30 Април, 2024
0.0255

НАЧИНОТ НА ФУНКЦИОНИРАЊЕ НА СВЕТСКАТА ЕКОНОМИЈА ВО Т.Н. ПОСТ-КОНФЛИКТЕН ПЕРИОД ВО РУСКО-УКРАИНСКАТА КРИЗА

Објавено во: Колумни 16 Март, 2022

Добивај вести на Viber

Како што напишал Наполеон Бонапарта - „храброста е како љубовта, за да ја негувате треба да имате НАДЕЖ“, така, денес, сите ја доживуваме битката на украинскиот народ и тамошната управа. Имено, се нема зборови за да се опишат страданијата на тамошните жители и штетите кои се нанесуваат врз нивната инфраструктура.Од ова, со право, може да се подвлече една констатација во меѓународната стручна јавност, која вели дека инвазијата на Украина можеби нема да предизвика глобална економска криза, денес, но со сигурност, ваквите нови состојби со конфликтот ќе го променат начинот на функционирање на светската економија во наредните децении. Оттука, да бидам прецизен, во ова писание немам намера да давам коментари, за кои храбро се произнесов во јавноста, уште ден пред почетокот на оваа руско-украинската криза, а и последователно потоа, уште неколкупати, во поглед на санкциите и влијанијата врз македонската економија, туку сакам да направам еден осврт преку одговор на следново прашање:

Како ќе биде поставен начинот на функционирање на светската економија во т.н. пост-конфликтен период во руско-украинската криза? 

Најпрво, да започнам со храброто признание на британскиот премиер Борис Џонсон, каде тој истакнува дека Западот погрешил, и тоа, како вели „ужасна грешка на Западот“ со тоа што продолжи да се потпира на руската нафта и гас по инвазијата на Крим во 2014 година. Да, така беше. Имено, санкциите по инвазијата на Крим не ги спречија „Ексон Мобил“ и „Шел“ да инвестираат во Русија, додека од друга страна американските казни за руските компании за метали, ако добро се сеќавам, во 2018 година беа многу краткорочни (читај: врз „Русал“ - руската метална компанија). Ова, кажано на друг начин би значело - бизнисот си врвеше одлично. Затоа, денес, сме сведоци на големата зависност на Западот од енергенсите кои доаѓаат од Истокот. Тоа, тамошните источни лидери го користат и еве ден денес ужасно убиваат луѓе, а Западот, да, тој се бори економски, и тоа одлично, но повеќе се истакнува нивната емоција и овациите во парламентите, отколку апликативно да се даде помош (во сопирање на агресијата) кон „малата“ во споредба со противникот, Украина. Овде, ми надоаѓа, како во едно неодамнешно телевизиско интервју на Телма, со истакнатиот новинар Горан Петрески, да се обидам, сега да го напишам, тој мал дел од славниот, за нас Македонците, разговор во црквата во Крушево, во 1903-тата помеѓу револуционерите Питу Гули и Никола Карев, како метафора за сегашните случувања во Истокот и односот на Западот, во таа насока. 

Имено, во предвечерието од славната битка на Мечкин Камен, Карев ќе рече: Тоа беше ризикот на нашето востание. Се кренавме и не успеавме. А ти! Мислиш ли дека ќе го спасиш народот со твојата жртва?“ На ова, Гули ќе возврати: „Но, барем ќе знае и народот и противникот како се брани слободата и како се гине за неа! НАМ НИКОГАШ НЕ НИ НЕДОСТИГАЛ РАЗУМ, НАМ НИ НЕДОСТИГА ЛУДОСТ. Оставете ме сам со својата лудост... Јас не одам на Мечкин Камен за мене, јас не мислам дека сум незаменлив, напротив, мојот пример може да роди многумина како мене што ќе бидат поарни од мене.“

Така, денес постапува ѝ Западот. Со разум! Јас сосема го разбирам во намерите. Но, понекогаш потребна е ХРАБРОСТ, потребна е НАДЕЖ за нас - земјите од Западен Балкан, во насока на побрза интеграција во рамките на ЕУ. Ова е историска шанса за таа цел.  

Како и да биде, од нас не зависи многу, ние сме мала земја, затоа да се вратам на економијата и прашањето погоре: Како ќе биде поставен начинот на функционирање на светската економија во т.н. пост-конфликтен период во руско-украинската криза? 

