На Русија и на Западот со Украина им се изјаловија брзата победа и брзиот одговор – Русите се за мир, а не за примирје
Објавено во: Колумни 08 Јануари, 2024
Минатата недела на овие страници пишувавме за украинскиот
поглед и очекувања околу војната во Украина во
оваа година. Заклучокот беше дека нејзините успеси или неуспеси на
фронтот и во разните сценарија за развој на ситуацијата, главно ќе зависат од
помошта од Западот, САД, но и од однесувањето на Русија. Ако се суди според она
што на почетокот на годинава дојде од Вашингтон, таму велат дека ќе се стремат
и натаму кон победа на Украина. Но која е дефиницијата за победа на Украина? Особено
кога од Русија доаѓаат најави дека таа е подготвена за мир, но не и за
примирје! Не, за пауза во воените дејства. Во време кога иницијативата на
фронтот е на нејзина страна, по неуспешната украинска контраофанзива.
Овие ставови треба да се гледаат и во контекст на она што доаѓа од Америка. Пред извесно време американскиот претседател Џо Бајден вети дека САД ќе стојат со Украина не „колку што е потребно“, како што тврдеше порано, туку „колку што можеме“. Војната во Газа си го направи своето. Ја стави Украина во втор план. Државниот секретар Ентони Блинкен вчера од Катар предупреди дека постои опасност од проширување на конфликтот на Блискиот Исток. Па голем дел од товарот на војната во Украина, САД сакаат да го преземе Европа.
За промена на приодот на САД и ЕУ кон војната пишуваше неодамна и Politico. A пред некој ден раководителот на прес службата, Метју Милер, ја отфрли таа информација, па одрече дека САД сакаат Украина да ја промени својата стратегија за целосна победа над Русија. На тој начин би се засилиле позициите на Украина во некакви преговори со Русија. Но, какви преговори, кога тоа никој досега од Вашингтон не го соопштил. Дали тоа не значи дека некаде во позадина се подготвува терен за преговори? Или се оди по она традиционалното, дека секоја војна завршува со преговори, кога и да бидат. Но, има и војни кои завршуваат со капитулација. На пример, Првата и Втората светска војна.
Според Милер, на брифингот во четвртокот, развојот на настаните во војната не е во полза на Русија. Дека и во иднина ќе има напади и повлекувања, каде што секоја страна ќе освојува или губи територии. Но кога ќе се гледа крајниот влог во војната повеќе од јасно е дека Украина од таа војна ќе излезе независна, силна, со развиена економија и поглед кон Запад, а не како што сакаше Русија. На прашањето од новинарот од каде му е на Милер сигурноста дека Украина ќе излезе од војната како независна и од каде е тоа повеќе од јасно, Милер рече дека тоа е така, бидејќи Русија претрпела неуспех. И дека Русите не се подготвуваат да го освојат Киев, никако и никогаш. На забелешката од новинарот дека Милер ја претскажува иднината, тој одговори:„ Ние ја гледаме Украина која е способна да стои на сопствени нозе, која изградила своја економија и своја армија“. Секако, според Милер, ситуацијата на воено поле ќе биде многу сложена без дополнителна поддршка од САД и таму мислат да продолжи поддршката и дека Конгресот конечно ќе помогне во тоа. За него влоговите се реални, и во крајна линија во САД веруваат дека Путин не само што не ги постигна, туку и нема да ги постигне неговите цели. Новинарот остана без јасен одговор за констатацијата дека Милер може да ја претскаже иднината на Русија, а кога ги прашуваат на Блискиот Исток, дали војната таму ќе се прошири нема одговори? Одговорот на Милер на ова беше:„ мене сосема не ми е јасно, каков ќе биде крајниот резултат, кога има работи кои се’ уште треба да се направат, но има една работа која, мислам, нам ни е сосема јасна, ние сметаме дека рускиот Путин претрпе неуспех и ќе продолжи да трпи неуспеси во постигнувањето на неговата вкупна цел“.
КРАЈ НА ВОЈНАТА
Сето ова би било убаво и точно, доколку последниве месеци, по неуспехот на украинската контраофанзива не почнаа во западни влијателни медиуми да излегуваат текстови со содржини кои говореа за потреба од преговори, за прекин на огнот, за замрзнување на војната, па дека на Западот политичарите се’ повеќе размислуваат за прекин на крвопролевањето. Во едно интервју рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во врска со ова изјави дека минатата пролет во Њујорк имал средба на негово барање со некои американски политолози. На нивно барање би требало да нема јавни коментари за средбата. Но по некој месец во САД „протекла“ информација за средбата. Демек имало некои сериозни работи на неа. Според Лавров, американските политолози тогаш излегле со идеја, бидејќи ниту една страна не може да победи, да дојде до „смирување“ во текот на некој период, кој би се усогласил, работите да останат како што ќе бидат во моментот, а потоа да се обноват воените дејства. На соговорниците, според Лавров, воопшто не им било тешко да зборуваат дека на Украина и треба време за да ги поправи работите со резервите, со воената техника , ракетите и друга опрема за водење војна. Тој разговор бил во април лани. Но сега западни лидери за такво нешто зборуваат отворено. Го предлагаат истото. Јасно додавајќи дека тоа нема да биде крај на војната, туку пауза. „На пример, како што беше со паузата од Западот со Минските договори, за (како што подоцна признаа канцеларката Ангела Меркел, францускиот и украинскиот претседател Франсоа Оланд и Петар Порошенко) да се наполни Украина со современо оружје против Русија“, изјави Лавров.
Која е констатацијата по ова тврдење на Лавров? Русија нема да оди на примирје. Таа ќе сака или договор за мир или пак продолжување на војната. Ова последново ќе биде најреално. Зашто во ситуација кога едната страна е губитничка, нема никогаш да се согласи на мир, и постојано ќе настојува да се наметне и да се обидува да победи. Во моментов „победничка“ страна е Русија. И Украина по никоја цена не би одела на преговори. Или би сакала тоа да биде според нејзини услови, според „Планот за мир“ на претседателот Владимир Зеленски. За кој, пак, Русите не сакаат да чујат. Факт е дека Русите во последниве месеци имаат некои успеси. Според некои експерти, во конфликтот настанал пресвртен момент и тој е во полза на Кремљ. Војната е „замрзната“. А тоа би било од полза за Русија. Во прв ред, бидејќи руското општество се адаптирало на новите услови, а економијата на земјата во целост не работи лошо. Сега времето работи за Русија. Таа е уште посигурна во своите сили од претходно, веќе го подигна својот воено-индустриски комплекс на повисоко ниво и покрај санкциите. Што се однесува до Украина, по цена на огромни загуби и благодарение на модерното оружје, таа сè уште се држи. Сепак, нејзината позиција сега е поранлива отколку пред една година, бидејќи вооружениот конфликт се претвори во војна на истоштување.
Неодамна некои западни медиуми пренесоа наводна изјава на рускиот претседател Владимир Путин дека војната ќе трае до 2026 година. Таа изјава не беше потврдена од Москва, но доколку е точна, зборува за подготвеност на Русија за долга војна. А, се чини, САД како да беа токму за војна за истоштување на Русија. И економско и воено. Официјално Путин пред некој ден соопшти дека Западот е нивниот противник. Тој ги решава своите прашања. Тоа е целата работа. А така било со векови. Самата Украина не ни е непријател, рече Путин при посетата на ранетите војници во болница во Москва. И додаде дека Западот е тој кој сака да ја уништи руската државност, кој сака да добие стратешки пораз на Русија на воено поле. Има сили на Западот кои сакаат да ја раздробат Русија, за кои денешна Русија е неприфатлива. Суштината на проблемот , според Путин, не е во Украина, туку во оние кои со рацете на Украина сакаат да ја уништат Русија. Но тие нема ништо да успеат, вели Путин, додавајќи дека тоа е исклучено. „Јас мислам дека тоа сознание постепено доаѓа и реториката се менува. Оние кои до вчера зборуваа за тоа дека треба да се нанесе стратешки пораз на Русија, сега веќе бараат изрази, да кажат, како побрзо да се заврши конфликтот. Ние исто така сакаме да заврши конфликтот, ако може побрзо, но само на наши услови. Ние немаме желба да војуваме бескрајно, но не сме подготвени ни да ги предадеме нашите позиции.“, рече Путин. Обраќајќи им се на војниците тој им рече:„ Вие војувавте, таму бевте ранети и друго, и што сега, се’ да вратиме? Такво нешто нема да се случи“.
