20 Април, 2024
0.0252

Не е проблемот во минималната, туку во просечната плата!

Објавено во: Колумни 03 Февруари, 2014

Добивај вести на Viber

Без никаква моќ за преговарање за цената на својот труд, невработените ја прифатија понудената минимална плата како придобивка, со оглед на огромниот број на интересенти подготвени да работат и за уште помала надокнада. Ако поместувањето на асполутниот износ на минималната плата беше важно, тогаш целта е исполнета.  И сега кога наводно целта е исполнета, а  партиските препукувања кој е позаслужен за предлогот за зголемување на минималната плата во земјата од 8.050 на 10.080 денари стивнаа, се создава впечаток како да е се во ред со наградувањето на трудот. Факт е дека  со зголемувањето на минималната плата на десет илјади денари се овозможи извесно подобрување на материјалната позиција на најниско платените, Но, и покрај тоа, во право се сите кои сметаат дека и со тој износ тие не го преминуваат прагот кој ги дели условите за преживување и за нормално живеење. Тој е далеку повисок. Тој е повисок и од просечната плата од 21.000 денари. Меѓутоа, како да се оствари такво ниво, не е прашање на желба, туку резултат на развојна стратегија, на динамика на економскиот раст и на порастот на продуктивноста на трудот во создавањето на новите вредности. Формално-правно може да се декларира и повисока минимална плата, но тешко е да се очекува дека таа може и да се реализира за кус период (поради неповолните последици врз интересот на сопствениците на капиталот да го одржат бројот на вработените и да го зголемуваат). Само да се потсетиме на „стравот“ дека бизнисмените ќе ги отпуштаат вработените кога се воведе минималната плата од 8.000 денари.  Може да се очекува дека такво нешто нема да се случи ниту по нејзиното зголемување на 10.000 денари. Секако, некаде може да се случи и тоа, но сигурно нема да биде во голем обем, бидејќи вработувањето во приватниот сектор никојпат не било мотивирано од социјални обзири. Профитот секогаш бил во преден план. Тоа значи дека со намалувањето на вработеноста ќе се намалат и нивните профити, а тие не сакаат тоа да им се случи. А ако навистина не се во состојба да остваруваат задоволителна заработувачка  на вложениот капитал и со новата минимална плата, тогаш во прашање се доведува и општествената оправданост на нивното опстојување. Не е во ред, во пазарна економија, да се остваруваат огромни профити на сметка на невидената конкуренција меѓу невработените за да дојдат до било каква плата. Она што сепак остава впечаток е дека со новата минимална плата која постепено треба да се реализира до 2016 година (односно до 2018 година за текстилната и кожарската индустрија) Македонија ќе се вброи во земјите кои утврдиле највисока минимална плата во однос на просечната. Меѓутоа, со оглед на нивото на минималната во однос на просечната, се покажува дека просечната е многу мала. Значи, не е проблем минималната, туку просечната.  Се поставува прашањето, дали минималната  ќе може и понатаму да се зголемува ако не дојде до зголемување на  просечната плата. Минималната не смее да дојде на ниво на просечната. Доколку тоа се случи, таквата ситуација би довела до урамниловка во која би се дестимулирал висококвалификуваниот и иновативен труд, што би било штетно за вкупниот развој. Меѓутоа, исто така е штетно што и долг период, поради недефинираната или на ниско ниво определена минимална плата, има стагнација на просечната плата во земјата. Во овој контекст интересен беше предлогот од комората на Северо-западна Македонија за зголемување на минималната плата речиси до износ на просечната (20.000 денари), со цел, секој што вработува, на ангажираните да им обезбеди понормална егзистенција. А кој не е во состојба тоа да го обезбеди не треба и да ангажира луѓе надвор од семејството. Штета е што тоа не го поткрепија  со податоци од кои би се виделе заработките на сопствениците на капиталот во однос на вложениот капитал. А проблем е што за такви податоци не се заинтересирани ниту институциите. Очигледно, односите меѓу трудот и капиталот се’уште не се во фокусот на нивното внимание. Оваа потреба, нема сомнение, ќе ја наметне решението за зголемување на минмалната плата, бидејќи, набрзо или подоцна, ќе изнуди поместување и на платите на другите категории вработени на повисоко ниво. А тогаш ќе се постави прашањето за придонесот на трудот и капиталот во развојот на фирмите. Во недостиг на такви информации во голема мерка се релативизира и „посакуваното“ ниво на минималната плата од страна и на опозицијата и на власта. Не треба да се превидува дека, додека сега се зголемува номиналното ниво на минималната плата, повеќе години се бележи опаѓање на реалната просечна плата, со тренд на зголемување на јазот меѓу номиналната и реалната просечна плата. Тоа значи дека зголемувањето на инфлација го подјадува и порастот на минималната. Да не ни се случи додека се постигне предвиденото ниво тоа да се десеткува поради порастот на цените. Затоа, ефектите од минималната плата, како специфична цена на трудот, можат да дојдат до израз единствено доколку таа  се корегира истовремено и со порастот на цените и со порастот на продуктивноста на трудот. Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок