06 Мај, 2024
0.0230

Насилство без скрупули – реален или фингиран проблем?

Објавено во: Колумни 21 Март, 2014

Добивај вести на Viber

Ненасилството е најголемата сила со која располага човештвото, е максима на Махатма Ганди, сентенца која во себе вткајува многу мудрост и прагматичност. Да умееш со собеседникот да разговараш, да ги ислушаш неговите зборови, без оглед дали се согласуваш со нив или не, е одлика на човек кому толеранцијата му е дел од животниот дискурс. Да умееш да споделиш добро и зло, радост и тага со ближните и драги луѓе на начин својствен на човека, достоинствено и искрено е голема човекова доблест. Да умееш да смируваш, да умееш да шириш толеранција, спокој, среќа и убост, да умееш да разрешиш конфликт по мирен пат, да умееш да го скротиш вртлогот на емоции во кој те втурнуваат секојдневните догодовштини и разумот да преовладува во секоја твоја активност е тогаш со право можеш да го носиш епитетот човек. Се поретко се среќаваат луѓе кои општествениот интерес го ставаат позади индивидуалниот Ненасилието, дијалогот и позитивната интеракција се својства на оние луѓе кои имаат изграден правилен вредносен систем и морален кодекс, на луѓе кои ги красат позитивни карактерни особини и луѓе кои со зборот лекуваат и со делата оплотуваат. Но денес во ова време-невреме во кое битисуваме, за жал, се помалку може да сретнеме луѓе во вистинска смисла на зборот. Денес во ова наше, на моменти, сурово совремие, се поретко се среќаваат луѓе кои општествениот интерес го ставаат позади индивидуалниот, луѓе кои искрено пристапуваат во секоја животна ситуација, луѓе кои со отворено срце и чист ум подаруваат радости и убости без резервно, односно, без да очекуваат нешто за возврат. Денес се поретко среќаваме искрени и чисти пријателства, пријателства без интерес, пријателства чија основа ќе биде љубовта и заедничката добробит. Денес се поретко можат младите генерации да видат преку делата на повозрасните, преку нивните модели на имитација и идентификација, толеранција, мудрост, широчина,добробит и искреност во секое нивно дејание. Премногу злоба, суровост, страв, егоизам, егоцентризам, насилие се насобра во душите на обичниот човек. И тогаш не е ни чудно што дијалогот и разумноста ни станаа далечни и маргинализирани, а на површина испливаа реакции и дејанија кои не се својствени за разумниот човек. Не навјасаа секојдневни кавги, бескрупулозни обвинувања, местенки, насилие, и дури и прегрубо да звучи, некои интелектуални умови потенцираат-не навјаса играта со човечки судбини. Дали кризата на вредносниот систем и еродираниот морал ги голта полека младите Во последниве години сведоци сме на низа немили настани, кои го обележуваат нашето секојдневие, настани кои изобилуваат со насилство, посебно насилство и агресија од страна на младите. Насилство ни се случува во континуитет и тоа насилство во образовните институции, насилство во јавниот превоз, насилство во дискотеки и кафеани, едноставно кажано, насилство во секој урбан простор. Она што посебно загрижува и не става во позиција на сериозни мисли и размисли е што младите луѓе, адолесцентите, средношколците и студентите, оние кои треба да се носители на позитивните промени и на општествениот прогрес се директни актери и носители на насилните и агресивни дејанија. Анализирајќи го, пред се професионално, насилството и агресијата меѓу младите во последниве години ми се наметнуваат неколку прашања: кои се основните причини за акомулираното насилство и агресија меѓу младите; дали навистина го загубивме компасот и лутаме во едно сулудо време и безредијата ни станаа нормално секојдневие; дали нормалното се повеќе станува патолошко а патолошкото нормално и секојдневно; дали кризата на вредносниот систем и еродираниот морал ги голта полека младите и ги става во една мат позиција во која не можат да ги скротат страстите и реагираат со насилен набој; дали институциите на системот нудат ад хок решенија и не се презема една сериозна борба со овие насилни акти; дали политичката елита, директно или индиректно е инволвирана во овие несакани дејанија и конечно дали насилството меѓу младите е плод на се уште болната транзиција која ја изодуваме или е фингиран проблем? Несоодветното санкционирање на прекршителите на нормите и спротивно на тоа, наградувањето во политички цели Дефинитивно не лесно се одговара на овие прашања. Правени се некои социолошки анализи кои делумно даваат одговори на современиве поставени дилеми и прашања чиј центар е насилството. Како сериозни причини од направените анализи на површина испливуваат следниве: слабеењето на семејните вредности, намалување на воспитната функција во училиштата, влијанието на масовните медиуми кои продуцираат и прикажуваат содржини со насилни и агресивни акти, влијанието на интернетот, еродираниот морален кодекс и первертираниот вредносен систем, нудењето на погрешни модели на имитација и идентификација, погрешен концепциски пристап од страна на примарните фактори на социјализација, несоодветното санкционирање на прекршителите на нормите и спротивно на тоа, наградувањето во политички цели и позиции на некои кои биле носители или учесници во насилни и агресивни акти. Да се остави младиот човек да живее во склад со позитивните норми и вредности Она што посебно ме плаши и вознемирува, од морето причини за насилство и агресија се токму санкциите кои не се спроведуваат согласно прекршените норми или лошо сторените насилни дела, како и наградата која следува наместо казна на одредени лица. Навистина е тешко да му објасниш на еден млад човек, кој во периодот на адолесценција го формира својот карактер и вредносен дискурс зошто оној кој удрил, оној кој повикал на насилство и агресија, оној кој физички нападнал, оној кој вербално навредил не е соодветно санкциониран. Уште потешко е на младиот човек да му објасниш зошто некој кој бил лидер на група која повикувала и практицирала насилство и човек кој јавно декларирал насилство не само што не сносел соодветна казна, туку напротив е награден со добра политичка позиција. И навистина треба Сизифовски да се намачиш за да објасниш зошто е тоа така и зошто постои испервертираност во казните и наградите, не само што нема да бидеш сфатен, напротив, можеби и ќе бидеш осуден дека си единка во морето на поинакви размисли. Посебно, гледајќи ги и анализирајќи ги насилствата, не би сакала да звучам параноично, но може да се согледа еден континуитет во однос на зголеменото насилство и политичките случувања. Имено. Од 2011 месец февруари кога имавме енормно зголемено насилство меѓу младите во училиштата и кога заврши трагично еден млад човечки живот, па се до ден денешен може да се забалежи продуцирано насилство и агресија во очи или за време на политички битки и избори. Повторно ќе истакнам дека сакам само тоа да е коинциденција, но искуствата од други држави и научните теории говорат во прилог на фактот дека во кревки демократии, во земји каде немате цврст систем на норми, во држави каде не постои сериозна национална стратегија за справување со насилство, во земји каде се кршат човекови и граѓански права постои голема можност за фингирано насилство. Тоа значи со цел да се занемари некој проблем или да се дефокусира јавноста од нешто што е суштествено и значајно и нешто што има опш, национален интерес, се предизвикуваат проблеми во кои центарот на внимание се младите луѓе и целата јавност се пренасочува кон тие случувања. Навистина не би сакала да верувам во такви сценарија, кои во одредена мера би биле Спилберговски, но за жал реалноста не насочува кон тоа. Времето ќе покаже и докаже дали сум била во право, но она што сакам да порачам е да се остави младиот човек да живее во склад со позитивните норми и вредности, да се остави на мира и во позитивна атмосфера младиот човек да твори, гради, создава и се надградува, да се остави младиот ум и интелектуалец да биде она што заслужува-вистински носител на на нови движења, позитивни ветришта и продуктивни промени, авангарда во вистинска смисла на зборот. Д-р Татјана Стојаноска Иванова Институт за социологија, Филозофски факултет-Скопје

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина