01 Декември, 2024
0.0286

На Русија и на Западот со Украина им се изјаловија брзата победа и брзиот одговор – Како ќе биде годинава? (1)

Објавено во: Колумни 03 Јануари, 2024

Добивај вести на Viber

Состојбите во Русија и во Украина на почетокот од годинава не се исти со оние кои беа на почетокот на руската агресија во Украина и нејзините успеси есента 2022 година. Ниту Русија успеа за неколку денови да ја принуди Украина на капитулација, ниту, пак Украина, по септемвриските успеси лани, потпомогната од Западот, успеа со долго најавуваната контраофанзива. И двата обида, рускиот и украинскиот, пукнаа како меур од сапуница. Војната продолжува во изменети услови за обете страни. Во два текста ќе направиме обид да се прикаже можниот развој на настаните годинава. Прво за Украина, а потоа за Русија.

Минатата година помина во знакот на подготовките на Украина за голема контраофанзива и пробив до Крим и негово освојување. Но целта не беше остварена. Украинците му се лутеа на Западот дека не им дал доволно поддршка, пари и оружје, а од Западот доаѓаа изјави дека на Украина и е дадено се’ за успешна офанзива. И пари и оружје и обучени според НАТО стандарди, десетици илјади украински војници. Не остварувањето на целта во Украина доведе до општествен немир. До почеток на внатрешно политички борби. Политичарите против армијата. Подметнувања едни на други. Па и до „отворен“ судир на претседателот Владимир Зеленски со главниот командант Валериј Залужњи.

Едниот тврдеше дека ситуацијата на фронтот е во ќорсокак, а другиот негираше такво нешто. Едниот тврдеше дека војската бара мобилизација на 400 до 500 илјади луѓе, додека војската одговараше дека таа е за војување, а прашањата за мобилизација се на власта. Па се направи и нов Предлог-закон за мобилизација кој уште повеќе го подели општеството. Дојде и до создавање на внатрешна коалиција од поранешни политичари, кои испраќаа повремени критики до претседателот. Од Запад, пак, посебно од медиуми, пристигнуваа изјави за потреба од преговори и прекин на војната со Русија. Украинските политичари се лутеа на ваквите текстови, но не можеа ништо да направат, бидејќи зад нив стоеја изјави на личности блиски до западните власти. 

Капак на се’ беше почетокот на војната во Газа. Американците својот поглед и моќ ги пренасочија кон Израел, нивниот главен сојузник на Блискиот Исток. Неговите барања за давање помош на Украина од 61 милијарда долари, беа блокирани во Конгресот. И ќе бидат се’ додека не се постигне договор меѓу републиканците и демократите. Американскиот претседател Џо Бајден даде изјава дека САД ќе бидат со Украина не „колку што е потребно“, како што тврдеше порано, туку „колку што можеме“. НАТО и ЕУ, пак остануваат со поддршка на Украина „до пораз на Русија“. Но, не кажуваат што подразбираат пораз на Русија. Украина пред крајот на годната остана без доволно пари и оружје. Ако продолжи така наредниве месеци не ќе можат да бидат исплатени пензии, плати на администрацијата и социјална помош. А прашање е и како ќе се води војната. Европа, според “Тајмс“  веќе подготвува стратегија за поддршка на Украина без Американците. Лидери ќе бидат Британците. Оние, чиј премиер не и дозволи на Украина, се разбира со поддршка од некои од сојузниците,  да го прифати договорот од Истанбул, кој требаше да биде основа за разговори за некаков мир и прекин на војната. Па почна да се зборува за преговори за прекин на војната, па дури и по цена на времено губење на украински територии. Пред крајот на годината дојде до обострано бомбардирање со голем број жртви и во Украина и во Русија.

МОБИЛИЗАЦИЈА НА ОПШТЕСТВОТО

Тоа е денешната реалност. Што може да се очекува од Украина и да ја очекува неа годинава? Во декември во Украина почнаа да се даваат изјави дека со оглед на опасноста од руска офанзива на истокот, а со можност и по целата линија на фронтот, најдобро би било да се копира руското искуство кое ја спречи украинската контраофанзива. Да се направат по неколку одбранбени линии за да се спречи евентуален руски пробив, а во меѓувреме да се преземат напори за вооружување, со сопствено производство и секако од Западот. Да се одморат силите и да се мобилизираат нови војници. И да се подготват за долга војна.

Претседателот Зеленски в празничното интервју за „Економист“ изјави дека нема алтернатива за мобилизацијата.  И тоа без оглед на фактот дека таа не е популарна во земјата. Според Зеленски, денес нема „мобилизација на украинското општество и светот“, и тоа „треба да се промени“. „Мобилизацијата не е само прашање на испраќање на војници на фронтот. Таа се однесува на сите нас. Тоа е мобилизација на сите напори. И е единствен начин да се заштити нашата држава и да се деокупира нашата земја“, изјави Зеленски. Од ова произлегува дека нему му е јасно дека во земјата нема единство во поглед на војната со Русија. Дека целото општество не ги поддржува целите и политиките на власта. Затоа и се бара мобилизација на општеството. А таквата состојба во општеството се пренесува и кон подготвеноста на Украинците да одат на фронт. Па оттука и констатацијата на Зеленски: „Доколку продолжиме да се концентрираме на внатрешната политика, ние треба да објавиме избори. Менувајте закон, устав. Но заборавете на контраофанзивни дејства и деокупација“. Ова значи дека тој не е подготвен за претседателски избори кои треба да се одржат годинава.

Мислам дека во некои од минатите текстови напишав за FB анкетата на народниот депутат, Марјана Безуглаја, според која, дури 74 проценти од мажите се подготвени да се откажат од украинскиот пасош за да го избегнат испраќањето во војна. Безуглаја деновиве одново направи анкета на својот Телеграм канал и на FB, која, колку и да не е репрезентативна дава можност за некои заклучоци. Па така излегува дека мнозинството од нејзините следбеници не веруваат дека Украина е способна да ги ослободи своите територии се’ до границите од 1991 година. Цел која е главна во „Мировниот план“  од 10 точки на Зеленски за мир во Украина. 69 проценти од следбениците на Телеграм каналот не веруваат во тоа, а на FB,  процентот е 64. Само шест до 11 проценти веруваат дека Украина ќе се врати на границите од 1991 година. За тоа зборува Зеленски, кога вели дека е потребна вкупна мобилизација на општеството. Па бројките во некој идна анкета на Безуглаја да бидат обратни од сегашните. Во истото интервју Зеленски како главна воена цел во 2024 година ја назначи „изолацијата на Крим“. НО, ако населението нема верба во тоа, и не даде поддршка, ќе нема ништо од целта.

СОПСТВЕНО ПРОИЗВОДСТВО НА ОРУЖЈЕ

За да ја оствари својата цел годинава, како што сака Зеленски, на Украина ќе и треба воената помош од Западот и тоа во количества и динамика како во 2022 година. Да не се повтори крајот од минатата година. Но многу важно е дали и колку ќе успее земјата да создаде сопствено производство на оружје. Особено ако се има предвид корупцијата на државниот апарат. Некои западни компании веќе најавија заедничко производство на оружје со и во Украина. Но едно е најава, а сосема друго е реализацијата. Со Турција беше најавена и изградба на фабрика за дронови „Бајрактар“, но со текот на времето се покажа дека тие не се ефикасни во оваа војна, како што се прикажуваше во војната во Нагорно Карабах во 2020 година. Па таа фабрика не се ни споменува. Прашање е и колку ќе успее Украина со мобилизација на населението. И тоа со луѓе за фронтот.

Последните руски бомбардирања покажаа дека Русија напреднала во користењето на беспилотни летала, но и високо технолошки оружја, кои украинската против воздушна одбрана се’ уште не може да ги урне. Оттука и погледот кон Западот со молба за испорачување на системи за против воздушна одбрана. Како и испорака на ловци F-16. Иако некои воени експерти велат дека тие ловци нема да направат пресврт во војната. Но, веројатно ќе  бидат добредојдени за Украина. На Црно море, Украина засега успева да ја притесни руската флота поблиску до бреговите отколку на отворено море. Велика Британија е многу заинтересирана за блокирање на руските поморски сили од Црноморската флота.

Веќе спомнавме за потребата од внатреукраинско единство и општествена мобилизација. Но, тука работите не одат како што сака раководството. Се’ повеќе се јавуваат реакции на обидите за авторитарно владеење на Зеленски, кое доведува до неединство во земјата. И отпори на некои политички сили кои јавно даваат поддршка на борбата со Русија, но имаат и критики на однесувањето на претседателот на државата.

Украинскиот фронт е долг повеќе од 1.000 километри. Во моментов ситуацијата е таква што Русите атакуваа на истокот и имаат некои успеси. Вратија дел од териториите што ги освоија Украинците есента 2022 година. На јужниот дел од фронтот работите се , ни напред,  ни назад. Како и во Русија, така и во Украина има протести на жени и мајки кои повикуваат враќање од фронтот на мобилизираните војници од првиот бран. Државата засега нема план како да го направи тоа, иако има подготвеност. Стравот е што нема нови свежи мобилизирани сили. А анкетата погоре доволно зборува за тоа колкава е подготвеноста за одење на фронт.

КУП СЦЕНАРИЈА

Овде нема да зборуваме за активностите на Русите. Од погорното јасно е со какви ситуации ќе се соочува Украина. И дали ќе успее да ги исполни барањата и целите. Па да направи пресврт на фронтот. Иако таа знае дека и Русите нема да „спијат“ на она што го имаат направено досега. Големи се предизвиците за Украина и дома и надвор. Некои набљудувачи околу новиот Предлог закон за мобилизација изјавуваа дека може да дојде до „бунт“ во државата. Уште тоа и фали на земјата. Прашање е и каква ќе биде разврската од „триењето“ меѓу војската и политиката? Искри и виткања раце има се’ уште.  Празните стомаци можат да направат бунт поголем од оној во 2013 година. Па затоа власта со нетрпение ја чека судбината од расправата во американскиот Конгрес за пари за неа. Зашто ако нема пари од таму, исто и од Европа во срединава на месецов, тогаш ќе има пензионери беспарешковци, администрација без пари и социјални случаи без помош. Цела армија луѓе неспособни за фронт. Но, кои мораат да живеат од нешто.

Затоа многу работи ќе зависат од Западот. Од САД и ЕУ. И таму очигледно не знаат за што да се определат. Иако на зборови некои се за војна со Русија до истоштување, на дело уште наредниве месеци ќе видиме за што навистина се.  Годинава е година на избори. И во САД, и во Русија и во некои држави во Европа и за Европскиот парламент. Ќе има мноштво калкулации. Во кои ќе биде вклучена и Украина.  Францускиот претседател Емануел Макрон во своето новогодишно обраќање ја искористи Русија како аргумент. Тој кажа дека во јуни ќе има избори за Европскиот парламент и „француските избирачи ќе треба да се изјаснат за зацврстување на суверенитетот на Европа. Ним им претстои да направат избор меѓу сопирањето на Русија и поддршка на Украина или пак да отстапат пред авторитарните сили“. Можеме да замислиме какви ќе бидат предизборните говори до јуни. Во САД калкулираат со Доналд Трамп, чии позиции во Претставничкиот дом се многу силни. Доколку не го спречат да учествува во изборите, може да се случи да ги добие изборите. Па затоа нема да изненади Џо Бајден да се согласи на некаков договор со Владимир Путин. Зашто не е лесно да бидеш кандидат за претседател на САД за време на војна, а која ќе влијае врз расположениието на избирачите. Згора на тоа, ако не носи победа, тогаш поразот ќе биде неминовен.

Во вакви услови има еден куп сценарија на развој на работите годинава. Зависи кои ги дава. Овде ќе ги споменеме сценаријата на Нина Хрушчова, внуката на некогашниот генерален секретар на КП на СССР, Никита Хрушчов, дадени во текст за Project Syndicate,насловен „Западот мора да се соочи со реалноста во Украина“. Според неа, постојат три веродостојни сценарија. „Прво, Западот повторно се обврзува да ја поддржи Украина. Но, политичките пречки – републиканската опозиција во САД и унгарското (и сега словачкото) вето во ЕУ – се високи. Дури и да бидат отстранети, Украина ќе се бори да регрутира доволно нови војници. Во второто сценарио, НАТО стапнува во Украина. Иако Путин никогаш немал намера да изврши инвазија на земја членка на НАТО, наративот дека руската победа во Украина ќе доведе до повеќе руски инвазии може да се искористи за да се оправда учеството на западните трупи. Ризикот е дека Сталинградскиот ефект ќе биде целосно поттикнат, Русите ќе се кренат да ја бранат татковината, а нестабилноста ќе ја зафати Европа. Во третото сценарио, Западот наоѓа начини да комуницира со Кремљ. Русија е далеку од неповредлива, но не е на работ на колапс, а Путин веројатно има неколку години пред него како претседател. Дури и да биде отстранет од власт, длабоката недоверба на Русите кон Западот ќе продолжи. Имајќи го предвид ова – и суровата реалност дека Украина веројатно нема да ја врати целата своја територија – Западот треба да се фокусира на зајакнување на одбраната на Украина, истовремено подготвувајќи се да ја искористи секоја можност за да се вклучи во реални разговори со Кремљ“.

Како што рековме има и други сценарија, но јасно во сите е дека работите најмногу ќе зависат од сојузниците на Украина, пред се’ САД и од противникот - Русија. Било да се работи за мировни преговори, било за долга истоштувачка војна, било за пораз на Украина, дестабилизација Русија, било НАТО да влезе во Русија на што очигледно работи Зеленски, или прекин на воените дејства и постигнување некаков компромис.

Мирче Адамчевски


* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.