НАМАЛЕНИТЕ НАРАЧКИ ОД ГЕРМАНИЈА ЈА БУТНАА „НА КОЛЕНА“ АД МОДА: еве какви се остварувањата на компанијата во првите шест месеци
Објавено во: Економија 23 Јули, 2025 08:17
Кризата во Германија удира се посилно и врз домашната текстилна индустрија. Една од најуспешните текстилни компании во Македонија, АД Мода по долги години успешна приказна и континуиран извоз во Германија, сега се бори со намалени порачки.
Според последниот извештај доставен до Македонска берза, АД Мода се соочува со драстично намалена побарувачка која го доведува во прашање опстанокот на друштвото.
Но, да одиме по ред. Во рамки на редовниот шестмесечен извештај за остварувањата на компанијата, е посочено дека во извештајниот период нема промени во сметководствените политики, и дека во текот на првите шест месеци од тековната 2025 година, компанијата остварила производи и финансиски резултати кои се послаби од истиот период минатата 2024 година.
- Во текот на првите шест месеци од 2025 година АД Мода Свети Никола оствари производни и финансиски резултатите кои се послаби од истиот период во минатата година.
Остварен е извоз од 372.114 конфекциски единици од кои 354.214 за Касамода од Германија и 17.900 за други партнери за извоз. Остварен е извоз во вкупна вредност од 1.955.456 евра – се посочува во извештајот доставен до Македоснка берза на кој е потпишан извршниот директор, Ангел Димитров.
Во извештајот се посочува дека и во текот на 2025 година продолжило намалувањето на побарувачката од главниот партнер од Германија и таа се движи околу 3.000 парчиња дневно, а производствениот капацитет е околу 3.500 парчиња дневно.
- Со цел да се задржи моменталното производство и бројот на вработени, АД Мода обезбедува додатни количини од други партнери.
Остварената продуктивност, изразена преку остварен девизен прилив на 1 работен час изнесува 8,01 евро на час и е еднаква на минатогодишната – се посочува во извештајот.
Меѓу другото е посочено дека просечната извозна цена изнесува 5,25 евра и е скоро идентична со минатогодишната, додека остварените расходи од работењето се за 6 отсто повисоки од минатогодишните. Притоа е посочено дека најголем раст има кај трошоците за плати кои се поголеми за дури 13 отсто во споредба со истиот период минатата година.
- Најголем раст има кај трошоците за плати кои се поголеми за 13 отсто од истиот период минатата година. Забележано е и зголемување на услугите и други трошоци од работењето, но нивното учество во вкупните трошоци од работењето е занемарливо, бидејќи трошоците за вработените учествуваат дури со 82 проценти во однос на вкупните оперативни расходи – се укажува во извештајот.
Компанијата посочува дека во првите шест месеци остварена е загуба пред оданочување во износ од 6.639 илјади денари, која е шест пати повисока од онаа остварена во истиот период претходната година.
- Во извештајниот период АД МОДА нема исплаќано дивиденди. Во извештајниот период АД МОДА нема вложувања во опрема и нови инвестиции. АД МОДА нема никакви кредитни задолженија. Извозот главно се состои во машки кошули, женски блузи и заштитна облека – се посочува во извештајот поставен на веб страната на Макеоднска берза.
Дополнително првите луѓе на компанијата напоменуваат дека компанијата се наоѓа во незавидна позиција и дека идното функционирање е отежнато поради намалените нарачки од Германија.
- Идниот опстанок на друштвото е отежнат поради намалената побарувачка во Германија, постојаното зголемување на платите на вработените и нарушената конкурентска способност во однос на земјите од далечниот исток – се потенцира на крајот од извештајот на кој е потпишан извршниот директор Ангел Димитров.
П.О.
Можеби ќе ве интересира
Побарувачката за сребро ќе расте - кои земји имаат најголеми резерви?
ЕУ ОДОБРИ ПОМОШ ЗА УКРАИНА: Што се случува со цените на златото и пченицата?
Како вештачката интелигенција навистина влијае на пазарот на трудот?
Најголемото наоѓалиште на злато досега – илјадници тони скриени на 1.900 метри
НА ЕУ И НЕДОСТАСУВААТ МЕНАЏЕРИ ЗА ПРОДАЖБА, МАРКЕТИНГ И РАЗВОЈ: Оваа професија има незадоволена побарувачка
Запленетите акции на Сашо Мијалков во Алта банка ставени на продажба




