18 Мај, 2024
0.0350

НБРМ: Економијата закрепнува со солидно темпо, без ценовни притисоци

Објавено во: Економија 15 Април, 2015

Добивај вести на Viber

Вчера беше одржана редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ и на истата беа разгледани состојбите во банкарскиот систем, движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и најновите макроекономски показатели во контекст на поставеноста на монетарната политика.

Oцената на економските и финансиските услови покажа дека постојната монетарна поставеност е соодветна, и беше одлучено на аукцијата да се понудат благајнички записи на ниво на износот којшто достасува (25.500 милиони денари), со непроменета каматна стапка од 3,25%.

Економијата и понатаму закрепнува со солидно темпо, во еден дел поддржана и преку кредитната активност на домашните банки. Економското закрепнување се одвива без ценовни притисоци. Ваквите движења упатуваат на постоење соодветен амбиент за одржливо закрепнување на приватниот сектор, при што повторно беше оценето дека домашната економија е доволно поддржана преку преземените мерки на монетарната политика. Излегувањето од зоната на приспособлива монетарна политика во следниот период ќе зависи од промените во надворешната позиција на економијата и ефектите врз девизните резерви.

Најновите макроекономски показатели не упатуваат на поголеми промени во амбиентот за водење на монетарната политика. Во однос на економската активност, годишниот раст на БДП за четвртиот квартал изнесува 2,7% и е во согласност со очекуваниот раст на економијата во октомврискиот циклус на проекции. Домашната побарувачка и извозот беа носители на растот, при умерен раст на личната потрошувачка и инвестициите, и силен раст на извозната активност. Индикативните високофреквентни податоци за првиот квартал на 2015 година упатуваат на продолжување на растот на домашната економија, со веројатно слично темпо како и во претходниот квартал.

Во однос на инфлациските остварувања, во март дојде до значително забавување на годишниот пад на цените на 0,3% (наспроти 1% во февруари). Во просек, во првите три месеци од годината општото ниво на цени во домашната економија се намали за 0,9% на годишна основа, што е резултат на сите три компоненти на инфлацијата, но со доминантен придонес на пониските цени кај енергетската компонента на инфлацијата (во услови на намалување на светските цени на нафтата). Инфлациските остварувања се нешто послаби во однос на проектираните, а промените во надворешните претпоставки продолжуваат да упатуваат на надолни ризици поврзани со проекцијата на инфлацијата за 2015 година. Овие оцени ги одразуваат априлските ревизии на светската цена на нафтата коишто предвидуваат подлабок пад на цената на нафтата во 2015 година споредено со октомвриската проекција од 2014 година. Сепак, треба да се има предвид дека неизвесноста околу идното движења на светските цени на нафтата и можноста за нагли промени кај оваа категорија се големи. Воедно, во меѓувреме се појавија фактори на ризик што делуваат во нагорна насока, односно неповолните временски прилики во домашната економија, чиј ефект тековно е тешко да се оцени.

Последните податоци за девизните резерви покажуваат значителен пад од почетокот на годината, заради предвремената отплата на кредитот од ММФ, користен во рамки на Кредитната линија за претпазливост. Доколку се исклучи овој ефект, девизните резерви бележат благ пад, што е во согласност со октомвриската проекција, а показателите за адекватноста на резервите и натаму укажуваат на доволно ниво на девизни резерви за справување со евентуални непредвидени шокови. Во однос на кредитниот пазар, првичните податоци за март покажуваат релативно висок раст на кредитите на месечна основа, што доаѓа по релативно послабите остварувања од почетокот на 2015 година. Месечното зголемување на кредитите е подеднакво распределено кај домаќинствата и кај корпоративниот сектор. Годишната стапка на раст на вкупните кредити во март е 9,2% и е над проекцијата за првиот квартал на 2015 година. Во однос на депозитниот потенцијал, во март е остварен месечен пад на вкупните депозити, како резултат на падот на депозитите на претпријатијата и на останатите финансиски институции, при задржана динамика на раст кај депозитите на населението. И покрај овие остварувања, сепак нивната годишна динамика на раст во март е над очекуваната за првото тримесечје во рамки на октомвриската проекција, заради силниот раст на депозитите на крајот на 2014 година.

Ликвидноста на банките под влијание на автономните фактори се намали во март, што услови понизок износ на пласирање на краткорочни вишоци на ликвидност од страна на банките во расположливи депозити кај НБРМ. Сепак, при сѐ уште висока ликвидност на ниво на банкарски систем, и при намалување на каматните стапки на расположливите депозити кај НБРМ, на пазарот на пари, трендот на намалување на каматните стапки продолжи и во текот на март, а во прометот доминираа трансакциите со хартии од вредност. На девизниот пазар, движењата во март беа стабилни, со што продолжија поволните трендови од почетокот на годината, манифестирани преку повисок откуп на девизи на банките од нивните клиенти наспроти истиот период претходната година. Во такви околности, во текот на првиот квартал НБРМ оствари нето-откуп на девизи од банките-поддржувачи, а девизниот курс се задржа на стабилно ниво.

Во евро-зоната, започнувањето на програмата за квантитативно олеснување во март и примената на долгорочни операции за рефинансирање од страна на Европската централна банка, условија значителен раст на ликвидноста во системот. Тоа придонесе за понатамошно намалување на вредноста на еврото, а истовремено влијаеше врз подобрување на економските показатели и кредитната активност во рамки на евро-зоната. Во САД, и покрај поволните движења на пазарот на труд се забележуваат одредени знаци за поумерен економски раст во почетокот на 2015 година, но сепак се оценува дека американската економија закрепнува на здрави основи.

Општо земено, најновите оцени на НБРМ не упатуваат на големи промени во амбиентот за спроведување на монетарната политика. Се очекува показателите за адекватност на девизните резерви и натаму да останат во сигурна зона. Економскиот раст е солиден и нема ценовни притисоци. Движењата на кредитниот пазар, и покрај променливоста во одделни месеци, веќе подолг период главно се поволни, навестувајќи релативно ефикасна трансмисија на монетарните мерки донесени досега врз кредитната активност и постабилни очекувања на домашните банки.

Како и досега, така и во следниот период НБРМ внимателно ќе ги следи идните макроекономски движења, ризиците поврзани за основното макроекономско сценарио, остварувањето на проектираната патека на девизните резерви и случувањата на девизниот пазар и ќе ја приспособува монетарната политика соодветно на овие движења.

Можеби ќе ве интересира

Можеби ќе ви помогне ако патувате во Европа: Еве каде се највисоки а каде најниски цените на горивото

Можеби ќе ви помогне ако патувате во Европа: Еве каде се највисоки а каде најниски цените на горивото

ВУЧИЌ Е ЗАДОВОЛЕН: Koлку работници се вработени во српските фирми преку „Отворен Балкан“?

ВУЧИЌ Е ЗАДОВОЛЕН: Koлку работници се вработени во српските фирми преку „Отворен Балкан“?

АЗЕСКИ: Господ да му е на помош на тој што ќе донесе милијарда евра

АЗЕСКИ: Господ да му е на помош на тој што ќе донесе милијарда евра

ФАКТОР АНАЛИЗА: Скап ли е такси превозот во Скопје? Колку заработуваат најпопуларните компании?

ФАКТОР АНАЛИЗА: Скап ли е такси превозот во Скопје? Колку заработуваат најпопуларните компании?

ВАЖНО: Граѓани, проверете ја вашата даночна пријава за 2023 година

ВАЖНО: Граѓани, проверете ја вашата даночна пријава за 2023 година

АЗЕСКИ СЕ СРЕТНА СО МАЈК ЗАФИРОВСКИ: Потребно е запирање на сивата економија

АЗЕСКИ СЕ СРЕТНА СО МАЈК ЗАФИРОВСКИ: Потребно е запирање на сивата економија

„ДА СЕ КРАДЕ ОД БУЏЕТОТ 32 ГОДИНИ, НА НАМИЛОСРДЕН НАЧИН, И ДА НЕ МОЖЕ ДА СЕ СПРЕЧИ...“: целиот разговор со Бранко Азески на „Бизнис муабети“

„ДА СЕ КРАДЕ ОД БУЏЕТОТ 32 ГОДИНИ, НА НАМИЛОСРДЕН НАЧИН, И ДА НЕ МОЖЕ ДА СЕ СПРЕЧИ...“: целиот разговор со Бранко Азески на „Бизнис муабети“

„СО БРАНЕ И РИЛИНД НЕ СЕ ПЛАШЕВ ОД НИТУ ЕДНА БИТКА“ - средба на Тевдовски со некогашните соработници

„СО БРАНЕ И РИЛИНД НЕ СЕ ПЛАШЕВ ОД НИТУ ЕДНА БИТКА“ - средба на Тевдовски со некогашните соработници

„Тиквеш“ ги претстави своите модерни практики пред учесниците на регионалната Винска летна школа

„Тиквеш“ ги претстави своите модерни практики пред учесниците на регионалната Винска летна школа