ПРЕГОВОРИ СО ЗАПАДОТ, А НЕ СО УКРАИНА
Токму од зборовите на Путин излегува позицијата на Русија за некакви преговори. Се разбира тоа е неговата програма максимум. И ја објави. Рускиот претседател многу добро знае дека годинава, за разлика од него, многу американски и европски политичари ќе се печат на изборниот оган. Резултатите од изборите и евентуалните промени во САД и Европа, која ќе биде под наплив на десничарски кандидати, можат да ја ослабат поддршката на Украина. Она што се случува на Блискиот Исток и тоа е од полза за Путин. Тој изигрува мировник. Додека земјите од Западот и САД се прпелкаат, ама никако да се одлучат за решение кое ќе ги почитува меѓународните акти, како што бараат од Русија во поглед на Украина. Згора на ова, според една изјава на Сергеј Лавров , западните земји поради војната во Украина и воведените санкции имаат економска штета од 103 милијарди долари. Прашање е дали Амерканците и Европејците ќе можат да продолжат со поддршка на Украина. А тоа значи дека ќе ја притискаат за преговори со Русија. Но дали Русија сака да води преговори со Украина?
Според Институтот за проучување на војната(ISW), кој е американска непрофитна истражувачка група и тинк-тенк со седиште во Вашингтон, а која обезбедува истражување и анализа во врска со прашањата за одбраната и надворешните работи, претседателот Путин сака да води преговори за Западот, а не со Украина. Според ISW таа оценка произлегува од погорната изјава на Путин дека „ Самата Украина не ни е непријател“. За да го направи ова, тој ја претставува инвазијата на Украина, како борба на Русија против Западот, а самата Украина ја прикажува како „некорисен пион“, „за да ги прикрие своите експанзионистички и максималистички цели за воспоставување целосна ефективна руска контрола над Украина“.
Како и да е годината што измина Русија може да ја смета за успешна. Особено во споредна со годината пред тоа, кога наиде на силен отпор од украинските сили, а и големи порази. Зимата 2022 и пролета 2023, додека Украина се подготвуваше за големата контраофанзива, Русите направија вистински „стрес тест“. Па преуредија и тактика и стратегија во војната, економски се престроија против санкциите, ја префрлија економијата на позиција „се за фронт“. Воведоа умешна надворешна трговија, продаваа енергенси на земји како Кина и Индија и други, при што се остварија голема заработувачка. На почетокот на летото беше „бунтот на Пригожин“, кој Путин го реши во своја полза. Затвори некои националистички офицери, а Пригожин загина во авионска несреќа. Припадниците на неговата воена компанија „Вагнер“ се втопија во регуларните воени сили. Западот со потценување се однесе кон Русија, по нејзините порази кон крајот на 2022 година. А таа тоа го искористи на најдобар можен начин. Економијата покажа раст од над три проценти. Почна производство на ново оружје( дронови, летачки авионски бомби) кои помогнаа во спречувањето на украинската контраофанзива. Внатре во државата јавноста се’ уште го поддржува Путин, иако не мал број испитаници, над 50 проценти, во анекти, се за ставање крај на војната во Украина. Обидите за внатрешни бунтови на населението, беа брзо угушувани (Махачкала).
НАТО ДА ВЛЕЗЕ ВО РУСИЈА
Доколку нема ништо од некакви преговори за мир, тогаш Русија ќе мора да изгради некоја стратегија за продолжување на војната. Некои велат дека ќе оди на освојување на Харков и Одеса. Други дека би одела и до Киев. Се’ ќе зависи од тоа како ќе се однесува Западот. Дали ќе дава многу пари и многу оружје на Украина. На пример ловците Ф-10 и германските ракети „Таурус“, како и други ракети со долг дострел со кои Украинците би можеле да стрелаат врз руска територија. Ракетите со долг дострел би биле голем предизвик и прегазување на уште една „црвена линија“ на Русите, особено ако почнат да паѓаат врз руска територија. Досега Западот „избриша“ неколку руски „црвен линии“. Веројатно и сега меѓу сојузниците, а посебно САД и Германија, се водат разговори како да се оди натаму. Сите се сеќаваме како беше со тенковите и со противракетните системи. Де ќе бидат испорачани, де нема, де да не реагираат Русите. Па на крај се’ беше испорачано.
Веројатно стратегијата на долга , истоштувачка војна би и одговарала на Русија најмногу, бидејќи не само што Украина ќе биде истоштена, се разбира и Русија, туку и Западот, кој ќе мора да одвојува се повеќе пари и оружја за војната, на сметка на сопствените граѓани. А јавното мнение во западните земји полека но сигурно го менува односот кон војната. И посебно поддршката на Украина. Многумина ја поддржуваат нејзината борба за самостојност, ама не сите би давале пари за тоа. Русија ќе ја продолжи борбата на информативен план. Па на секој начин ќе ги користи слабостите на украинската власт. Како што е судирот на политичките и воените елити. Како што е прашањето на мобилизацијата, кое може да доведе и до социјални бунтови. Особено зависноста од Западот од пари за пензионерите, за админстрацијата и социјалата. Се разбира доколку парите не стасаат на време, па да почнат реагирањата во јавноста.
Во првото продолжение од овој текст напишавме дека украинскиот претседател работи на тоа НАТО да влезе во Русија. Или да дојде до конфликт меѓу НАТО и Русија. Доколку Украина го добие најавуваното современо оружје со долг дострел не е исклучено таа да стрела врз руска територија каде што ќе има жртви меѓу граѓанското население. Таквиот притисок врз Кремљ., според Анатол Ливен, директор на Евроазиската програма на Институтот Квинси за одговорна влада и поранешен професор на Универзитетот Џорџтаун во Катар и на Катедрата за воени студии на Кралскиот колеџ во Лондон, „може да изврши интензивен притисок врз Кремљ да возврати на Западот - без разлика дали преку контра напади врз западни цели во Украина или со трансфер на руски ракети и сателитска технологија на американските непријатели на Блискиот Исток. Ова, пак, може да предизвика директна интервенција на Западот во конфликтот - токму тоа го сака Киев, но администрацијата на Бајден и европските влади се обидуваат на секој можен начин да го избегнат. За САД тоа во принцип е неприфатливо, со оглед на опасностите што ги очекуваат во другите делови на светот“.
Ако оваа слика е точна, вели Ливен, тогаш Вашингтон и Киев имаат силен поттик да започнат мировни преговори пред да им се оттргнат од рацете значајните лостови на влијание. „На крајот на краиштата, ако се влечкаме, тогаш условите што ќе ни бидат понудени во иднина најверојатно ќе излезат многу полоши за Украина и многу попонижувачки за Западот. Од гледна точка на целите на Путин и неговата специјална операција, како и последните 300 години руско владеење, сегашниот исход на конфликтот, при што 80% од Украина стекнува независност и може да се залага за членство во Европската Унијата, треба да се смета за голема победа за Украина. Да, победата нема да биде целосна, но таква во принцип е невозможна“, нагласува Ливен.
Клучното прашање за тоа како ќе се одвиваат работите сега ќе зависи од тоа каква ќе биде позицијата на Западот, но и на Русија. Дали, на пример, Бајден ќе сака да постигне некаков договор со Путин во пресрет на годинешниве избори. Па да се покаже како претседателски кандидат кој донел мир во Украина. Доколку тоа не се направи тогаш очите ќе бидат свртени кон Доналд Трамп, ако, сепак, излезе на избори. А тој доколку победи е јасен противник на војната. Дури и Европа се плаши од него. Па и во НАТО. Се’ друго води кон продолжување на војната. Со тешко предвидлив епилог. Поразен наскоро ќе нема. Сигурен е само зголемениот број на загинати и ранети.
Мирче Адамчевски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.