24 Април, 2024
0.0288

Назарбаев – идејниот татко на Евроазиската унија, замина за да остане

Објавено во: Колумни 22 Март, 2019

Добивај вести на Viber

Казхастанскиот претседател Нурсултан Назарбаев во вторникот објави дека ја напушта претседателската функција, на која беше уште од април 1990 година. „Како основач на независната казахстанска држава својата идна задача ја гледам во обезбедувањето на доаѓање на власт на ново поколение раководители, кои ќе ги продолжат промените што се спроведуваат во земјата“, рече Назарбаев во директното обраќање до јавноста.

Објавувајќи за прекинување на вршењето на претседателски обврски, Назарбаев не криеше дека за себе си зачувува големо влијание врз политичкиот живот во земјата. „Со нашите закони јас имам статус на прв претседател – „татко на нацијата“, рече Назарбаев во обраќањето. Тој ќе остане и претседател на владејачката партија „Нур Отан“, која има огромно мнозинство во парламентот.

Но, се чини уште поважно е што Назарбаев ќе биде доживотен претседател(!) на Советот за безбедност на Казахстан и ќе остане член на Уставниот совет. Тоа е пандан на Уставен суд. „Останувам со вас, рече на крајот Назарбаев, додавајќи, „Грижата за земјата и за народот останува моја грижа“. Доживотното раководење со Советот за безбедност е доделено со уставните промени пред две години при што во соодветниот документ се вели дека на Назарбаев „во сила на неговата историска мисија доживотно му припаѓа правото да го води Советот за безбедност како претседател“.

Раководењето со Советот за безбедност, некако асоцира со кинескиот лидер Денг Ксиаопинг, кој иако немаше никакви високи функции, реално беше првиот човек во државата по смртта на претседателот Мао Цетунг во 1978 година, па се до почетокот на деведесеттите години. Единствена државна функција на Ксиаопинг беше вицепремиер во седумдесеттите години, пред Културната револуција во Кина. Но, по смртта на Цетунг тој застана на чело на Централната воена комисија на Комунистичката партија на Кина. И од таа позиција ги удри темелите на она што е денес современа Кина. Тој е таткото на Кина – „една држава - два система“, човекот кој го врати Хонг конг кон матицата земја, а исто и Макао, останува уште припојувањето на Тајван кон Кина.

За Назарбаев пишуваат дека многу читал книги од историјата, како и мемоарски дела на видни личности. „Назарбаев беше најисторискоцентричен претседател на постсоветското пространство. Сите политичари се амбициозни, но тој се издвојуваше и на тој фон. Тој никогаш не криел дека себе си се глед како казахстански Вашингтон, Ататурк, татко-основач на државата по име Република Казахстан“, пишувааа еден казахстански новинар. Желбата да остане запишан со големи букви во казахстанската историја може од Назарбаев, по неговата смрт, да направи фигура за критика.

За разлика од Денг Ксиаопинг, кој иако имаше неколку деца, од кои едно настрада во Културната револуција и остана инвалид, и ниту едно не „протурка“ во партијата, Назарбаев работи поинаку. Непотизмот, наше совремие, не е туѓо и за него. Веднаш по оставката тој ја назначи својата ќерка  Дарига Назарбаева за прв човек на Сенатот, горниот дом на парламентот, што има значење на прв човек во законодавната власт, а втор во државата, после претседателот. Дали на овој начин Назарбаев сака да си остави наследник во државата, кому тој ќе му помага да се искачи на врвот, се до крајот на неговиот живот со оглед на тоа што ќе има таква функција во Советот за безбедност? Или пак таа ќе биде во политиката се додека не порасне доволно еден од синовите на Назарбаев, па да стане нов казахстански лидер.

Каква е разликата меѓу Назарбаев и Ксиаопинг зборува и податокот дека казахстанскиот лидер молкум, а веројатно договорено, прифати главниот град на државата Астана, да се преименува во Нурсултан. Тоа беше првата работа што ја предложи вршителот на должност претседател на државата, назначен од Назарбаев во вторникот, Касим-Жомарт Токаев, кој до тогаш беше прв човек на Сенатот. Токаев ќе биде в.д. претседател една година, до наредните претседателски избори. Во Казахстан веќе се кажуваат вицеви на сметка на преименувањето. Па така прашуваат еден млад човек како се викаш, а тој одговара: -Нурсултан. Во кој град живееш: -Во Нурсултан..А каде учиш?: Во Нурсултанскиот институт...Сето ова е лош знак за евентуалната династија на назарбаеви. Не е познато некој град во Кина да се вика Денг или Ксиаопинг.

