Добивај вести на Viber
Специјалниот суд во Белград денеска го ослободи српскиот бизнисмен Станко Суботиќ - Цане од обвиненијата за шверц на цигари од Македонија во Србија во текот на 90-тите години. Заедно со него, ослободени се и поранешниот директор на Сојузната царинска управа Михаљ Кертес и уште 13 лица.
Пресудата доаѓа откако Апелациониот суд ја укина првичната пресуда, со која Суботиќ беше осуден на шест години затвор. Овојпат Обвинителството бараше казна затвор од осум години и заплена на имотот на бизнисменот, но судењето за врши со ослободителна пресуда.
Во образложението на пресудата се наведува дека ваквата одлука е донесена поради застареност на обвинувањето за кривично дело од 1995 година, но и поради тоа што со оригинална документација било докажано дека компанијата „Суксес“, преку која наводно Суботиќ ги шверцувал цигарите, била под контрола на Војската на Сојузна Република Југославија.
За Суботиќ, пресудата е очекувана. „Оваа фарса беше исконструирана од политичари, првенствено од кабинетот на Коштуница, па до кабинетот на Тадиќ, со цел преку една страотна медиумска кампања да се прикрие намерата да бидам рекетиран и да ми се грабне имотот“, вели тој.
Обвинителството најавува жалба на пресудата, истакнувајќи дека во текот на судењето биле презентирани обемни докази и искази на сведоци кои оделе во прилог на тужбата. „И тоа како има сериозни докази, писмени докази, докази кои се прибавени во постапка на меѓународна правна помош. Има сериозни искази на сведоци во текот на главниот претрес кои на поинаков начин ги опишуваат и аргументираат постапките на лицата против кои е подигнато обвинението“, вели српскиот обвинител за организиран криминал Миљко Радисављевиќ.
Суботиќ беше обвинет дека бил на чело на групата која шверцувала цигари во 1995 и 1996 година од Македонија во Србија, со што, како што стои во обвинувањето, го оштетил српскиот буџет и стекнал добивка од 28 милиони евра и шест милиони долари.