20 Април, 2024
0.0256

Не грижете се! Американците нема да извршат „самоубиство“ поради долгот!

Објавено во: Колумни 21 Октомври, 2013

Добивај вести на Viber

Заврши првиот чин од претставата именувана како „буџетски и долговен плафон“ во САД.  Но, и покрај спуштањето на завесите , многу е извесно дека ќе следи и „втор чин на драмата“ . Имено, постојното ниво на буџетскиот дефицит ќе и’ овозможи на американската влада да функционира до 15 јануари наредната година. Ако дотогаш не се најде трајно решение,  американската и светската јавност повторно ќе се преплашуваат со најцрни сценарија поради можното запирање на работата на владата и владините институции и немоќта да ги враќа направените долгови.

Она што засега е сигурно е дека со постигнатиот компромис барем  за одреден период престанаа грижите на преплашените за судбината на САД и за проблемите во светот што би настанале поради неможноста на владата да ги сервисира своите долгови. Меѓутоа, остана да виси прашањето, од една страна, колку е основан стравот од катаклизмички последици доколку не се постигне задоволително решение за горните лимити на буџетот и јавниот долг на земјата, а од друга страна, дали двете најголеми политички партии можат да си дозволат „луксуз“ да си играат со судбината на земјата, со оглед на тоа што од решението зависат не само милиони вработени во администрацијата и во секторите кои се финансираат со буџетски средства, туку и функционирањето на вкупната економија, особено поради врските и влијанието во светското стопанство. И не е случајно што се најде времено решение во последен момент. Извесно е дека такво решение ќе се најде и во вториот чин на „драмата“. Не се знае само до кога ќе трае „претставата“. А ќе потрае. Јасно е дека противречните интереси што ги застапуваат двете партии се толку заострени што и едните и другите сметаат дека од крајниот исход зависи не само нивната доверба кај граѓаните што ги застапуваат, туку и судбината на земјата. Но, и покрај тоа тие се „пазарат“ до 5 до 12 часот. Тоа што е исправно за демократите (јакнење на социјалната и здравствената заштита) е неприфатливо за републиканците, бидејќи, според нив, води кон социјализам односно кон напуштање на основите на системот што на секој граѓанин му го овозможува остварувањето на неговиот сон, „американскиот сон“.

Расправите по овие прашања траат уште од Големата депресија од 30-тите години на минатиот век, а последната најголема криза по депресијата само ги заостри спротивностите до изведување на „игра со живци“ (во смисла на тоа кој ќе попушти), иако е извесно дека досегашниот тек на настаните води кон јакнење на моќта на државата за да ги решава социјалните тензии во општествата (со прераспределба на доходот што се создава), со цел да ги избегне можните конфликти, поради незадоволствата од нееднаквоста и се’ поголемата сиромаштија.

Покрај ваквите обзири, Американците имаат уште една причина, по прашањето на буџетот и долгот, да избегнат борба до крај. И на демократите и на републиканците им е сосема јасно дека можат да се препукуваат до безсвест, но не смеат да ја доведат владата во ситуација да не може да ги подмирува обврските спрема странските доверители. Тоа ќе предизвика непоправливи штети не само за глобалното стопанство, туку и за самите САД, со голема извесност дека, после таков конфликт, тие ќе ја изгубат довербата која ја уживаа досега и од која имаа голема полза. Французите ваквата позиција ја дефинираа како „претерана привилегија“. Затоа САД не можат да си дозволат да ги загубат бенефитите. Тоа би било како сами да си пукаат во виталните органи. Особено не на денешното ниво на однос на силите во меѓународните односи, кога слабее моќта на САД. Тоа може само да ги забрза реформите во меѓународниот монетарен и финансиски систем во насока на создавање на глобална валута и на истиснување на доларот и другите национални валути од функциите на светски пари. Водени од себичноста на националните интереси силно спротивставените водечки партии тоа нема да го допуштат. Од  таквата позиција на доларот се остваруваат значајни привилегии за националната економија. И доколку не мораат од други причини (на пример, мѓународни притисоци), тие самите од нив нема да се откажат, а уште помалку да ги доведат во прашање поради политичка кратковидност (заслепени од партиските интереси).

Позицијата на доларот како глобална валута на САД им овозможува од една страна, да се финансираат со странски безкаматни средства од државите кои држат доларски девизни резерви, а од друга страна, и со странска акумулација од земјите кои имаат суфицити  на тековните сметки во односите со САД. Иако е тешко да се процени цената од губењето на доларската позиција како водечка меѓународна валута, професорот Бари Ајхенгрин цени дека  таа би можела да се движи околу 2% од БДП на САД или едногодишна вредност на економски раст (околу 320 милијарди долари годишно). А овој износ не е за потценување дури ни за САД.

П.С. Препораката очигледно и по петти пат нема да биде испочитувана во органот на Унијата, во кој се одлучува со консензус, со оглед на ултимативниот став на Грција. Значи, уште една препорака во празно.....,а Македонија доколку сака да го избегне друштвото на земји влезени во финансискиот должнички втрлог несмее да продолжи со порастот на дефицитите за финансирање на непродуктивна потрошувачка. Впрочем, колку некој и  да има намера да се релативизира овој акутен проблем, и во Извештајот јасно се предуптредува на трендот на зголемување на јавниот долг. Оттука, од суштествено значење е и преиспитувањето на  моделот на развој во насока на создавање на извозно ориентирано стопанство. Без тоа прогресот е неизвесен.

Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок