29 Март, 2024
0.0253

НАДЕЖТА ПОСЛЕДНА УМИРА - КАЈ НАС РЕТКО ВЕЌЕ КОЈ ЈА ИМА!

Објавено во: Колумни 16 Август, 2019

Добивај вести на Viber

Последното  свирепо убиство, во  населбата  Ново Лисиче,  по кое згасна исклучително млад живот , кој допрва почнал да  се гради во вистинската смисла на зборот, го отвара прашањето, дали  ние тотално отидовме во неповрат  како општество? Точно, не постои  земја, во која не се случило убиство, но во нашава, со преголема  леснотија се одземаат животи ( без разлика дали е причинето на помлад или повозрасен човек). Каде ги изгубивме елементарните човечки вредности, на  себевреднување, на вреднување и на другиот, почитта, солидарноста, емпатијата и помошта? Тогаш, зошто се нарекуваме себе си луѓе? Зарем  веќе се претворивме, во крволочни животни, кои се истребуваат помеѓу себе си, за да можат да преживеат во џунглата? А оваа нашава „ џунгла“, е целосно за жалење. Секој секого, гледа да му наштети, и напакости, за сопствена и лична корист, не бирајќи  средства и начини , за да ја постигне својата цел. Општеството нема веќе ниту еден морален ориентир, патоказ , кој треба  нацијата да ја развива согласно модерните тенденции, и да биде во тек со времето. Напротив, постсоцијалистичката транзиција,  ги уништи и тие некои воспоставени критериуми , изградени од и во бившата тоталитарна , социјалистичка , заедничка држава Југославија. Точно , Југославија не е идеал на држава, која  голем број на граѓани од „ нејзиното време“ , и после 30 години од нејзиниот распад сакаат да ја претстават и глорифицираат како таква, но  боже наш, што се случи со оваа земја, и со сите земји , со исклучок на Словенија, после распадот на бившата ни Ју заедница?

Држава на работ од бездната

Институционално крахирано општество, криминал и корупција,  како за последно да се краде, немање елементарна доверба во  системот, кој постои и е создаден за заштита на човековите права  и потреби, напротив, тој како да работи против интересите на граѓаните, каде и да се завртиш , глава да те заболи.  Една обична работа, македонскиот граѓанин  не може да ја добие како услуга од државниот апарат , без да „ фати врски“. Дали  да треба да отидете во болница, користејќи ги здравствените услуги, дали да го остварите своето право на пензија, или пак да извадите документ од урбанистичкото планирање,  да добиете чиста и квалитетна  животна средина, и питка вода- и не станува збор, насекаде тотален  хаос, во кој граѓаните се снаоѓаат „ како знаат и умеат“. На прилог, во централниот дневник на една национална телевизија,  е прикажано како жителите на скопското село Љуботен,  повеќе од  неколку седмици немаат  воопшто вода за конзумирање и употреба, на температури од + 40 степени. Државата е тука „ немоќна“, односно  надлежните институции велат дека поради „ конфигурацијата на теренот“, невозможно било да се обезбеди вода за овие жители- даночни обврзници кои го полнат буџетот на Републиката. Невозможно било  да се реши проблемот поради конфигурацијата на теренот? Донесете Јапонци, Швајцарци, Скандинавци, тие ќе ви покажат дали било невозможно  или истиот ќе се реши за еден ден.

Не претворија во бесчувствителни зомби суштества

Македонскиот граѓанин е беспомошен, оттуѓен, дезориентиран, гневен, јаростен и бесен. Со право. Политичките елити, во изминатите три децении, секој пат му ветуваа „ брда и долини“. Да токму така, неверојатни нешта, кои како меур од сапуница се распрснуваа кога ќе ја освоеја власта. Ние не сме капацитетни да си ги исчистиме каналите, кои се затрупани со шут ,смет и ѓубре ( за кое огромна вина носат и самите граѓани), па камо ли да изградиме брзи и модерни автопатишта, железнички пруги, електроцентрали , и други капатални инвестиции. Како е возможно да живееме на европскиот континент, кој по сите параметри со кои се мери квалитетот на животот е најдобар континент на планетата Земја, оваа држава да наликува безмалку на батал африканска држава?  Како тоа ние ќе се интегрираме  во Европската унија, кога насилството царува на секој чекор, корупцијата и организираниот криминал не квалификува на самиот врв, тука сме и по степенот на загаденост, а за  нефункционалноста на судско-обвинителскиот систем, партизираноста на институциите и нивната неефикасност , треба да ни е срам да прозбориме. И како да се надеваме на подобро утре, кога толку  утра осамнаа во овие 27 години на независност, се, верувајќи  , дека некогаш и ќе се смени, дека тоа се некои непрележани „ детски болести“ на транзицијата, и дека низ тие поминале сите  бившосоцијалистички држави од источниот блок.

Да се огледаме денес, на тие на кои некогаш сме им биле „ Америка“

Да , поминале, но после „ прележувањето“, тие се уредиле во  функционални и модерни земји, кои по сите параметри, веќе личат на средени западни земји, во кои ти е за мерак да живееш. Видете ја една Словенија, Естонија, Чешка, Полска, Словачка, Литванија, каде што стапката на невработеност е помала од таа во држави како Франција, Шпанија, Италија, и кои со својот животен стандарт веќе ги надминале  државите од „ стара Европа“, како Португалија, Грција, па некои од погоренаброените дури и Италија и Шпанија, и ќе видите што изгубивме ние во овие три децении.  На многумина им помина младоста и најубавите продуктивни години, во лаги и манипулации, додека многумина го фатија правецот и заминаа по  белиот свет. Последниот морален потоп со Специјалното јавно обвинителство, во кое „ специјалната “ наместо да гони криминал, ин флагранти е фатена во исти таков, ги урна и последните надежи дека во оваа држава некогаш и негде ќе профункционира владеењето на правото. Што после ова им преостанува на преостанатите граѓани на Македонија? Ништо, тие оптимистичните да останат и да поверуваат дека сепак  се ќе помине и се ќе се смени, додека на другите, да поитаат пред  германската амбасада да фатат ред, аплицирајќи за работна дозвола во оваа држава. Опцијата со бугарскиот пасош , денеска е потешка, па така  за излез од маѓепсаниот круг од кој „ излез нема“ во овие  триесет години , шансите се стеснуваат. 


Благојче Атанасоски, политиколог 

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?