27 Април, 2024
0.0280

Не може секој да ја напушти својата земја

Објавено во: Колумни 31 Јануари, 2014

Добивај вести на Viber

Имав среќа по дипломирањето на покана од семејни пријатели неколку месеци да престојувам во Сиднеј, Австралија. Егзотична дестинација, но далечна и многу скапа за престој. Ако не си популарен пејач на народни песни, или ако немаш роднини или пријатели, тешко дека можеш да си ја приуштиш. Луѓето ме прифатија како свое дете, ме запознаа со убавините на овој прекрасен град, се дружев со нивните пријатели, ми ја отворија својата душа и се трудеа да се чувствувам како дома. За тоа топло гостопримство, секогаш ќе им бидам благодарен, а еве и по толку  години поминати, не можам да го заборавам чувството што го доживеав таму. Но токму од разговорите со нив можев вистински да го доживеам копнежот за напуштената татковина. При секое нивно сеќавање и прераскажување на настани од нивната родна Македонија, солзите беа неминовни. Срцето ми се корнеше кога ги слушав како со тага раскажуваат за пропуштените работи, за блиските, за Вардар..за чаршијата, за детството. Имаа обичај на неделен ручек, да пуштат некоја стара касета со македонска музика, и на звукот на старите галички гајди да се растажат. Дури и звукот на гајдата, која дома воошто не го сакам, таму, во туѓина звучи поинаку и буди емоција. Дефинитивно можев да заклучам дека тоа се храбри луѓе, кои го жртвуваа својот живот за иднината на своите деца. Со години работеа тешка физичка работа, за нивните деца да се образуваат. Фала богу нивните потомци ја оправдаа нивната жртва. Денес тоа се успешни луѓе што заработуваат и над 20.000 долари месечно, среќни и спокојни, кои живеат исполнет живот, кои му се радуваат на животот. Секој родител го посакува тоа за своите деца, па и за себе. Тие луѓе имаат успешна приказна, и добиле потврда за оправданоста на својата одлука, да се преселат во странство. Но тоа не е така со сите (а најчесто лошите работи што се случуваат ретко кој ги прераскажува)! Не секој може да го добие својот мир и спокојство во туѓина, бидејќи за да успееш надвор е многу потешко отколку тоа да се случи дома. Секако полесно се снаоѓаат луѓето кои раснат таму, отколку оние кои пуштаат корени во татковината па потоа заминуваат, исто така има врска и колку личноста е емотивна и врзана за домот и семејството, толку и е потешко да функционира нормално во туѓа средина. Но, не секој може да ја напушти својата земја, и така лесно да се реши за живот во туѓина, да го напушти своето маало, каде на пат до продавница ќе направи муабет со неколку луѓе. Каде го познаваат, и каде се чувствува колку, толку сигурен, макар привидно. Но што е причината што ги тера луѓето да размислуваат за напуштање на својата родна земја? Најчеста причина е подобрување на материјалниот статус, сиромаштијата била главната причина и во минатото, а и денес, а поретко несогласувањата со политичкиот систем, и неможноста за професионално реализирање во својата професија. Ретко дека и денес постои млад човек, а и не само млади кои не си го поставуваат тоа прашање. Сите живееме во некој грч, несигурност, со страв да не се случи нешто лошо. Титовата парола “живеј во мир, но спремај се како утре да ќе има војна” како да лебди во воздух. Иако е паролава од тој период, во тоа време луѓето живееле лабаво и по спокојно од нас. Јас сум политички неопределен, и не сакам да муабетам за политика, само сакам  подобар животен стандард, повеќе опции, повеќе спорт и култура, а помалку несуштински расходи (кои се сепак средства добиени од сите нас), поинакви теми во вестите на нашите телевизии (а не каде кој министер, што направил), повеќе приказни за малите обични луѓе..за повеќе граѓански теми и можности! За да не размислуваме за напуштање на својата татковина! Сашо Дуљанов

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД