Народниот правобранител отвара бесплатна телефонска линија против изборни притисоци
Објавено во: Македонија 20 Ноември, 2016
Канцеларијата на народниот правобранител преку бесплатна телефонска линија ќе ги прима сите забелешки на граѓаните за извршени изборни притисоци и потоа ќе постапува по нив.
Омбудсманот апелира до институциите да создадат реални услови за фер и демократски избори, а граѓаните без двоумење да пријават секаква форма на притисок, прекршување на нивните права и прописи, а меѓу другото, тоа можат да го направат и на бесплатната телефонска линија на народниот правобранител: 0800 54321, или, пак, во нивните канцеларии во земјава.
Од таму предупредуваат сите што се на раководни позиции во институциите да не се осмелат на каков било начин да вршат заплашување и притисоци врз вработените и да се однесуваат одговорно.
„Во спротивно таквото однесување е недозволиво и подлежи на кривична одговорност“, вели омбудсманот.
Од родителите се бара да ги заштитат своите деца и да не ги инволвираат во политички и изборни кампањи, медиумите да не објавуваат снимки со деца, потоа државните институции да соработуваат меѓусебно, а Државната изборна комисија да не го усложнува остварувањето на правото на категоријата немоќно или болно лице и да овозможи да гласаат надвор од нивното живеалиште.