НЕ СЕ РАБОТИ ЗА ЧЛЕНСТВО: Макрон има предлог за Турција
Објавено во: Свет 05 Јануари, 2018
Претседателот на Франција, Емануел Макрон му предложи на турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган „партнерство” со ЕУ наместо полноправно членство.
Вели дека сидрото на Турција треба да остане цврсто во Европа. Макрон додаде дека е јасно дека неодамнешниот развој на настаните не дозволува било каков напредок во започнатиот процес мислејќи на бројните кршења на човековите права во Турција.
„Да видиме дали има начин да најдеме нов пристап за односите, но не во рамките на процес за интергација туку како соработка, партнерство со финална цел, а таа е да се сочува сидрото на Турција и на турскиот народ во Европа и таа да ја гради нејзината иднина гледајќи кон Европа заедно со Европа”- изјави Макрон по денешната средба во Париз со Ердоган.
Ердоган одговори дека неговата земја е „уморна” од чекање можно членство во ЕУ.
„Веќе 54 години Турција чека на влезот на ЕУ и не можеме ние постојано да молиме за влез во ЕУ”- рече Ердоган.
Турскиот претседател потсети дека досега се отворени 16 преговарачки поглавија помеѓу ЕУ и Турција од вкупно 35 и дека тие 16 поглавија никогаш не биле затворени.
Пред доаѓањето на турскиот претседател во Париз, организацијата Репортери без граници одржа демонстративен марш пред турската амбасада. Новинарите носеа фотографии од нивните колеги уапсени во Турција.