Прво, Западот мора да работи на ослободување од зависноста од Истокот, во поглед на енергенсите. Како? Одговорот лежи во обновливите извори на енергија - повеќе зелена енергија.Во таа насока, ќе го цитирам повторно Борис Џонсон, кој, мислејќи на Путин, меѓу другото ќе истакне: „Тој може да ги држи затворени славините за нафта и гас. Но, не може да направи ништо за да го запре ветрот во Северното Море.“ Земјите членки на ЕУ, исто така се на линија со ваквото толкување, така што, тие ја интензивираа програмата за новите основи на снабдување со енергија. Но, таквата потполна енергетска независност од Истокот, како што се наведува во официјалните извештаи на Брисел, треба да биде аплицирана во целост, некаде на крајот од оваа декада (читај: 2029 година). Тука, се поставуваат низа прашања: Што до тогаш? Што ќе биде со земјите од Западен Балкан? Логично би било, нивно вклучување во оваа проектна апликација или нешто слично. Затоа, сум на мисла дека земјите членки на ЕУ, а особено земјите од нашиот регион, треба да бидат крајно внимателни во контекст на воведувањето на евентуални енергетски санкции против Русија. За таа цел, ако се земе германската економија како пример, дури и тамо, таквата одлука може да претставува товар за тамошната економија, иако Германија претставува економски лидер помеѓу членките. 

Второ, ако се погледне објективно кон состојбите, долгорочното влијание од сегашната руско-украинската криза ќе биде дефинитивна поделба на светот на два економски блокови. Нешто, во кое, јас не сакам да верувам, но, за жал, ако се набљудува од денешното стојалиште, состојбите се такви. Во ваквата теза, сум на мисла дека Кина ќе ја игра клучната улога во распределбата на светот на два економски блокови. Имено, таа, како и до сега, најнапред ќе се фокусира на самата себе, но сега тоа ќе се истакнува повеќе, со првенствено задоволување на сопствените потреби во внатрешната економија, што, може да претставува еден вид на оптимизам за останатиот дел од економскиот блок со име - Запад. Овде, оптимизмот ќе добие на своја видливост на среден рок. До тогаш, можни се секакви варијабли во економијата.

На крај, трето, важната битка помеѓу економските блокови во т.н. пост-конфликтен период во руско-украинската криза ќе се бие во технологијата и финансиските системи. Тука, повторно може да преовладува оптимизам кај Западот, а во насока на ограничувања за брз пристап на земјите од Истокот кон новите софтверските решенија (читај: руските технолошки фирми ќе се соочат со бариери за пристап до најсовремените софтверски алатки). Банките, исто така, се важно орудие на западниот блок, кое, веќе успешно се применува преку воведените санкции, за што, зборувавме доволно во изминатите недели. Зошто? Причината за тоа, лежи во малата изложеност на западните банки во контекст на источните. Практично, нема значајна поврзаност и нема да има значајни импликации за западниот финансиски систем, од санкциите воведени кон руските банки и монетарниот систем. Додека, пак, кај другата страна, последиците се веќе актуелни и се чувствува штета во економијата. Банкарските ограничувања во Русија веднаш загризаа, предизвикувајќи опаѓање на финансирањето и попречување на финансиските текови во и надвор од земјата. Од друга страна, пак, руската економија ќе се бори, а еве и еден факт: Русија се обидува да ја изолира својата економија од учеството на нејзините фактури (ако може да се искажам сметководствено) деноминирани во долари уште од 2014 година. Имено, таа се надева на Кина за нејзините финансиски потреби. Практично, нивната меѓусебна трговија, сега, се одвива со 30 отсто плаќање од страна Кина кон Русија во долари, што се смета за намалување од близу 100 отсто во споредба со 2014 година (читај: во меѓусебните плаќања го исфрлаат доларот).  

Што значи сето ова за глобалната економија?

Бидејќи нејзиниот финансиски систем е изолиран, Русија се соочува со сериозен, но не и фатален економски шок. Во насока на прашањето за глобалната економија, изгледите се дека ќе преовладуваат состојби на повисока инфлација, во споредба со проекциите од меѓународната стручна јавност (ММФ и СБ од крајот на 2021 година), бидејќи состојбите со пандемијата се актуелни, како и цените на природните ресурси ќе растат, како резултат на руско-украинската криза. Стабилизацијата за глобалната економија ќе се случи во втората половина на 2023 година, ако конфликтот не ескалира и се стабилизира набрзо.

проф. д-рСиниша Наумоски,

Претседател на Академски совет во АБИТ и професор за контролинг на германската високообразовна установа - Хајделберг Институтво Скопје  


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД