Добивај вести на Viber
Најголемата придобивка од промените во СДСМ би била ако се постигне, најголемите партии на позицијата и опозицијата да не се третираат како „крвни непријатели“, туку како конкуренти (со програми и мерки) во освојувањето и одржувањето на власта и соработници по прашањата од државен и национален интерес. Тоа би бил значаен исчекор во демократизацијата на општеството, бидејќи би значело и прекин во препукувањата на предавници и патриоти во функција на добивање на довербата од граѓаните, а со цел освојување или задржување на власта. На крајот од краиштата, со таквите концепти и однесувања се штети на угледот на земјата и истите не се во функција на остварувањето на нејзините аспирации за вклучување во евроатланските интеграции (НАТО и ЕУ). Да не потенцираме дека нездравите меѓу партиски односи ги прикриваат вистинските проблеми на општествено- економскиот развој, од проста причина што и за власта и за опозицијата виновниците за проблемите се однапред познати и нема место за дискусија.
За власта, проблемите ги создава опозицијата, а за овие вторите, се‘ што работи власта е погрешно. Врз таа основа, во нападот или одбраната, се конфронтираат и приврзаниците на власта и на опозицијата. Спротивставеноста оди до таму што и едните и другите имаат воспоставено непримерена ситуација за вистински демократски општества преку перцепцијата, „кој не е со нас е против нас“, . За жал, таа води кон поделби и конфронтирања, а не кон конструктивен дијалог за моделите за развој на земјата и стратешките интереси на државата.
За соодветен пресврт на постојната клима не се доволни само промените во однесувањето на опозицијата. Идентичен, ако не и поголем, треба да биде и влогот на владејачката позиција (власта), бидејќи таа е најодговорна за состојбите и перспективите на земјата и во согласност со тоа ќе биде изложена на повеќе критика. Во критичарите не смее да гледа непријатели и врз основа на тоа да генерира „пријатели“, кои неаргументирано ќе ја бранат и „безумно храбро“ ќе ја критикуваат опозицијата. Тоа е пат без враќање. Продолжувањето по овој пат ги гуши критиките и ги зголемува неизвесностите во остварувањето на поволна политичка атмосфера и дијалог за изнаоѓање на најефикасни решенија за надминување на долгогодишните проблеми кои го отежнуваат развојот.
Не треба да се заборава дека состојбите во земјата се такви што и власта и опозицијата мораат објективно, а не интересџиски (лично или партиски), да ги набљудуваат. Никаде не води политиката инспирирана од желбите носителот на власта или аспирантот за освојување на власта по секоја цена да им се допаднат на гласачите. Популистичката политика е ефикасна во остварувањето на таквата цел, меѓутоа, со неа не се решаваат проблемите со кои се судрува земјата. Тие само се одлагаат и кумулираат, а во меѓувреме цената за нивно надминување се зголемува. Крајно време е да се пристапи кон потемелна реформа која ќе резултира во пораст на извозно-ориентирано производство, пораст на вработеноста, намалување на сиромаштијата...
Видовме, во долг период, овие проблеми не се решаваат со краткорочна политика, а уште помалку ако таа е популистичка. Таа не им одговара ниту на власта ниту на опозицијата. Смалувањето на долгорочниот рејтинг на земјата и укажувањата на потребата за намалување на буџетскиот дефицит се предупредувања кои не смеат да се игнорираат. Преку ваквите предупредувања може да се насети дека наскоро власта ќе нема доволно за да прераспределува и да ги задоволува апетитите на постојното гласачко тело. Со порастот на цените граѓаните веќе чувствуваат загрозување на стандардот. А тоа значи дека сериозно се стеснува просторот за регрутирање на нови симпатизери доколку не се направи пресврт за заздравување на економијата.
Во ваква ситуација популистичката политика не и‘ одговара ниту на опозицијата. Таа не може да ветува колку што тоа може да го прави власта. Дури може да биде и смешна со ветувања кои треба да ги оствари „ако биде избрана на власт“. И за неа важи дека не треба да „јава“ на популизмот за да ја освои власта, бидејќи се покажа дека вистинските решенија не се во концептот „купи ден помини“. Во контекст на укажувањето, далеку од тоа дека не треба да се спроведуваат социјално мотивирани политки, но тие треба да имаат точно дефинирано место со кое нема да се загрозува развојот и интересот за вработување.
И оттука, јасно е дека патот кон економско, социјално и морално заздравување не е лесен. За тоа е неопходна политичка волја и подготвеност да се преземе ризик. Да се надеваме дека дијалогот што се воспостави и принципите врз кои треба да продолжи ќе го релативизираат ризикот (за позицијата-опстанок на власта, а за опозицијата-освојување на власта) и наскоро ќе се пристапи кон вистинско решавање на натрупаните проблеми. Па, нели е најбитно да се решат проблемите, а не кој ќе ги реши?
Д-р Крсте Шајноски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.