НЕ Е ЛЕКАР, НИТУ ПРАВНИК, А НИ ЕКОНОМИСТ - продавач е убедливо најбарано занимање во земјава, еве што друго „поминува“ на пазарот на трудот
Објавено во: Економија 29 Март, 2022
Продавач е убедливо најбараното занимање во земјава, покажува Анализата на слободните работни места во државава, која ја изготвува Агенцијата за вработување.
Тие објавуваат три вида на анализи, и тоа, каде и колку слободни работни места има по градовите низ земјава, потоа, која е дејноста на фирмите каде што се бараат најмногу работници, но и за тоа кои се 25 најбарани занимања во земјава.
Интересно е да се види како најдобро ќе поминете на пазарот на трудот, и она што е запрепастувачи, е дека тоа нема да ви се случи ни доколку сте доктор, инженер, економист, или, пак, правник, туку, напротив, треба да имате многу поедноставни квалификации.
Па така, доколку сте подготвени да работите како продавач, за тоа имате на располагање дури 619 слободни работни места низ територијата на Македонија. Занимањето продавач е на убедливото прво место по најбарани занимања во земјава.
Сосема добри шанси да најдете работа, а со тоа и да си обезбедите егзистенција за себе и за своето семејство, е и доколку сте подготвени да бидете ангажиран како хигиеничар на станбен и деловен простор. За тоа занимање на располагање ви стојат 520 слободни работни места во државава.
Уште еден вид на хигиеничар е исто така доста баран, и испливува на третото место на табелата на најбарани занимања, а тоа е хигиеничар на производствено-работни простории, каде има отворени 421 работно место.
Занимањето општ работник, што и да се подразбира под таа квалификација, е на четвртата позиција како најбарано занимање, и за него се отворени 311 слободни работни места. Потоа, доста барано занимање е и магационер, а како таков кадар би можеле да работите на дури 274 слободни работни места низ државава.
Нема тешко да најдете работа и доколку би сакале да се ангажирате како келнер, за што се отворени 216 можни вработувања.
Занимањето работник за едноставни работи на производствена линија можат да го добијат 195 лица во земјава, бидејќи за тоа има толку слободни работни места. Исто толку се бараат и возачи на камион, професија која станува се подефицитарна и побарана.
Програмерите, пак, кои се убедливо најплатени, со месечни примања одамна над 70 илјади денари, се на деветтото место по бројот на слободни работни места, и тоа 177 на број.
Бравар е исто така барано занимање, со 158 слободни работни места, а по него со 156 места доаѓа возач на товарно возило.
За еко хигиеничар има 143 слободни работни места, а за административни службеници се бараат 139 работници, притоа без да се наведе дали ова се однесува на јавниот или на приватниот сектор. За адмнинистратор, пак, има 128 слободни работни места, а за столар 114.
Електричар за одржување може да се вработи на 113 работни места, а за возач на такси има 110 отворени работни позиции.
И готвачите се на листата на 25 најбарани занимања, иако подолу на листата, и за нив има 101 слободно работно место. За шанкер има 95 слободни места, исто колку и за водоинсталатер.
Следуваат оператор во кол центар со 90 отворени позиции, исто колку и за дактилографите, веројатно професија која се бара само и единствено уште во судовите каде што се водат записници. За шивачите и градежните работници има по 86 слободни работни места, и последно најбарано занимања со 85 слободни позиции е раководител на услужен објект, со што се затвора листата на најбарани занимања.
Агенцијата за вработување направила анализа и за тоа каде има најмногу слободни работни места по дејности, при што убедлово на првото место со 1.982 места има во административно и помошните услужни дејности.
На втора позиција е преработувачката индустрија, со 1.667 слободни работни места, додека, пак, во трговијата на големо и мало, има 1.376 слободни работни места.
Градежништвото, со 885 места, е четврто, а следуваат објектите за сместувањсе и сервисни дејности со храна, каде има 801 слободно работно место.
На шесто место е транспортот и складирањето, со 495, а дејностите информации и комуникации побаруваат 415 работници.
И, ако гледаме по градови, Скопје со 5.580 работни места е секако на прво место, а по него следува Битола, со 519, па Тетово, со 407 места, додека четврто е Куманово, со 323 слободни работни места.
Н.Н.Ф.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.