За наследник на Назарбаев има и други варијанти, но прашање е која ќе се оствари. Сега засега паѓа в очи Фамилијата. Назарбаев годинава ќе наполни 80 години. Некои велат дека има проблеми со здравјето и тоа бил поводот да се повлече од претседателската функција, која многу го оптоварувала, бидејќи Казхастан станала држава во која се чека последниот збор за се’ да го има претседателот. Кој, згора на тоа, нема блиски соработници или советници. Пред еден месец тој распушти целата влада.

Што да се каже по ова? Ако Назарбаев, љубителот на историјата, сака да го следи примерот на Денг Ксиаопинг во развојот на Кина, тогаш тој е негова лоша, па и жалосна копија. Не само непотизмот, туку и корупцијата е обележје на политиката во централна Азија. Дури и ќерката на Назарбаев ја споменуваат  за некои пари, милиони долари, префрлени на нејзина сметка во Австрија. Може да се каже и дека Назарбаев замина, но за да остане. Преку неговата ќерка. И дека додека е жив ќе гледа и ќе се меша во работите на власта. Право што си го обезбеди со измените во Уставот во 2017 година, кога ги намали надлежностите на претседателот, но ги зголеми на првиот човек на Советот за безбедност.

Во Москва оставката на Назарбаев ја примија со изненадување, а медиумите нагласено пренесуваа дека пред оставката Назарбаев му поѕвонил на Путин да му ја соопшти неа. Но со сигурност може да се претпостави дека Назарбаев, поѕвонил и во Кина, а можеби во Турција, а и на некое друго место. Оставката за Русите беше повод и за коментари на сметка на Владимир Путин. Да не засака и тој по 2024 година да остане во власта! Се разбира не како претседател, но може да биде претседател на Советот за безбедност.  Во Москва лани имаше разговори за промени во Уставот. Никој не кажа какви, туку зборуваа за некаква неопходност. Прво што падна на памет во тие денови беше дека еве уставот ќе го менуваат да му обезбедат на Путин нов мандат или пак доживотен мандат. Реакцијата од Кремљ беше дека такво нешто нема.

Ќе мора да се следат работите во Казахстан во наредниве години. Можеби некој во Москва, кој може да побара уставни промени да биде конкретен, па да каже дека нема продолжување на мандатот, но претседателот на Советот за безбедност добива и други поголеми овластувања. Па за тогаш 72 годишниот Путин тоа да биде работа блиска до сегашната. Иако, во ова не треба многу да се верува со оглед на тоа што карактерот на Путин како водач е сосема различен од оној на источњакот Назарбаев.

А може да се зборува и за нов чекор кон работењето на Евроазиската унија. Треба да се знае дека токму Нурсултан Назарбаев беше идејниот татко на Евроазиската унија. Тој тоа го предложи уште за времето на Елцин, но овој ја отфрли таа идеја. За разлика од него Путин широкоградо ја прифати. Дали Назарбаев со Путин ќе ги засилат интегративните процеси во Евроазиската унија за конечно таа да ги добие контурите и да работи во вистинска смисла како унија? Изминативе месеци белорускиот претседател Александар Лукашенко се уби разговарајќи со Путин, остана незадоволен, па дури намекнува и оладување околу унијата. Токму тоа можеби да значи потреба од активирање на Назарбаев на овој план.  За конечно да се расчистат работите – ќе има ли унија на задоволство на сите во неа или пак да се рече збогум и да се признае поразот. А тој може да биде и многу болен за некои од овие држави. Дотолку повеќе што во Казахстан, на пример, после Назарбаев кој се обрати до јавноста на руски јазик, младите се повеќе зборуваат казахски, а некои не го знаат рускиот јазик. Назарбаев воведува латиница во писмото наместо досегашната крилица. Во подем е патриотизмот кој се граничи со национализмот и се повеќе рускојазично население ја напушта државата.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок