29 Март, 2024
0.0247

НАТО вежба нуклеарно одвраќање, а од ООН тврдат дека вијаграта е руска воена стратегија!

Објавено во: Колумни 17 Октомври, 2022

Добивај вести на Viber

Денес, 14 земји членки на НАТО ќе ја почнат воената вежба за нуклеарно одвраќање Steadfast Noon. Таа ќе трае до 30 октомври. Еден куп најмодерни авиони,ловци, бомбардери ќе летаат над Белгија, Северното море и Британија. Боева муниција нема да се користи. Официјално „Вежбата ќе помогне да се гарантира дека нуклеарните сили за одвраќање остануваат безбедни, сигурни и ефикасни. За некои од страна таа се совпаѓа со неодамнешните изјави на рускиот претседател Путин за одбрана на земјата.

Вежбата за нуклеарно одвраќање на Алијансата се вели дека е „рутинска, повторлива вежба и не е поврзана со никакви актуелни светски настани“. Во исто време, тие се совпаѓаат со неодамнешната ескалација на изјавите на Путин дека: „при закана врз територијалната целосност на нашата земја ќе ги искористиме сите расположиви средства“. А на 30 септември при потпишувањето на Договорот за присоединување на новите територии од Украина кон Русија, рече дека САД создале преседан со користење на нуклеарно оружје во 1945 година во Јапонија. Според Путин има и нуклеарни уцени и искажувања од страна на видни претставници од држави на НАТО за можноста од примена на нуклеарно оружје против Русија.

„На оние кои си дозволуваат такви изјави во однос на Русија сакам да им напомнам дека нашата земја располага со различни средства за уништување, а во некои компоненти и посовремени од оние во земјите на НАТО. И при закана врз територијалната целосност на нашата земја ќе ги искористиме сите расположиви средства. Тоа не е блеф“, рече Путин. Пред некој ден во Астана тој зборуваше дека влегувањето на НАТО во Украина и директен судир со армијата на Русија, доколку за Киев положбата на военото поле стане катастрофална, „е многу опасен чекор, кој може да доведе до глобална катстрофа“. „Се надевам дека имаат доволно ум, разум, тие кои зборуваат за тоа, за да не преземаат такви опасни чекори“, рече Путин.

СИТЕ ЗБОРУВААТ ЗА НУЛЕАРНО ОРУЖЈЕ

Овие и претходните зборови на Путин наидоа на силна критика на Запад. Демек тој се заканува со нуклеарно оружје, иако тоа не е кажано никогаш во таква форма. Па така и вчера, Џејк Саливен, советникот за национална безбедност во Белата куќа, во едно интервју изјави дека САД планираат да одговорат на Русија на користење на нуклеарно оружје, независно од тоа во каква форма ќе биде тоа нарушување. Станува збор за тоа дали американскиот одговор ќе се разликува од тоа дали Русија користи само тактичко нуклеарно оружје или ќе има голем нуклеарен напад. „Мислењето дека постојат разлики во неговото користење(нуклеарното оружје), сметам дека е опасна идеја“, изјави Саливен. „Сметаме дека САД се обврзани, работејќи со нашите сојузници и партнери од НАТО, а исто така и со други одговорни земји низ цел свет, вклучувајќи ги Кина и Индија, да испратат многу јасна и решителна порака до Русија, дека таа не треба да разгледува можност за користење нуклеарно оружје во тој конфликт“, рече Саливен.

Неодамна и американскиот претседател, Џо Бајден, спомна директна закана од користење на нуклеарно оружје на фонот на постојаните алузии од Русија. „За прв пат од времето на Карипската криза пред нас стои директна закана од користење на нуклеарно оружје, доколку ситуацијата продолжи да се развива по патот по кој се развива, рече Бајден“. Според него користењето на тактичко нуклеарно оружје  во Украина би довело до „ужасни последици“. Тој спомна и Армагедон, што не беше прифатливо за некои негови западни сојузници. Во овој контекст и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг даде изјава дека победата на Русија ќе биде „голем пораз“ и за Украина и за Алијансата, затоа што ќе го направи светот многу поопасен, а земјите од НАТО „многу поранливи од руска агресија“. И покрај ваквите зборови, Столтенберг тврди дека НАТО не е страна во украинскиот конфликт, а поддршката на Киев од страна на Алијансата „игра клучна улога“!

Портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков, на ваквите изјави, меѓу кои и на Бајден, одговори дека Русија „секојдневно изразуваат жалење во врска со секојдневните тренирања на нуклеарна реторика на лидерите на западните држави, САД, европските. Според негови зборови Русија не сака и не учествува во такви тренинзи  и не ги прифаќа“. Тој смета дека помошта на НАТО на Украина битно ја усложнува ситуацијата, но потенцијалот на Русија дозволува да ја продолжи Специјалната воена операција и во такви услови. На Москва и е „многу потешко“ од помошта што НАТО и ја дава на Украина, вели тој. „Тоа, веројатно, бара наша соодветна внатрешна економска и друга мобилизација. Една работа е киевскиот режим. А друга – потенцијалот на НАТО. Тоа е дополнителен товар. Но нашиот потенцијал  дозволува продолжување на операцијата и во такви услови“, нагласува Песков. Неговата колешка од руското МНР, Марија Захарова, надоврзувајќи се на оваа тема, односно повикот на украинскиот претседател Владимир Зеленски, за неопходноста од превентивен удар врз Русија од страна на Западот коментира. „Западот распалува нуклеарна војна. Секој човек на планетата треба да осознае дека набилданиот со оружје...неурамнотежената личност Зеленски се претвори во монструм со чии раце може да се уништи планетата“, е ставот на Захарова. 

НУКЛЕАРЕН ТАНЕЦ НА СМРТТА

Претседателот на Украина го повика НАТО да нанесе превентивен удар врз Русија во случај на закана од нејзина страна со користење на нуклеарно оружје. Тоа тој го кажа во време на едно видео интервју со еден Институт во Австралија. „Што треба да прави НАТО? Да ја исклучи можноста Русија да примени нуклеарно оружје. НО важно е, уште еднаш се обраќам кон меѓународната заедница, како што беше тоа пред 24 февруари: превентивни удари, за тие да знаат што ќе се случи со нив ако го применат. А не обратно – да се чекаат нуклеарни удари од Русија, за после други да речат:„ А ти така, тогаш еве ти од нас“, изјави Зеленски.  Инаку, веќе има многу сценарија за одговор на САД на користење нуклеарно оружје од Русија во Украина. Едно од нив вели дека е можен нуклеарен удар дури и врз Москва. Или пак врз руските единици на линијата на фронтот во Украина. Или пак ограничен нуклеарен удар врз Крим. А не е исклучен удар и врз Црноморската флота.

Сето погоре кажано само ја подгрева играта и ги зголемува влоговите во неа. Се’ до започнување нуклеарен танец на смртта. Во Москва соопштуваат дека осум, ним блиски држави делумно или целосно повикуваат на напуштање на нивни граѓани и дипломати на Киев. Во Украина ова се оценува како провокација. Но и Американците пред некој ден ги повикаа своите граѓани  на внимателност или на напуштање на Украина. Што значи тоа знаат само разузнавачите.

Во екот на постојаните префрлања за тоа кој сака или кој ќе користи нуклеарно оружје во јавноста дојде мошне интересна вест од Обединетите нации. Официјалниот претставник на ОН, Прамила Патен, изјави во интервју за АФП, а пренесе Њујорк пост, дека Русија им дава вијагра на војниците да силуваат Украинци! Прамила Патен е специјален претставник на ОН за сексуално насилство во конфликт, рече дека Украинките сведочат дека биле силувани од руски војници. Таа  вели дека Русија го користи силувањето како своја „воена стратегија“ во Украина - обезбедувајќи им на војниците таблети за сексуално да напаѓаат цивили. „Кога ќе слушнете како жени сведочат за руски војници опремени со вијагра, тоа е јасно воена стратегија“, изјави за АФП Прамила Патен, а пренесе Њујорк пост. Патен додаде дека ОН потврдиле „повеќе од сто случаи“ на силување или сексуален напад од почетокот на инвазијата во февруари. Меѓу жртвите главно има девојки и жени, но и момчиња и мажи кои биле силувани. „Пријавените случаи се само врвот на ледениот брег“, рече Патен за АФП, но додаде дека е тешко да се одржува точна статистика за време на активен насилен конфликт. „Бројките никогаш нема да ја одразуваат реалноста, бидејќи сексуалното насилство е тивко злосторство“. Русија ги отфрли обвинувањата за воени злосторства.

ВИЈАГРА – ДЕЛ ОД ХИБРИДНА ВОЈНА

Според, Марија Захарова, портпарол на руското МНР, зборовите на специјалниот претставник на ОН за вијаграта за руската армија се надвор од разумот. „Суштината на кажаното од Патен не може да се коментира сериозно. Освен тоа чиновничката, очигледно, дејствува надвор од пределите на нејзиниот мандат и полномоштва. Во исто време, таа не го крие фактот дека во своето мислење се потпира на фрагментирани податоци од „независна меѓународна истражна комисија за Украина“ која не е призната од Русија, кои, според нејзините зборови, тешко се проверуваат. Со други зборови, повторно го имаме класичното „highly likely“(Русите го користат за потсмев на тврдења на Западот за некои истраги, кога нема цврста увереност во доказите), само овој пат на ниво на изопачена фантазија“, истакна дипломатот.

Таа ги спореди изјавите на специјалниот претставник на генералниот секретар на ОН со „лажните и провокативни изјави“ на поранешниот омбудсман за човекови права во Украина, Људмила Денисова, „која и самата призна дека едноставно измислила многу од фактите од нејзините изјави  со цел, државата, да добие западно финансирање и оружје“. „Како што се сеќаваме, Денисова беше отпуштена од режимот во Киев поради нејзините груби антируски лаги, со кои ја доведе во заблуда целата меѓународна заедница“, напомена Захарова. Таа нагласи дека вакво подметнување не е прв пат. „Во 2011 година, како поддршка на плановите за уништување на Либија, новинарите на Ројтерс напишаа дека војниците лојални на Моамер Гадафи практикуваат силување, за што се обезбедуваат со вијагра. Како што гледаме, Западот повторно  користи едни и исти модели во својата хибридна војна“, заклучи Захарова.

Сменетиот омбудсман, Људмила Денисова, според пишувањето на украинските медиуми, измислувала ужасни истории за силување на деца од страна на руски војници „заради победа на Украина“ за што беше сменета. Во март годинава таа со поддршка од УНИЦЕФ создала „жешка линија“ за психолошка поддршка. Со таа линија работела нејзината ќерка, Александара Квитко. За месец и половина Квитко тврдела дека на линијата имало 1040 ѕвонења, од кои 450 се однесувале на силување на деца. Но во официјалниот извештај што го добиле  од обвинителите се зборувало само за 92 ѕвонења. Новинарите не можеле да најдат никакви докази за историите кои ги кажувале мајката и нејзината ќерка. Ни за жртвите, ниту за тоа дека тие постоеле.

НАПНАТОСТА НА ФРОНТОТ СЕ ЗГОЛЕМУВА

Во истрагата Денисова тврдела дека историите кои ги споменувала ги слушнала од ќерка и, а оваа пак тврдела дека и ги кажувала додека „пиеле чај“. Новинарите дознале дека, не пред камера, Денисова ужасните истории ги кажувала затоа што „ сака победа на Украина“. Европски партнери кои ги слушале историите од Денисова барале од украинските правозаштитници и депутати да им бидат дадени докази за силувањата. Но напразно, докази немало. Сето тоа било причина за нејзино сменување. Некои депутати тврделе дека на тој начин, и е нанесена голема штета на Украина, бидејќи светските медиуми посветувале погрешно внимание. Неразбирливата концентрација на медиумската работа на Денисова врз детали од „сексуални престапи во изопачена форма“ и „силување деца“, во што биле обвинувани руски војници, Денисова не можела да ги потврди со докази.

Инаку кон крајот на септември во ООН беа публикувани податоци за сексуалните злосторства во Украина за време на војната. Вкупно 43. Според извештајот на Мониторинг мисијата на ОН, од 24 февруари до 25 септември во Украина се фиксирани силувања на осум жени и едно девојче, 15 случаи на сексуално насилство како метода на мачење или жесток однос со мажи, па 11 случаи кон принудување на јавно соблекување на мажи и жени кои ги сметале за нарушители на правото, осум други случаи на сексуално насилство, и закани со него. Како што се пренесува 30 такви случаи имало направени од руски војници, два од војници или полицијаци од Украина, 11 од граѓански лица или припадници на територијалната одбрана на Украина. Се’ на се’,  очигледно е дека во војната сексуалните насилства немаат само една боја. Исто како нуклеарните закани.

Во меѓувреме напнатоста на фронтот се зголемува. Западот ја притиска Украина до зимата да постигне поголеми успеси. Наводно од тоа зависи натамошната воена помош на Украина. Можеби затоа во неа сега интензивно се вклучуваат Германија и Франција со оружје и обуки на украински војници. Но и Русија не заостанува. Иран веќе испорача беспилотни летала, а сега се зборува дека допрва ќе дојдат поголеми и поефикасни, како и ракети „земја-земја“ со дострел од 30 до 70 километри. На оваа вест следи изјава од Израел. „Ако Иран и даде на Русија балистички ракети, тогаш нема веќе сомненија која страна треба да ја избере Израел“, напишал израелскиот министер за дијаспора Нахман Шај.

Реализацијата на овие најави носи само нови опасности. Едно е јасно, вклучувањето на повеќе држави може да ја прошири географијата на војната и да доведе до глобален конфликт. Уште тоа ни фали. Се сеќавам кога пукна во Југославија, поточно во Словенија,  сите викавме  далеку е од Македонија - 1000 километри. Но потоа дојдоа воените судири во Хрватска и Босна, па Косово, за на крај да дојде и кај нас.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?