05 Декември, 2025
0.0397

Цена или Вредност: Што е поважно за здравствениот систем?

Објавено во: Колумни 25 Јули, 2025 07:30

Добивај вести на Viber

Во секој бизнис постои јасна разлика помеѓу цената и вредноста која се добива за истата. Истото важи и во здравството, каде што оваа дистинкција може буквално да значи живот или смрт. Кога здравствените системи – особено оние со ограничени ресурси како македонскиот – се соочуваат со одлуки кои лекови и терапии да ги вклучат на листата на ФЗОМ (читај финансираат), прашањето секогаш гласи:

„Дали се фокусираме на цената на терапијата, или на нејзината вистинска вредност?“

Одговорот не е едноставен, но е клучен за иднината на здравственото финансирање и здравјето на пациентите.

Цена: Првата, но не и најважна метрика

Цената на лекот е првата бројка што ја гледаат финансиерите и менаџерите во здравствениот систем. Таа е лесна за мерење, директна и видлива во тендерските набавки во болниците, трошоците за лековите на позитивната листа и др. Но цената сама по себе не кажува ништо за клиничката ефикасност, квалитетот на живот што го нуди или долгорочните заштеди што може да ги донесе избраната терапија.

Краток пример од пракса:

Еден нов лек за дијабетес може да чини 3 пати повеќе од постојната терапија, но да резултира со 50% помалку компликации, ампутации и болнички денови. Кој лек во оваа ситуација е навистина „евтин“?

Вредност: Широка слика која долгорочно дава резултати

Вредноста на терапијата вклучува многу повеќе од цената:

  • Колку животи спасува?
  • Колку го продолжува животниот век на пациентите?
  • Дали го подобрува квалитетот на животот?
  • Колку ја намалува потребата од хоспитализации, операции или други интервенции?
  • Колку денови пациентот останува продуктивен (на работа, во семејството, во општеството)?

Во деловна терминологија – вредноста е вкупната повратна добивка на инвестицијата во лекување (health ROI).

Факт:

Истражувањата покажуваат дека современите терапии кои на прв поглед се „скапи“, честопати водат до намалување на вкупните трошоци по пациент во период од 3–5 години.

Реалноста на македонското здравство

Македонскиот здравствен систем функционира со ограничени средства, постојан притисок од јавноста да се задоволат потребите на пациентите со хронични болести и недоволна модернизација на позитивната листа. Во таков амбиент, се наметнува искушението да се избираат најевтините лекови, но тоа ретко се покажува како најпаметна стратегија.

Краткорочно: буџетот изгледа стабилен (читај под контрола). Во пракса пациентите се повеќе плаќаат од својот џеб за современи терапии кои не се на позитивната листа или користат приватно здравствено одигурување (т.е. повторно плаќаат двојно!!!).
Долгорочно: пациентите почесто се хоспитализираат, добиваат трајни оштетувања, се губи продуктивноста – а здравствените трошоци растат.

Наше секојдневие:

Евтиниот лек што не делува доволно добро е всушност најскап – затоа што не ја решава здравствената потреба и генерира нови трошоци.

Заклучок: Вистински трошок е оној што не носи резултат

Точно е дека иновативните терапии на почетокот се поголем трошок. Но, фармакоекономските анализи покажуваат дека ако се изберат паметно – според вредноста која ја носат,а  не според цената – тие можат да донесат и подобри резултати за пациентите и помали трошоци за целиот здравствен систем.

Во овој процес клучни се:

  • анализи на QALY (quality-adjusted life year),
  • cost-effectiveness студии,
  • и health technology assessment (HTA) тела, кои се стандард во ЕУ.

Во време кога здравствените системи се под притисок, а иновациите напредуваат со забрзано темпо, стратегијата на „најефтиното е најисплатливо“ мора да стане минато.

Цената може да биде бројка во тендер, но вредноста (читај ефектот) е вистинскиот индикатор на успехот.

За Македонија да гради одржливо и современо здравство, мора да инвестира не таму каде што е најевтино, туку таму каде што се добива најмногу – за пациентите, за буџетот и за иднината на нацијата.

Автор: Филип Ачкоски, М-р по фармација со 20 годишно регионално искуство во развој, набавка, продажба и маркетинг на: лекови, додатоци во исхраната, медицински помагала и козметика. Топедукатор.

* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:

Можеби ќе ве интересира

Зеленски „под контрола“!

Зеленски „под контрола“!

Топ 10 лекови во светски рамки – и каде е Македонија во овој поглед?

Топ 10 лекови во светски рамки – и каде е Македонија во овој поглед?