во условите за мировниот договор да биде вклучен договор за размена на воените заробеници и итно прекинување на огнот. Повеќето се застапуваат против враќањето на новите територии и против присоединувањето на Украина кон НАТО.

ТЕРИТОРИИ ЗА МИР

Ако се погледаат бројките, дури 76 проценти од испитаниците ги поддржуваат дејствата на руските вооружени сили во Украина. Поддршка не даваат 16 проценти од Русите. Во август анкетата покажа дека бројката на приврзаниците на мировни преговори падна од 58 во јули на 50 проценти. Тогаш се случи нападот на Украинците на Курската област.  Но во септември бројот на приврзаниците на преговори порасна на 54 проценти. Дури 72 проценти од испитаниците би поддржале решение на рускиот претседател Путин, „оваа недела“, да го прекине воениот конфликт со Украина. Но, само 31 проценти би поддржале такво решение во случај доколку со него греба да се вратат на Украина присоединетите територии. Мнозинството и натаму се противи на враќање на територии за мир. Само 20 проценти од испитаниците се подготвени да направат отстапки на Украина за да заврши специјалната воена операција и да се потпише мировен договор. Дури 87 проценти од нив како услов за склучување мировен договор е размената на воените заробеници, а итен прекин на огнот претпочитаат 60 проценти. Се друго што би било ставено на маса за мировен договор испитаниците го сметаат за неприфатливо. Околу 90 проценти се против враќање на Запорошката, Херсонската, Луганската и Доњецката област. А само три проценти од испитаниците се согласуваат за влегување на Украина во НАТО.

Во август Националниот демократски институт и Киевскиот меѓународен институт за социологија(КМИС), излегоа со резултатите од нивната анкета во Украина. Мнозинството испитани Украинци, 57 проценти се изјаснија за почеток на преговори во обид да се постигне мир, што е блиску до 59-те проценти од мај 2022 година, кога толкав број испитаници се изјаснија за преговори. Кои, за жал, тогаш беа прекинати. Како и Русите и Украинците се подготвени за преговори под јасни услови. Тие не сакаат да го отстапат Крим, дури 60 процени се против. Уште повеќе, 77 проценти, сметаат дека се неприфатливи преговори врз основа на територијалното статус-кво. 74 и 76 проценти се противат и го отфрлаат евентуалното руско барање Украина да се откаже од членство во НАТО и во ЕУ, како цена за мир. Инаку КМИС во една анкета објавена во јуни соопшти дека 32 проценти од испитаниците се согласни за откажување од териториите заради крај на војната.

Своја анкета во Украина имаше и  Европскиот совет за меѓународни односи(ECFR). Во јули беа соопштени резултатите од неа. Во Украина 45 проценти од населението се согласни да ги загубат териториите под контрола на Русија во замена за „слобода на избор“, влегување во НАТО и ЕУ, сочувување на армијата и независноста. Не мал процент, 26 претпочитаа да ги вратат територии што се под руска контрола, но да се согласат на демилитаризација, неутрален статус и не вклучување во ЕУ и НАТО. Исто така, дури 47 проценти директно или делумно поддржуваат директни преговори меѓу САД и Русија за Украина без учество на Киев. Против таа варијанта се 49 проценти од испитаниците.

УШТЕ ПЕТ ГОДИНИ ВОЈНА

ECFR во јули објави и анкета меѓу 14 земји од ЕУ. Според „Политико“ во анкетата на Европскиот совет за меѓународни односи учествувале 14 земји од ЕУ. Помеѓу една третина и половина од анкетираните веруваат дека војната ќе заврши со мирно решавање. Најмногу во победата на Украина веруваат испитаниците од Естонија 38проценти, а во Грција 31 процент веруваат во победата на Руската Федерација. Од 4 до 22 проценти од жителите на европските земји поддржуваат испраќање на нивните војници во Украина. Повеќето, исто така, се противат на зголемување на трошоците за одбрана на Украина. Исклучок се Полска,53 проценти за зголемување, Естонија 45 проценти, Шведска 41 и Германија 40. Но, повеќето Европејци поддржуваат испраќање оружје и техничка помош, со исклучок на Бугарија, Грција и Италија. Во исто време, на прашањето кога ќе заврши војната, според истражувањето на ЕЦФР, повеќето европски земји велат дека таа може да трае уште пет години.

Истражувањето покажа дека најголемите економии во Европа се за преговори меѓу Украина и Руската Федерација. Во Германија, Франција и Италија, повеќе жители се за „притискање на Украина за преговори со Русија“ отколку за помош за повторно заземање на нејзините територии. Жителите на Естонија, Шведска, Британија, Полска, Португалија и Холандија се изјаснија за понатамошна помош, наместо за склоност кон мир. Покрај тоа, во најголемите економии на ЕУ има повеќе противници на пристапувањето на Украина во Европската унија отколку поддржувачи. Повеќе противници отколку поддржувачи има во Германија,54 против, 31 проценти за, во Франција 40 против, 36 за, во Италија 38 против, 37за. Најмногу против се и жителите на Грција, Чешка и Бугарија. Пристапувањето на Украина го поддржуваат Португалија, Естонија, Шведска, Шпанија, Полска и Холандија.

Сето погоре главно се бројки кои зборуваат за јавното мислење во државите. Во Русија, Украина и дел од ЕУ. Но бројките се индикативни. Населението на тие земји, повеќето, е за преговори за мир. Прашањето е како ќе се дојде до него. Иако не мал број политичари се за „војна за мир“. На пример првиот европски дипломат, Жозеп Борел. Неодамна тој изјави: „Многу луѓе сакаат војната да заврши што е можно поскоро, почнувајќи од самите Украинци. Но, она што е важно е како тоа ќе се случи. Ако престанеме да ја поддржуваме Украина, за петнаесет дена војната ќе заврши и Путин ќе ги постигне своите цели. Но, дали ние го сакаме ова за Украинците и за безбедноста на нас самите, Европејците. Мораме да сториме се’ што е можно за да можеме кога ќе дојде време, да преговараме под услови поволни за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“.

ПАРИ ОД ДРЖАВНИОТ ЏЕБ

Овој став е една од варијантите за мир. До мир да се дојде со нова ескалација. Тоа го сакаат и други западни политичари. Да се пумпаат оружје и пари во Украина се’ до некој воен успех. А што значи за Украина воен успех? Да излезе на границите од 1991 година? Сите што се разбираат во воени дела тврдат дека тоа не може да се постигне. Па војната да трае и со години. Згора на тоа долгата војна е погубна повеќе за Украина, отколку за Русија, освен ако не трае 20 години. Како на Американците во Авганистан. Со таа разлика што Западот не им даваше никакво оружје на Авганистанците. Ова значи дека со странска помош Украина се надева, и дел од нејзините сојузници, дека ќе успее да ја  порази Русија. Прашањето е колку  од сојузниците се подготвени да ја помагаат Украина како досега?

Велика Британија, Балтичките и Скандинавските земји, а можеби и Холандија со Данска веројатно би давале оружје и пари. Но тоа е малку. За една година војна на Украина и се потребни околу 100 милијарди долари, финансиска и воена помош. Во услови на економски сериозни проблеми, големи европски држави веќе се пресметуваат дали и колку пари можат да извадат од државниот џеб. Не е само Германија. Тука се и Франција и Италија. И помалите, како Грција, Бугарија, а многу повеќе Унгарија и Словачка.  Во сето ова многу значаен ќе биде односот на САД. Ако не и главен.

За САД ќе треба да чуеме од Џо Бајден, кој се’ уште го држи кормилото во државата. Неделава ќе дојде во Берлин. Барем така најавија. Откако пропадна средбата во Рамштајн на која требаше да биде поканет и украинскиот претседател Владимир Зеленски, веројатно сега Бајден и Шолц ќе треба да излезат со некое решение.за Украина. Нема да изненади, ако во пет до 12 на средбата не бидат повикани францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер. За што ќе разговараат? За „планот за победа“ на Зеленски, кој на Запад медиумите го направија парам-парче!. Нереален и без конкретика. Но, Пентагон има свои сметки за Украина. Бајден на крајот од мандатот се фаќа за сламка со цел да направи нешто значајно за себе, но и за демократите во предизборието, а на темата Украина. Да направи, но да не ја урниса кандидатката за претседател Камала Харис. Германски „Билд“ напиша дека Бајден не дошол во Рамштајн за да не и наштети на Харис со  некоја изјава за Украина, која би му била добредојдена на Доналд Трамп. Од 18 октомври до 5 ноември има неполни три недели. Што може да се направи за тоа време? Можеби како Барак Обама и Бајден во периодот до крајот на мандатот ќе преземе некои конкретни чекори против Русија, а за помош на Украина.

„ПРИЈАТЕЛИ НА МИРОТ“

Но во октомври, една недела по посетата на Бајден во Берлин, во Казањ, во Русија, ќе има самит на БРИКС. Покрај членките, поканети се уште дваесетина други држави, кандидатки за членство или придружни членови. Ќе дојдат и Шји Џинпинг, кинескиот претседател и претседателот на Бразил Лула да Силва. .Неодамна тие ја формираа групата од дваесетина држави „Пријатели на мирот“, околу нивниот план за мир во Украина. Ќе го распостелат во Казањ. Ќе разговараат и за него. Ќе има Путин што да чуе, но ехото ќе стигне и до Зеленски и до Западот. Русија се’ уште не се произнесла за планот. Зеленски ги критикуваше Кина и Бразил, дури и навредливо, неодамна во ОН. Што ако Путин не го прифати планот? Треба да гледа и Зеленски да не го прифати. Ако Путин го прифати планот, а Зеленски не, тогаш Глобалниот југ ќе се огласи дека Украина не е за мир. И обратно, ако Путин не го прифати планот. Но многу важно е дали САД и Британија, а со нив и другите од Западот ќе го прифатат планот,

Овде е интересна позицијата на Кина, односно што замислил Шји. Кинезите рабитат на долги патеки. Доколку планот успее, тогаш тој во наредните години ќе стане лидерот во светот, кој успева да решава и најтешки воено-политички задачи. Очите на земјите од Глобалниот југ ќе се вртат кон него.  Може да стане и негов неформален лидер. Стотина држави ќе сакаат да се дружат со моќниот Шји. Овде ќе бидат важни суетата на Путин и гледањата на сето тоа на западните лидери. Бајден на крајот од мандатот, најверојатно, ќе има уште една средба со Шји на самитот на Г-20 во ноември во Бразил. Но тешко дека ќе успеат дотогаш да договорат некој дил кој би бил толкуван како надворешно политички успех на Бајден. Бајден, доколку планот на Кина и на  Бразил успее, ќе може само да му честита на неговиот кинески колега. Оттука во игра ќе биде и суетата на САД како лидер на сојузниците на Украина. Лесно може да се случи Западот да и забрани на Украина да се согласи на мир, според предлогот на „Пријателите на мирот“. Не за друго, тој план може да се смета и план за пораз на САД и на Западот во Украина. Неговата основна точка е прекина на огнот на линијата на фронтот. А за се’ друго ќе се преговара.

Суетата на Путин за растот на угледот на Шји Џинпинг ќе биде растопена. Русија денес е толку зависна од Кина, што може да се смета за помал брат. А помалиот врат треба да слуша што вели поголемиот. Се’ на се’, реализацијата на планот на „Пријателите на мирот“ во прв ред ќе зависи од САД, Британија и од Зеленски, ако првите две му дозволат да  крени рака.

Мирче Адамчевски

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

Доналд Трамп го проби мразот околу војната во Украина

Доналд Трамп го проби мразот околу војната во Украина