НАД 11 МИЛИОНИ ЕВРА ЌЕ СЕ ВЛОЖАТ ВО ОБНОВА НА ЈАВНИ ЗГРАДИ - финализиран Планот за реконструкција
Објавено во: Македонија 18 Ноември, 2025 13:26
Во следниот период ќе се реконструираат 14 јавни згради во кои функционираат 33 институции, и кои ги користат повеќе од 5 илјади лица, најави Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Тие посочуваат дека го финализирале Планот за реконструкција на згради кои ги користат лицата од јавниот сектор на државно ниво за периодот 2025–2028 – документ кој поставува јасна, тригодишна рамка за најобемната енергетска обнова на институции во земјата досега. Планот веќе е усвоен од Владата, по процес на усогласување со вкупно 33 институции.
- Овој стратешки документ произлегува од реформската агенда и законската обврска секоја година да се реконструираат најмалку 3 отсто од вкупната корисна подна површина на јавните згради. Притоа, мерките за енергетска ефикасност се задолжителен дел од секоја реконструкција.
Во програмата се опфатени 14 јавни згради со вкупна корисна површина од 102.992 m², во кои функционираат 33 институции, што секојдневно ги користат повеќе од 5.000 лица. Целта е: намалени енергетски трошоци, подобрени услови за работа, помали емисии и модернизиран јавен сектор согласно европските стандарди - се напоменува во соопштението на Министерството за енергетика.
Објектите кои ќе се реконструираат според планот се групирани според нивната состојба и итноста на интервенцијата:
- Прва
група – објекти во лоша состојба, кои се приоритет за реконструкција:
зградата на Министерството за здравство (заедно со Институтот за јавно здравје и ДСЗИ), зградата на Државниот завод за статистика, објектот на Агенцијата за катастар на недвижности и главната зграда на Управата за хидрометеоролошки работи. - Втора
група – објекти во добра состојба, но со значајни потреби од санација:
дел од комплексот на Министерството за економија и труд, зградата во која се сместени Агенцијата за администрација, Државниот инспекторат за енергетика, рударство и минерални суровини, како и големиот административен блок на МИОА, МОН, МЛС, ДИК, Агенцијата за лекови, УМЕ и Секретаријатот за законодавство (НИП „Нова Македонија“). - Трета група – Осум објекти претходно реновирани, но кои имаат потреба од енергетска надградба и современи системи.
- Секоја зграда ќе мине низ енергетска контрола, по што ќе се дефинираат конкретните мерки – од топлинска изолација на фасади и замена на прозорци, до поставување соларни системи за топла вода, фотоволтаици на кровните конструкции и модерни системи за греење, осветлување и автоматска контрола на потрошувачката.
Овие интервенции се насочени кон драстично намалување на трошоците за енергија во јавниот сектор, кои традиционално се високи и го оптоваруваат буџетот на институциите. Паралелно, планот ги намалува емисиите на CO₂ за 29 отсто, односно за 1.091 тони годишно, што претставува значајна придобивка за квалитетот на воздухот во урбаните средини - посочуваат од Министерството.
Додаваат дека индикативната вредност на Планот изнесува околу 11,11 милиони евра, вклучувајќи технички контроли, проекти, надзор и изведба. Процесот ќе се одвива во координација со сите 33 институции чии објекти се предмет на реконструкција.
- Паралелно, Планот претставува важен чекор во транспонирањето на европското законодавство во делот на енергетската ефикасност (Директивата 2018/2002/EU и Регулативата 2018/1999/EU) и е директно усогласен со обврските кон Енергетската заедница.
Министерството ќе работи на обезбедување финансиски средства, воспоставување функционална единица за спроведување, како и брза подготовка на документацијата потребна за старт на реконструкциите.
Реализацијата на оваа тригодишна програма ќе значи подготвен јавен сектор со поефикасни и поекономични институции, современи стандарди за одржливост и директни придобивки за граѓаните. Помалку загадување, подобар квалитет на воздухот и поефикасно трошење јавни пари - придобивки што ќе ги почуствуваат и институциите и граѓаните - се истакнува на крајот од соопштението.
Фото: Вангел Тануровски/Архива
Можеби ќе ве интересира
Пријава против поранешниот градоначалник на Демир Капија за контаминирање вода за пиење
ДЕНЕСКА ПОЧНУВААТ НОВОГОДИШНИТЕ ЗАБАВИ - градоначалникот најавува активности за сите генерации
ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ со контрарезолуција во Собрание дека СДСМ лаже за мигранти
Предлог за разрешување на главниот обвинител Коцевски утре на седница на Парламентот
Штип ќе им додели „бонус“ од 100 евра за Нова година на 100 пензионери
АКО ПАТУВАТЕ КОН ГРЦИЈА НЕ ОДЕТЕ НА ГРАНИЧНИОТ ПРЕМИН ЕВЗОНИ - најавени нови блокади, еве кога
Дејан Манасков приведен во Охрид поради физички напад на противнички тренер
Од фирма од Битола до невладина од Скопје: кој стои зад „Зимзоленд“




